|
||||
Ѓорѓија Пулевски |
„За Македонци оту имале свои цареви и царствено управленије познаваме уште од Тројанскиот бој“…. ( Историја- Ѓорѓи Пулевски) Дал сте чуле, Македонци, стари људи оти говорат: Од Македонци појунаци над них не било - Цар Александар Македонски триста лета пред Христа со Македонци сву вселену повладал... Ево днеска в македонској кралевини наши браќа тужат зашто само назе под ропство оставјат зато и мие хоштеме своју домовину... Браќа наши Македонци од православна вера, да се сви сложиме, јуначки бориме, како наши стари под цар Александром, повтор спомен своим имам по нас оставиме! Историју стару да оживиме." „За коренот славјански началото си водат уште от разделуването на јазициве (во Вавилон) . Заре уште от тога, тије оставиле полето Синахар, тики от Азија в Јевропа излегле и се населиле во тије места што денес ги држат Македонци, Болгари, Срби, Далматинци, Хорвати, Бошнаци и Ерцеговци“, пишува Пулевски во неговата „Историја“ на околу 1.000 страници, која ја завршил во ракопис во 1893 година. Тој додава дека Македонците уште од најстаро време постепено се намножувале и живееле на едно исто место, каде што живеат и денес. Покрај секој дел во „Историјата“, Пулевски го наведува изворот на информациите. Така, се среќаваат историчарите Михаил Ломоносов, Мавро Орбини, Јован Боемски, Никифор Грегорас, Јоан Зонара, Јенеа Силвија, Антонио Бофинио, Јован Раиќ и многу други. Ѓорѓија Пулевски или Ѓорѓи Пулевски (1817, Галичник – 13 февруари 1893, Софија) бил македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач. Роден во селото Галичник, Ѓорѓија од печалбар-ѕидар во Романија до почетокот на 60-те години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора поволина на 19 век. Тој ја започнува борбата за слобода на својот народ, истовремено учествувајќи во ослободителната борба и на другите балкански народи. Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина, Пулевски најпрвин се вклучува како доброволец во ослободителните акции во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на „понтонерска чета“, се бори против турскиот гарнизон во Белград. Потоа, по избувнувањето на Српско-турската војна (1876) тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска. Веќе во следната година започнува Руско-турската војна и Пулевски е одново со својата чета во редовите на авангардата на руската армија за време на ослободувањето на Бугарија. Со Одринското примирје и Санстефанскиот прелиминарен договор е прекинато заземањето и на Македонија. Но уште во следната година (1878) Пулевски пак активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ. Не помалку е значајна неговата културно-национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово првопечатено дело е „Речник од четири јазика“ (или четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година. Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот. Втората публикувана книга на Пулевски е „Речник од три јазика“ (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 година. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни. По неуспехот на македонското Кресненско востание и неговото заминување во Софија, во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја „Самовила Македонска“. Во неа е одразена идеологијата на македонските учесници во Кресненското востание. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја „Македонска песнарка“ (во две книшки). Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни. Во следната 1880 година излегува од печат и „Слогница речовска“, којашто претставува прва публикувана граматика на македонскиот јазик. Во неа Пулевски се обидел да создаде основни норми на македонски литературен јазик, комбинирајќи го централно-македонското наречје со словенската писмена традиција во Македонија, креирајќи при тоа мошне интересна лексика и позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани. Како дел од активноста на Пулевски сред македонската емиграција во Софија е и формирањето на Словеномакедонската литературна дружина во 1888 година, под негово претседателство. Таа има особено значење како прва македонска литературна асоцијација воопшто и тоа е само уште еден доказ за неговата патриотска културна дејност и национално-политичка ориентација. Меѓутоа, посебно место во претставувањето на делото на Пулевски зазема неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“, завршена во 1892 година непосредно пред неговата смрт. Не е за занемарување и неговиот обемен ракопис, насловен како „Јазичница“, завршен исто така во Софија, што претставува специфичен прирачник за изучување на македонскиот јазик. |