|
||||
Никола Макеларски |
Никола Макеларски - Бецко (1914 - 10. Х 1980) е македонски партизан, комунистички деец, првоборец, сообраќаен инженер. По бегството од германски логор во 1942 година се вклучил како борец во српски партизански одреди, а потоа се префрлил во Македонија. Како искусен командант заминал во Поречието да формира нов партизански одред. Учествувал во разбивањето на четничките сили во Поречието, бил назначен за политички комесар на Дебарскиот НО младински баталјон во 1943 година и учествувал во пробивот на Сремскиот фронт како командант на Првиот баталјон на X V македонски корпус на НОВЈ. Носител е на Партизанска споменица 1941. Никола Макеларски е роден во 1914 година во Дебар. Основно училиште завршил во родниот град, а во 1938 година вечерен Градежен техникум во Скопје. Како ученик во Скопје пишувал песни на македонски јазик, од кои полицијата му одзела околу 100 песни. Макеларски бил синдикален активист во УРС-овите синдикати во Белград, Сремска Митровица и Ниш. По отслужувањето на воениот рок, поради комунистичка дејност, бил уапсен и испратен во затворот во Ниш. Таму се сретнал со Јордан Николов-Орце. Додека бил на робија, во весникот „Наша реч“ од 22. IV 1939 година му била објавена песната “Апсана“ . Воена операција на силите на Оската против Југославија во 1941 година позната како Априлската војна или Aufmarsch 25, го затекнала Никола Макеларски во Нишкиот затвор, по што бил префрлен во германски логор на Црвениот крст. На 12 фебруари 1942 година Макеларски избегал од логорот и се вклучил како борец на Нишкиот Народноослободителен партизански одред (НОПО). След тоа влегол во Врањскиот НОПО, а потоа бил поставен за заменик- политички комесар на Мишарскиот НОПО и политички комесар на Озренскиот НОПО. Во есента 1943 година се префрлил во Скопскиот НОПО и како искусен командант на одред заминал во Поречието да формира нов партизански одред. Учествувал во разбивањето на четничките сили во Поречието, бил назначен за политички комесар на Дебарскиот НО младински баталјон во 1943 година. Во 1945 година учествувал во пробивот на Сремскиот фронт како командант на Првиот баталјон на XV македонски корпус на НОВЈ. По пробивот на фронтот останал во служба на Генералштабот на НОВЈ во Белград. По Ослободувањето завршил Воена академија (градежна насока) во Ленинград (СССР, 1946 -1951) и како инженер за истражување на железничките линии и јазли се активирал во Советската армија, каде останал до 1964 година.. По враќањето во Македонија работел во македонски железници - Проектантското биро на ЖТП. Никола Макеларски - Бецко починал на 10 октомври 1980 година во Струга. Носител е на Партизанска споменица 1941. Подготвил: Т.К. |