|
||||
Димитар Митрев |
Димитар Митрев (14. Х 1919 –24. II 1976) е македонски литературен критичар, универзитетски професор и академик. Пред Втората светска војна бил активист на македонските емигрантски движења и член е на Македонскиот литературен кружок во Софија. Во 1941 година, заедно со Никола Ј. Вапцаров бил соработник и редактор на прогресивниот неделен весник „Литературен критичар“. Од септември 1944 година учествува во НОБ во бригадата „Гоце Делчев“. Тој е редовен член на МАНУ од основањето во 1967 година и е еден од основоположниците и неколку пати претседател на ДПМ. Тој е меѓу најзаслужните наши дејци за забрзаниот развој на македонската книжевност и особено на македонската книжевна критика. Димитар Анастасов Митрев е роден на 14 октомври 1919 година во Деде-Агач, Грција. Тој е син на познатиот македонски деец, учител и борец за македонската самостојност Анастас Митрев, кој е родум од охридското село Завој. По Првата светска војна, откако на почетокот на 1920 година Деде – Агач припаднал на Грција, неговите родители се преселиле во Бугарија. Димитар завршил основно образование и прогимназија во Трговиште, а гимназиско во Шумен (Бугарија). Во Софија се запишал на студии по право, а високото образование го завршил по доаѓањето во Македонија на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата по филозофија). Како гимназијалец, а потоа и како студент, Димитар учествувал во работата на илегалните марксистичко-ленинистички кружоци во Бугарија и станал активист на македонските емигрантски движења. Во 1938 година станал член на Македонскиот литературен кружок во Софија. На почетокот на 1941 година, заедно со Никола Ј. Вапцаров е соработник и редактор на прогресивниот неделен весник „Литературен критичар“ . Тој е главен редактор на весникот „Народен билтен“. Димитар Митрев станал член на БКП во 1941 година, а од септември 1944 година бил член на КПМ. Исто така од септември 1944 година учествувал во НОБ во бригадата „Гоце Делчев“. Во текот на 1944 и 1945 година работел во Агитпроп на Брегалничко-струмичкиот корпус и го уредувал органот на Народноослободителниот фронт во Штип “Брегалнички глас“. Кон крајот на 1945 година се преселил во Скопје, каде ги извршувал функциите член на Врховниот суд и помошник-јавен обвинител од втората половина на 1946 до пролетта на 1947 година. Димитар работел и како уредник на Културната рубрика на весникот “Нова Македонија“. Во 1946 година, ја завршил Новинарската школа во Белград и се занимавал со уредувачка работа во разни весници и списанија (“Нова Македонија“, “Нов ден“, “Современост“). Во периодот од 1948 до 1950 година бил и помошник-директор на Радио Скопје. Тој е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, каде предавал теорија на литературата. Исто така, бил декан на Филозофскиот факултет од 1959 до 1963 година и ректор на Скопскиот универзитет “Св. Кирил и Методиј’ во 1974/75 и 1975/76 година. Динитар Митрев е редовен член на МАНУ од основањето во 1967 година и е еден од основоположниците и неколку пати претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Тој бил член и на Институтот за национална историја и на Редакцијата на Историјата на македонскиот народ од 1969 година. Тој е меѓу најзаслужните наши дејци за забрзаниот развој на македонската книжевност и особено на македонската книжевна критика. Творештво: „Антологија на македонската лирика“ (1951, со Блаже Конески), „Вапцаров“ (1953), „Критериум и догма“ (1956), „Минато и литература“ (1958), „Odsev Ilindenske wsatje v umjetni literaturi“ (Ljubljana, 1958) „Повоени македонски поети“ (Антологија, 1960), „Пиринска Македонија и БКП“ (1961), „Критики и огледи“ (1969), „Избрани дела“ (7 т., 1970), „Есеји и критике“ (Белград, 1975) „Пиринска Македонија во борба за национално ослободување“ (1980), „Пиринска Македонија“ (1986). За својата работа, тој е добитник на наградите „13 Ноември“, „11 Октомври“ и „АВНОЈ“. По повод сто години од неговото раѓање, од ДПМ ќе изјават дека „неговата личност и творештво се вградени во судбинските превирања и поетички потраги во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, низ кои се исцртувала развојната линија на македонската литература. Книжевно-теориските погледи, критиката и стилот на Митрев се неодминливи поглавја во македонската културна историја, но и изворишта на сè уште жива мисла која може да даде своевиден придонес во толкувањето и на некои современи книжевни состојби.’ Димитар Митрев починал на 24 февруари 1976 година во Скопје. Димитар Митрев е татко на поранешната македонска политичарка и универзитетска професорк, поранешна министерка за надворешни работи на Македонија Илинка Митрева. Тихомир Каранфилов |