|
||||
Лазар Димитров |
Лазар Димитров (1869 - 1945) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, претседател на Одринскиот и Серскиот окружен револуционерен комитет. Како серски делегат учествувал на Солунскиот конгрес на Македонската револуционерна организација во јануари 1903 година. Првично се спротивставил на идејата за започнување на вооружено востание, но подоцна ја потпишал одлуката. За време на Илинденското востание бил член на Охридското горско началство и околиски началник во Дебарско. Лазар Димитров е роден на 6 април 1869 година во дебарското село Дренок, тогаш во Отоманскоти царство. Своето образование го започнал во родното село, а Солунската машка гимназија ја завршил во 1889 година. Учителствувал две години во Дебар (1889 – 1890), една година во Солун, а во 1894/1895 година бил учител на Гуменџе. Поради клевети од српската и грчката пропаганда, неколку пати бил апсен и требало да биде интерниран во Дебар во 1895 година. Меѓутоа со поткуп останал во Битола. Во есента, истата 1895 година, Димитров бил назначен да работи во Богословијата во Цариград. Таму и формално се зачленил во месниот комитет на Организацијата. Во 1896/1897 бил преместен во Одринската ехзархиска машка гимназија и бил избран за претседател на Одринскиот окружен револуционерен комитет на Организацијата. Таму го наследил како организатор Христо Коцев, кој заминал за Солун и заедно со Антон Арнаудов развил активна револуционерна дејност. Во 1901 година накратко студирал славјанска филологија на Софискиот универзитет, но студиите ги прекинал. Потоа на барања на Гоце Делчев и други заминал за Солун за да влијае врз битолските водачи за да се воздржат од востание и да им се спротистават на врховистите кои веќе подготвувале востание. Во Солун останал за време на распустот, а потоа бил назначен за учител во Сер во 1902/1903 година. Во Сер предавал во Серското педагошко училиште и бил претседател на Серскиот окружен револуционерен комитет. Како серски делегат учествувал на Солунскиот конгрес на Македонската револуционерна организација во јануари 1903 година. Конгресот во Солун се одржал на Нова година во гимназијата. Лазар Димитров знаејќи го мислењето на Јане Сандански, на Гоце Делчев и на другите кои биле против, првично се спротивстави на идејата за започнување на вооружено востание, но подоцна ја потпишал одлуката. По Солунските атентати бил уапсен и донесен во Солун, каде што бил затворен 15 дена со многу други. Потоа го префрлиле во Битола каде што останал 8 дена во затвор. Оттаму преку Охрид го префрлиле во Дебар, каде бил ослободен и останал до востанието. За време на Илинденското востание бил член на Охридското горско началство и околиски началник во Дебарско. По неуспешното завршување на востанието, заедно со другите водачи на Организацијата како Лука Групчев, Антон Кецкаров и други, се повлекол преку Албанија и Црна Гора во Бугарија. Во 1909 година бил претседател на Дебарското просветно пријателство во Софија. За време на Првата светска војна бил училишен инспектор во Приштинскиот училишен округ. По Првата светска војна (1914 – 1918) се преселил во Бугарија, каде што работел како учител и околиски училишен инспектор. Од 1936 година е член на Илинденската организација. Лазар Димитров починал во Пловдив во 1945 година. Подготвил: Т. К. |