|
||||
Никола Мушмов |
Никола Мишмов (14.V.1869 – 31.I.1942) e нумизматичар, родум од Струга, работел во Народниот музеј во Софија. Тој го пручувал монетоковењето на повеќето балкански монетарници во античкиот и во средновековниот период. Публикувал разни каталози и прилози од областа на нумизатиката. Во 1912 година го објавил својот каталог „Древните монети на Балканскиот Полуостров“. Бил еден од основачите и најеминентните нумизматичари на Бугарија. Никола Мушмов е роден во Струга на 14 мај 1869 година во семејството на Анастас Мушмов, градоначалник на Струга. Следел неколку семестри политички науки на Сорбона во Париз. Но поради недостиг на средства ги прекинал студиите и заминал за Бугарија, каде биле поддржувани македонските емигранти. Така тој ќе стане дел од плеадата Македонци образувани во странство кои ќе помогнат во создавањето на бугарската интелигенција кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Во јули 1898 година, Мушмов бил делегат на македонското друштво во Провадија на петтиот конгрес на Македонската организација. Сепак неговите интереси го водат на полето на музејската работа. Долги години работел како секретар-сметководител (1894-1918) на Народниот археолошки музеј. Во 1918 година бил назначен за кустос на Нумизматичкото одделение, а од 1928 до 1931 година бил и директор на Народниот музеј. Благодарение на неговиот карактер, талент и добри контакти, тој успеал да зачува за музејот голем број извонредни монети богатства (Девненско, од Базарут, Николаево) и неколку големи приватни збирки (Васил Аврамов и др.). За да ја објави во 1912 година својот познат каталог „Древните монети на Балканскиот Полуостров“ (сега библиографска реткост), Мушмов ја ставил под хипотека својата куќа во Софија. Никогаш не успеал да ја врати својата инвестиција поради хиперинфлацијата од војните. Во овој каталог тој на преку 500 страници забележал повеќе од 7.600 видови монети кои најчесто се наоѓаат во овие краишта од антиката и средниот век, ковани во Дакија, Мизија, Тракија, Пајонија и Македонија. Постојат кратки извештаи за монети во Атина кои слободно кружеле низ Балканскиот Полуостров. Тој пишува и за разликата меѓу оригиналот и имитацијата, како и фалсификуваните монети ковани низ вековите во овие краишта. Мушмов е автор на 6 монографии и на над 90 научни написи. Сепак овој исклучителен труд на Никола Мушмов „Древните монети на Балканскиот Полуостров“, заедно со неговите истражувања за ковањето монети во Сердика (Софија), Филипопол (Пловдив), Марчианополис (Девнија) и многу други, го направија основоположник на нумизматичката работа во Бугарија и му даде европска слава уште пред еден век. Никола Мушмов е основачки член на Бугарскиот археолошки институт во 1920 година, на Историското друштво во Софија, на Француското научно нумизматичко друштво, на Австриското нумизматичко друштво, на романското друштво и други. Основачки член е на Македонскиот научен институт во Софија во 1923 година. Никола Мушмов на крајот од животот го загубил видот. Починал во Софија на 31 јануари 1942 година. Тихомир Каранфилов |