|
||||
Иван Дојчинов |
Иван Дојчинов (11. Ⅰ 1909 - 29. Ⅰ 1991) е македонски комунист, интернационален комунистички деец, шпански борец и воен командант во НОАВМ. Тој бил член на Главниот штаб на НОВ на Македонија и учествувал на Првото и Второто заседание на АСНОМ. Носител е на „Партизанска споменица 1941“. По војната бил репресиран како информбировец. Иван Христов Дојчинов (Димче Шпанецот) е роден на 11 јануар 1909 година во Гевгелија. По Првата светска војна неговото семејство се преселило во Ќустендил, а во 1930 година емигрирало во Аргентина. Таму. во 1932 година, Иван станал член на Комунистичката партија на Аргентина (КПА), а потоа бил член на Секретаријатот на КПА во Буенос Аирес и член на Антиимперијалистичката лига во Аргентина. Истовремено бил активен во тамошната македонска организација и соработувал во списанието „Македонски глас“. Иван неколку пати бил уапсен од полицијата и поминал две и пол години во аргентинските затвори. Потоа заминал за Европа, каде учествувал како доброволец во Шпанската граѓанска војна (1936-1939). Бил борец на Интернационалните бригади и бил член на Кумунистичката партија на Шпанија (КПШ). За време на војната во која три пати бил ранет, се стекнал со чин капетан на Републиканската армија. По завршувањето на Шпанската граѓанска војна извесно време поминал во концентрационите логори во Франција. Кон крајот на 1939 година избегал од логор и праку Италија и Југославија стигнал во Софија. Во 1941 година се вклучил на народносолободителната борба (НОБ) во Македонија како инструктор на ПК на КПЈ во Македонија, Станал член на Воената комисија на МК во Гевгелија и член на Покраинскиот воен штаб. Во мај 1943 година станал командант на Мавровско-кичевскиот НОПО, а потоа бил командант на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ, член и заменик-командант на ГШ на НОВ и ПОМ, заменик командант на Третата македонска НОУБ, на дивизија и на корпус. Иван Дојчинов за време на НОБ, ја напишал песната „партизанска химна на Првата оперативна зона“ која била објавена во стихозбирката „Македонски народно-ослободителни песни“. Тој бил учесник на Првото и на Второто заседание на АСНОМ. По Ослободувањето ја завршил Воената академија “Фрунзе“ во Москва, СССР, а по враќањето во 1948 година бил унапреден во чин потполковник и поставен за командант на Валевската воена област и началник на Оперативното одделение на Петтата армиска област. Меѓутоа, тој ја прифатил Резолуцијата на Информбирото и бил уапсен кон крајот на 1950 година и 1 ноември 1951 година бил осуден на 9 години строг затвор и на 3 години ограничени права. Казната ја издржувал во КПД Билеќа од март 1952 до 1954 година, потоа бил на Голи Оток и во Казнениот затвор во Белград, Иван бил помилуван и ослободен во 1956 година. По пуштањето на слобода тој со тешкотии се вработил во Металскиот завод во Скопје и бил под сомнение. Повторно бил уапсен во јуни 1958 година, а по шест месеци бил ослободен како невин и емигрирал во Бугарија. Подоцна, пак се вратил во Скопје. Иван Дојчинов (Димче Шпанецот) починал на 29 јануари 1991 година во Скопје. Носител е на Партизанска споменица 1941. Подготвил: Т.К. |