|
||||
Симеон Кавракиров |
Симеон Кавракиров (16. XI 1889 – 14. VI 1934) е македонски револуционер, раководител на ВМРО(Об) и член на БКП (т.с.). Поради својата активност бил прогонуван и затворан од властите. Во ВМРО(Об) бил секретар на Обласниот комитет за Бугарија од 1928 г. и раководител на III револуционерна област – Пиринскиот дел на Македонија од 1929 г. Во јуни 1932 г. бил киднапиран од политичките противници и, по долго измачување, бил убиен. Симеон Кавракиров е роден на 16 ноември 1889 година во Солун, во семејство на Христо и Велика Кавракирови. Потекнува од богато семејство и ужива големо влијание и авторитет во македонските кругови. Татко му и сите членови на ова семејство биле активни дејци во ослободителната борба на македонскиот народ. Речиси целото семејство било посветено на образованието. Неговите браќа и сестри биле учители. Се образувал во родниот град, а во 1919 година се преселил во Софија каде што студирал право на Софискиот универзитет. „Гледајќи ја сликата на страшните страдања на македонската емиграција, гледајќи ја политиката на грабеж и угнетување, како на балканските буржоаски влади, така и на целиот империјалистички свет кон Македонија - тоа не можело а да не влијае на неговата душа, на неговите сфаќања и како интелигентен човек негува прогресивен ум, прогресивни сфаќања, прогресивни идеи за ослободителната борба на македонскиот народ.“ Во 1920 година станал член на Бугарската комунистичка партика – тесни социјалисти (БКП – т.с.) и Емигрантскиот комунистички сојуз. Од 1924 година работел во Пловдив каде раководел со месниот комитет на БКП и воената организација. По провалата на организацијата во мај 1925 година бил уапсен и осуден на една година затвор. По решението на БКП, влегол во ВМРО (обединета) и од 1929 година бил секретар на Обласниот комитет на организацијата, а од 1929 година раководител на третата револуционерна област (Поринска Македонија). Под псевдонимот Павел работел на формирање на групи на ВМРО (об.) на територијата на Пиринска Македонија. Симеон Кавракиров имал добар глас и пеел во хорот на блиската црква „Св. Света Септуагинта“, а како вработен во Народниот театар и во хорот на Операта. Неговата акивност во Пиринскиот дел на Македонија, била спротивставена за делувањето на ВМРО на Ванчо Михајлов. На 8 јуни 1932 во Софија бил киднапиран од луѓе на ВМРО по наредба на Иван Михајлов и со автомобил бил однесен во непознат правец. По две години долго измачување, при обид за бегство бил убиен. Имал само 35 години кога умрел. Симеон Кавракиров починал на 14 јуни 1934 година во Семково, Рила, Бугарија. Погребан е на Централните софиски гробишта.
|