|
||||
Петар Драганов |
Петар Даниилович Драганов (1/13. II 1857 – 7. II 1928) е бесарапски Бугарин, руски славист, педагог и основоположник на македонистиката во Русија. Тој ја истражува историјата, јазикот, литературата, фолклорот, етнографијата и културата на Македонија и со посредство на своите ученици (и од учениците од другите градови) собира богат фолклорен, јазичен и етнографски материјал, од кој потоа го објавува првиот (од трите дела) зборник македонски епски народни песни со македонско национално обележ је „Македонско-славянский сборникъ съ приложениемъ словаря“. Петар Даниилович Драганов е роден на 1 февруари 1857 година во Комрат, По потекло тој е Бугарин од Бесарабија во руска служба. Со основното образование се здобил во Комрат (1875), а со средно во Кишинев (1875–1877) и Харков (1877–1880). Потоа се запишал на Историско-филолошкиот факултет (славјанскоруска филологија) на Харковскиот универзитет (1880–1882), а високото филолошко образование го завршил со кандидатски степен на Универзитетот во Санкт Петербург (1882–1885). Заради лично усовршување, десетина години подоцна дипломира и на Археолошкиот институт на РАН во Петербург (1898). Со оглед дека од почетокот на 1883 година добивал студентска стипендија од Софија, година дена по дипломоирањето, Бугарската егзархија од Цариград го назначила „како специјалист-славист на должноста учител по црковнословенски јазик и по општа историја во Солунската гимназија и од март 1885 гидина, Драганов веќе бил во Солун, Македонија, каде имал блиски врски со локалниот руски генерален конзулат. Во периодот од 1885 до 1887 година, во двете учебни години, по препорака на својот професор Ламански, Драганов ја истражувал историјата, јазикот, литературата, фолклорот, етнографијата и културата на Македонија. Со помош на своите ученици од разни градови во Македонија (Скопје, Битола, Воден, Кукуш и др.) собрал богат фолклорен, јазичен и етнографски материјал, од кој потоа го објавил првиот (од трите дела) зборник македонски епски народни песни со македонско национално обележје „Македонско-славянский сборникъ съ приложениемъ словар“. Подготвувал „Материјали за етнографијата, за статистиката и за дијалектологијата на современата Македонска провинција“, но тие останале главно непубликувани. Според Драганов, Македонија претставува посебна етнографска област на Балканот, а славјанските македонски јазици претставуваат самостоен македонски јазик. Според некои автори, Драганов со своите публикации ги поставил темелите на македонистиката во Русија. По враќањето од Солун учителствува во гимназиите во Комрат, Севастопол и во Кишинев (1887– 1895), а потоа станал помошник библиотекар и раководител на Одделението за славјански книги во Публичната библиотека во Санлт Петербург (1896–1904); а потоа одново стапил на служба во просветата како учител, инспектор и директор во средните училишта во Астрахан, с. Ровное, во Кагул, во Комрат и во Болград до пензионирањето (1904–1926). Петар Даниилович Драганов починал на 7. II 1928 година во Комрат. (подготвил Т. Каранфилов) |