|
||||
Аврам Балабан |
Аврам Балабан (1865 – 1913) е лекар, хирург, кој извршувал многу тешки хирушки интервенции. Како лекар, хирург и гинеколог работел во Охрид, Приштина и Елбасан, а од 1899 г. во Битола, каде што отворил прифатилиште со ординација, операциона сала, неколку болнички кревети и аптека. Во Балканските војни се заразил од пегавиот тифус и починал. Аврам Балабан - Балаланоглу е роден во 1865 година во Ендурљук, Кесарија, Турција. Во 1890 година завршил Медицински факултет во Цариград и станал „доктор по медицина и хирургија“. После дипломирањето работел во Созопол, Бугарија, но набргу потоа бил поставен за општински доктор во Охрид. Од таму својата успешна лекарска кариера Балабан ја продолжил во Струга, Приштина и Елбасан. Во 1899 година (или 1901 г.), Аврам Балабан дошол да работи во Битола. Во посебна зграда во дворот на својата куќа во Битола, тој отворил приватно прифатилиште со неколку болнички соби, ординација и операциона сала. Исто така отворил и своја аптека во близината на Јени аман (кај Дрвен пазар). Аврам Балабан бил способен хирург и гинеколог кој извршувал многу тешки хирушки интервенции. Исто така важел и за добар лекар и хуманист бидејќи работел и во болницата за сиромаси „Гураба Хаста Ханести“, изградена од битолскиот валија Абдул Керим паша околу 1896 година. Во тоа време лекарската служба во болницата ја вршеле поголем број битолски лекари, кои работеле по неколку саати во текот на денот. Балабан секаде каде што работел како лекар, се вложувал максимално професионално и хумано. Поради неговиот однос кон пациентите, тој уживал големи симпатии од населението и турските власти. Меѓутоа, тој ќе стане жртва на својата професија. За време на Балканските војни Аврам Балабан активно учествувал во сузбивањето на една од катастрофалните епидемии во тоа време, пегавиот тифус. Но, лесно префатливата болест му го одзела животот во 1913 година, со што Битола останала без еден од најискусните лекари извор: „Значакни личности за Битола“ , Битола, 2007; МЕ, Скопје 2009; подготвил. Т.К. |