|
||||
Васил Бојаџиев |
Васил Бојаџиев (14. XII 1876 – 1950) е македонски црковно-музички деец, црковен певец и учител по црковно пеење. Се школувал во Скопје и во Хилендарскиот манастир, каде што завршил двегодишен курс по источно пеење. Тој е меѓу истакнатите псалти кој оставиле длабоки длабоки траги во македонското црковно пеење и творец на еден од највредните црковно-музички дела во македонската музичка историја и пошироко. Васил Иванов Бојаџиев е роден на 14 декември 1876 година во Кратово. Основно училиште завршил во родниот град, а потоа своето образование го продолжил во Скопје на егзархиското педагошко училиште. Откако се стекнал со основни знаења од црковното пеење, како псалт работел во Тетово, Штип и Струмица. Своето знаење од црковно пеење Васил И. Бојаџиев го усовршува во манастирот Хиландар на Света Гора, каде престојувал две години. Потоа работел како учител по црковно пеење во богословско училиште, во вториот по големина православен манастир во Бугарија, во Бачковскиот манастир близу до Пловдив. По Првата светска војна, околу 1922 година, Бојаџиев се преселил во Стара Загора, каде по извесно време бил пензиониран. Период меѓу двете светски војни, тој го искористил да работа на Псалтикискиот воскресник, во кој го вградува целото свое знаење и искуство на учител по црковно пеење. Откако не успеал да ја отпечати својата книга во Бугарија,. Васил И. Бојациев се вратил во својата татковина. Во 1941 година дошол во Велес, кадешто живеел и работел како диригент на црковен хор и псалт. Meѓутоа, поради отпор од просрпското свештенство, кое го практицирало т.н. српско народно црковно пеење, ниту во Велес не успеал да придобие приврзаници за црковното пеење од славјанско-византиската традиција и да ја издаде својата книга. Согледувајќи дека во Велес нема да може да ја реализира својата желба, по две години поминати во Велес, заминл за Скопје, надевајќи се дека можеби таму ќе успее да ја испечати својата книга. Но, пред крајот на војната и по ослободувањето на Скопје, во новиот општествен поредок никој немаше интерес за остарениот псалт и за неговиот Псалтикиски воскресник. Васил И. Бојаџиев ќе почине во Скопје, во 1950 година. Во 1978 година, по речиси три децении од неговата смрт, Псалтикискиот воскресник ќе ја види светлоста на денот. Со откривањето на овој ракопис се потврди високото ниво на црковното пеење на територијата на Македонија и на неговите бројни претставници. Ракописниот зборник на Васил И. Бојаџиев содржи низа драгоцени црковни творби од македонски автори, непознати до неговото откривање. Речиси, сите овие славјански автори потекнуваат од Македонија: Јован Кукузел, Димитар Златанов - Градоборски, Калистрат Зографски, Христо П. Стојанов, Манасиј поп Тодоров, Стамули Заркиновски, Атанас Бадев, Христо Шалдев и Петар Динев. Од ‚византиските‛ творци застапен е само Петар Пелопонески. Извор: МЕ, Скопје, 2009 г., стр. 186; „Опширен Псалтикиски Воскресник- Васил Иванов Бојаџиев“ воведен текст, редакција и нотографија д-р Јане Коџабашија, Скопје, 2011г.; Подготвил: Т.К. |