|
||||
Крсто Захариев |
Крсто Захариев (1860- 27.VIII.1899) е ајдутин и македонски револуционер. член на Македонскиот комитет. Бил помошник војвода на Стојо Костов и со четата учествувал во Мелничкото востание во 1895 година. Во мај 1897 година, учествувал во неколку престрелки со турскиот аскер, во кои бил ранет Јане Сандански. Истата година, по налог на Гоце Делчев, формирал агитациона чета со која заминал за Македонија, но таа не ги оправдала очекувањата. Крсто Захариев или Зарев е роден во 1860 година во серското село Ореховец, Егејскиот дел на Македонија. Поради тешките робски услови кои владеат во тогашната Отоманската империја, тој станал ајдутин и помошник војвода на Стојо Крстев, со кого десет години крстосувал по Пирин Планина и Боздаг. Крсто со неговите другари не жалејќи ги своите животи ги гонел душманите и го заштитувал мирното население, кое ќе го слави и ќе му испее песни. Захариев се населил во Дупница и учествувал во акции на Македонскиот комитет, раководно тело на македонските емигрантски друштва. Во 1895 година заедно со војводата Стојо Костов учествувал во Мелничкото востание или Четничката акција на Македонскиот комитет. По палењето на Доспат, заедно со војводата и 15 други ајдуци, се одвоиле од четата и отишле во Серско да киднапираат богат Турчин од Алистрат. За време на нападот на домот во месец август, војводата Дедо Стојо бил убиен, а четата се растурила. Помошникот војвода Захариев се вратил, повторно го нападнал чифликот, го исецкал телото на војводата на ситни парчиња и ги расфрлал низ полето за да не може да се дознае за смртта на стариот војвода, од чие име се плашеле сите Турци во регионот. Во 1897 година во Дупница, по повод Грчко-турската војна, бил формиран одред на Врховниот комитет, под раководство на Крсто Захариев, составен од триесетина четници, во кој бил вклучен и Јане Сандански. Најсериозен судир на оваа чета со турските војници бил околу селото Пирин, во месноста Дебели Рид. По еднодневна битка со околу 150 аскери, четата се повлекла без ниту еден убиен или ранет четник. Следела втора битка против околу 250 души аскер, која исто така завршила без загуби за водот. Кај селото Лопово четата повторно била изненадена од турскиот аскер, а во битката што избила загинал еден четник, додека Јане Сандански бил ранет во раката. Во мај 1897 година, по налог на Гоце Делчев, Захариев формирал агитациона чета во Бугарија и заминал за Македонија. Групата која била составена од 25-30 луѓе, од Дупница тргнала во правец кон долината на Струма. Но таа не ги оправдала очекувањата и по неколку престрелки со турските потери се вратила назад. Крсто Захариев или Зарев загинал на 27 август 1899 година на пат за Бугарија во битка со турскиот аскер во Мелничко, кај влашките колиби во Лопово. Заедно со него загинал и неговиот брат Иван Захариев, како и неговиот другар Стојан Ангелов од Решково. Современиците говорат дека тие ја пролија својата крв пред олтарот на татковината поради предавството на поранешен комита од село Капатово. Подготвил: Т. Каранфилов |