|
||||
Крсто Мангов |
Крсто Мангов (1912 – 11. VIII 1949) е македонски револуционер, деец на Македонското националноослободително движење, учесник во грчкото комунистичко и антифашистичко движење. Во 1943 година станал член на Околискиот комитет на КПГ за Костурска околија. Во МНОД бил претседател на Околискиот одбор на НОФ за Костурско и член на Главниот одбор на НОФ за Егејскиот дел на Македонија. Крсто Мангов целиот свој живот го посветил во борбата на национално и социјално ослободување на македонскиот народ. Крсто Мангов е роден во 1912 година, во селото Д’мбени, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, во земјоделско семејство. Уште од најмлади години воспитан во духот на светлите традиции на своите претци, тој ги следи стапките на македонските револуционери Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски и други револуционерни херои од селото. Во текот на Втората светска војна, по окупацијата на Грција во 1941 година од страна на агресорските германски и италијански фашистички сили, Крсто Мангов меѓу првите во селото се вклучил во борба против туѓите поробувачи. Во 1943 година, поради неговата активност во ослободувањето на македонскиот и грчкиот народ станал член на Околискиот комитет на КПГ за Костурска околија. По формирањто на Славјано-македонски народноослободителен фронт (СНОФ), во октомври 1943 година во Д’мбени, тој неуморно агитираше меѓу македонскиот народ за борба против окупаторите и домашните предавници. Особено се истакнувал во борбата против бугарската фашистичка пропаганда која соработувала со германско-италијанските окупатори и со грчката квислиншка власт. Со формирањето на Првата ударна бригада на Македонците под Грција во ноември 1944 година, Крсто Мангов стана политички комесар на баталјон во Бригадата. До крајот на Втората светска војна, тој се борел останат на таа должност. По потпишувањето на капитулантскиот договор во Варкиза на 13 февруари 1945 година, Крсто Мангов се вратил во родниот крај и, подоцна меѓу првите се вклучил во организирањето и омасовувањето на македонскиот народ во редовите на организацијата НОФ во Костурска околија. Спроведувајќи ја програмата и директивите на Главното раководство на НОФ, тој неуморно и пожртвувано работел за зацврстување и проширување на македонското народноослободително движење во својата околија. На 20 мај 1947 година, на Земската конференција на НОФ, одржана во месноста “Мишови Колиби” на Кајмакчалан, Крсто Мангов беше избран за прв секретар на Околискиот одбор на НОФ за Костурска околија. Водејќи секојдневни борби тој херојски се бореше против грчките монархофашисти и два пати беше ранет. На Првиот конгрес на НОФ за Егејска Македонија кој беше одржан на 13 јануари 1948 година, во селото Вмбел, Костурско, Крсто Мангов беше избран за член на Главниот одбор на НОФ, а на Вториот конгрес на НОФ, кој се одржа на 25-26 март 1949 година, во селото Нивици, односно во месноста “Африка”, Преспанско, беше избран за член на Извршниот комитет на Главниот одбор на НОФ за Егејска Македонија. Крсто Мангов продолжил да работи за спроведување на линијата на НОФ, за организирање проширување и зацврстување на локалната народна власт, за отварање на македонски народни училишта итн. Но неговата активност беше прекината на 11 август 1949 година, односно неколку дена пред завршувањето на Граѓанската војна во Грција. На тој ден, во непосредна близина на селото Брезница, Костурско, во моментот кога на линијата на фронтот се водеа жестоки борби помеѓу единиците на ДАГ и единиците на грчката кралска армија, една непријателска артилериска граната смртно го погоди и стави крај на неговиот револуционерен живот. Подготвил: Т. К. |