|
||||
Козма Лесновски |
Козма Лесновски (средината на XIX век – 1906/1907) е духовник, архимандрит и револуционер од Македонија, раководител на Македонската револуционерна организација. За време на неговото игуменство, вратите на Лесновскиот манастир биле ширум отворени за народните дејци и револуционери. По дојава, Турците дознале за активностите во манастирот. Козма бил фатен, осуден и испратен во Бодрум или Подрум кале, Мала Азија, каде кон крајот на XIX и почетокот на XX век биле заточени низа македонски револуционери. Козма Лесновски е роден во средината на XIX век, во серското село Крчово, Егејскиот дел на Македонија. Се замонашил на Света Гора под името Козма. Во 1895 година, Козма ја прифатил поканата на Скопската егзархиска митрополија да биде игумен на Лесновскиот манастир. По доаѓањето во манастирот, заедно со кратовскиот учител Григор Манасиев, архимандритот Козма раководел со револуционерните активности на Македонската револуционерна оргамизација. Во 1897 година, по Виничката афера, тој бил уапсен од османлиските власти заедно со кратовскиот учител Јосиф Даскалов и по сурово мачење биле осудени на егзил и испратени во Бодрум или Подрум Кале, каде кон крајот на XIX и почетокот на XX век биле заточени низа македонски револуционери меѓу кои: Христо Татарчев, Даме Груев, Пере Тошев, Христо Матов и др. Георги Трајчев во својата книга „Манастирите во Македонија (Софија, 1933) пишува: „ ..За време на неговото игуменство, вратите на Лесновскиот манастир биле ширум отворени за народните дејци и револуционери. А дедо Козма е првиот бунтовник. Клучот од влезната порта на манастирот бил оставен на договорено место за револуционерите. Така, манастирот станал место на заговор против тиранската турска моќ. Монаси само во манастирот беа со одежди, надвор од него - со пушки и бомби. Но, тоа не траеше долго. По дојава, Турците дознале за двојната активност на Козма и браќата околу него и еден ден го опколиле манастирот и ги врзале сите монаси во синџири. Тие беа осудени во Скопје и протерани во Азија...“ По амнестијата се вратил во манастирот. Во 1906 година му се слошило и побарал од митрополитот скопски да оди на лекување во Софија. Се претпоставува дека кон крајот на 1906 година или почетокот на 1907 година заминал за Бугарија, каде што починал. Подготвил: Т.К. |