|
||||
Крум Тошев |
Крум Тошев Крум Тошев (16 II. 1912 - 1976) е македонски славист, македонист и универзитетски професор. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и на првиот редалциски совет на Државно книгоиздателство на Македонија. Како професор го одржал првиот студентски час на новооснованиот Филозовски факултет во Скопје. Коавтор е на првиот „Македонски правопис со правописен речник“, како и автор на повеќе учебници и читанки по македонски јазик и литература за основно и средно образование. Крум Тошев е роден на 16 февруари 1912 година во Прилеп. Завршил гимназија во Битола, а потоа дипломирал на Филозовскиот факултет во Белград во 1937 година. Работел како професор во Даниловград, Струмица и Слатина. По оддржувањето на Првото заседание на АСНОМ, во периодот од крајот на ноември до почетокот на декември 1944 година Крум Тошев бил член на првата Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик, која имала задача да го развие и стандардизира македонскиот литературен јазик преку воведување на македонската азбука и македонскиот правопис. И покрај промена на одредени членови, тој учествувал во работата и на дргите две Комисии за воспоставување на македонскиот јазик, азбука и правопис, кои се состанале во пролетта 1945 година. Истата година, Крум Тошев бил член и на првиот редакциски совет на новооснованото Државно книгоиздателство на Македонија (Ред. К. Тошев и B.Иљоски - Силјан Штркот и Кузман Капидан, народни приказни, 1945 г.). Како професор го одржал првиот студентски час на новооснованиот Филозовски факултет во Скопје, во делември 1946 година. За време на Културната автономија во Пиринска Македонија, Крум Тошев држел предавање во Горна Џумаја за македонскиот јазик. Според сеќавањата на негов современик: „кога еден Бугарин поставил едно провокативно прашање во врска со тоа што е Македонец, а што Бугарин? Тошев, не можејќи да се воздржи му одговорил: Знаете, кога некое семе ќе се измелези, нашиот народ вели – се избугари…“ Крум Тошев бил раководител на Одделот за народна книжевност при Институтот за фолклор и прв директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, основан во март 1953 година, како наследник на институтот за фолклор и литература. Тој бил уредник на списанието „Македонски јазик“ и „Литературен збор“. Списанието „Македонски јазик“ започало да излегува во јануари 1950 година како месечен билтен на Катедрата за македонски јазик при Филозофскиот факултет, а во првиот уреднички состав биле: Блаже Конески, Крум Тошев, Божо Видоески и Радмила Угринова - Скаловска. Блаже Конески и Крум Тошев, како коавтор, го издаваат првиот „Македонски правопис со правописен речник“ во ноември 1950 година во Скопје. Освен тоа, Тошев е автор на повеќе учебници и читанки по македонски јазик и литература за основно и средно образование, како и поголем број научни и стручни трудови за основните карактеристики нав фонолошкиот и граматичкиот систем на македонскиот литературен јазик. Придонес на Крум Тошев за македонскиот литературен јазик е огромен. За него Блаже Конески ќе напише: Тошев е навистина голем.Тој е во основата на она што го нарекуваме македонистика и во потесна смисла наука за македонскиот јазик. Крум Тошев починал во 1976 година во Скопје. |