|
||||
Густав Влахов |
Густав Влахов (18. IX 1912 – 16. I 1991) е македонски комунист, инжинер-технолог, воен и државно-политички деец, општественик и дипломат. Син е на Димитар Влахов и го следел животниот пат на татко му. Во 1935 г., преку Лондон и Ленинград заминал за Москва. По Хитлеровиот напад на СССР (1941), како доброволец во Црвената армија, учествувал во одбраната на Москва. Во 1944 г. со татко му заминал за Крајова, каде што преговарале Тито и Трпешев и речиси два месеца бил во близина на Тито. По краткиот престој во Белград, заминал за Македонија каде што осум месеци вршел одговорни функции. Меѓутоа, дошло до недоразбирања со македонското раководство, по што бил испратен во Белград каде вршел повеќе одговорни функции. Носител е на Партизанска споменица 1941. Густав Влахов е роден на 18 септенври 1912 година во Цариград. Тој е син на познатиот македонски револуцинер Димитар Влахов. Со татко му патувал во повеќе градови како Варна, Софија, Одеса, Киев, Женева и други места. Основно училиште завршил во Варна (1919–1923), средно во Виена (1932), а во 1933/34 г. живеел во Париз каде станал член на Француската комунистичка партија (КПФ). Во 1935 г., преку Лондон и Ленинград, заминал за Москва, каде што се запишал на Военота академија, специјалност „хемиска одбрана“. Меѓутоа, по едномесечниот притвор на татко му во 1938 година, Густав бил исклучен од Воената академија и се запишал на Хемиско-технолошкиот факултет. По две години го завршил факултет и се вработил како инженер-технолог во московска фабрика. Како член на Сесојузната комунустичка партија - болшевици СКП(б), по Хитлеровиот напад на СССР во 1941 г. се пријавил како доброволец во Црвената армија. За време на војната како припадник на Посебниот одред со специјални задачи и политички заменик на командантот на Интернационалната бригада на Црвената армија учествувал во одбраната на Москва. На 5 октомври 1944 г. тргнал со татко му од Москва во Крајова, каде што преговарале Јосип Броз Тито и претставнкот на Отечествен фронт Бугарија Добри Терпешев. Густав речиси два месеца бил во близина на Тито. По краткиот престој во Белград, на 17 ноември Густав Влахов тргнал за Скопје. Во Македонија осум месеци вршел одговорни функции. Тој бил директор на првата Партиска школа на КПМ во Скопје, член на Агитпроп и инструктор на ЦК на КПМ за скопската партиска организација и директор на Централата за распределба на земјоделски производи. Во април 1945 година Густав Влахов учествувал во работата на третата комисија за јазик и правопис на АСНОМ. Меѓутоа, поради недоразбирања со македонското раководство, меѓудругото и по национална линија, Густав Влахов бил испратен на работа во Белград и бил поставен на повеќе одговорни функии во сојузните органи, меѓу кои: политички секретар на Кабинетот на Врховниот командант на оружените сили на ФНРЈ, помошник министер за надворешни работи и помошник-министер за земјоделство на ФНРЈ, претседател на Комитетот за социјални грижи на Владата на ФНРЈ, сојузен секретар за социјална политика, постојан претставник на Владата на ФНРЈ во Европското биро на ООН во Женева (1954-1956), амбасадор во Пакистан (1956-1957), Мексико (1957 - 1964) и во Австрија; член на Сојузниот извршен совет, сојузен секретар за социјална политика и труд, сојузен секретар за информации (1965-1967), пратеник (мај 1967) и потпретседател на Сојузното собрание на СФРЈ. Автор е на книгите „На пресвртница“ (1990), „Пакистан во моите очи, во моето срце“ (1990) и биографија на неговиот татко. Носител е на Партизанска споменица 1941. Густав Влахов починал на 16 јануар 1991 година во Белград. подготвил: Т.К. |