|
||||
Наум Наумовски - Борче |
Наум Наумовски - Борче (1. IV 1920 - 28. IX 1960) е македонски комунистички деец, првоборец и народен херој. По Априлската војна во 1941 г. се вратил во родниот град и како член на МК на КПЈ во Крушево веќе од мај работел на подготовките за вооружено востание. Прво бил политички комесар на Крушевскиот НОПО „Питу Гули“, а потоа заменик политички комесар на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ, политички комесар на баталјон во Првата македонско-косовска НОУБ, на Втората македонска НО бригада, на Четириесет и првата (македонска) дивизија на НОВЈ и политички комесар на Петнаесеттиот (македонски) корпус на НОВЈ и член на ГШ на НОВ и ПОМ. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. Во два мандата бил градоначалник на Скопје: во 1950 и од 1956 до 1960 г. Наум Наумовски е роден на 1 април 1920 г. во Крушево. По основното образование, завршол два класа гимназија во Прилеп, а потоа со семејството се преселил во Белград. Таму завршил нижа гимназија, а потоа од 1938 до 1940 г. работел во фабриката за авиони „Рогожарски“. Тој се приклучул на работничкото движење и учествувал во штрајкови. Таму се запознал и со Мирче Ацев. Поради учество во штрајк во фабриката каде работел бил затворен на Ада Циганлија. Во 1940 г., по излегувањето од затвор станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). За време на Втората светска војна Наум учествувал во Народноослободителната борба во Вардарска Македонија.. По Априлската војна во 1941 г. Наум се вратил во родниот град и од мај 1941 година работел на подготовките за вооружено востание. Под партизанското име „Зеко“, прво бил член на МК на КПЈ во Крушево. а од пролетта 1942 година бил политички комесар на Крушевскиот партизански одред „Питу Гули“. Со почетокот на зимата, кон крајот на 1942 година, Наум се илегализирал, а потоа заминал за Западна Македонија под италијанска окупација, каде што под партизанското име Борче заземал повеќе високи функцци во македонската војска. Наум Наумовски - Борче бил заменик политички комесар на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ, политички комесар на баталјон во Првата македонско-косовска НОУБ, на Втората македонска НО бригада (од јануари 1944), на Четириесет и првата (македонска) дивизија на НОВЈ и политички комесар на Петнаесеттиот (македонски) корпус на НОВЈ и член на ГШ на НОВ и ПОМ. Исто така бил и делегат на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944 г.). По Ослободувањето Наум Наумовски Борче бил републички и сојузен народен пратеник, секретар на Сојузниот совет на Народното собрание на ФНР Југославија, член на Владата на НР Македонија, член на Сојузниот одбор на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија (ССРНЈ), член на Претседателството на Главниот одбор на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ), член на Извршниот комитет на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Македонија (ЦК на СКМ), член на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија (ЦК на СКЈ). Во два мандата бил и градоначалник на Скопје во 1950 и од 1956 до 1960 г. Наум Наумовски - Борче починал на 28 септември 1960 година во Скопје. Тој е носител е Партизанска споменица 1941 и други одликувања меѓу кои: Орден заслуга за натопд од прв ред, и Орден за храброст. Со Орден на народен херој на Југославија одликуван е на 29 декември 1951. Подготвил Т. Каранфилов |