|
||||
Тане Наумов |
Тане Наумов (24 II 1907 – 27. VI 1977) е македонски комунист, учесник во граѓанската војна во Шпанија, во народноослободителната борба во Егејска Македонија и во граѓанската војна во Грција. Во 1933 г., станал член на КПГ. Од 1937 г,, како доброволец, учествувал во интернационалните бригади во граѓанската војна во Шпанија. По повлекувањето на овие бригади тој емигрирал во Франција, каде ја дочекал окупацијата. Во 1942 г. бил затворен од Гестапо, а во 1943 г. бил префрлен во Бугарија, од каде успеал да побегне. Се вратил во родното село и се вклучил во ЕЛАС, а потоа учетвувал во граѓанската војна во Грција, По поразот на ДАГ, преку Албанија заминал за Полска, од каде се вратил во Битола во 1956 г. Тане Лазар Наумов е роден на 24 февруари 1907 г. во Леринското село Долно Котари, Во 1912 г., за време на Првата балканска војна, биле убиени неговиот татко и дедо, па почнал многу рано да работи. Во 1933 г. станал член на Грчката комунистичка партија (КПГ). По воведувањето на диктатурата на Јоанис Метаксас во 1936 г., кој строго ја забранил употребата на македонскиот јазик, не само во секојдневниот живот, туку и во рамките на семејството, Тане Наумов.заедно со други грчки комунисти заминал со брод за Панама. Во летото 1937 г., Наумов од Панама заминал за Шпанија, за да се бори како доброволец во интернационалните бригади во граѓанската војна во Шпанија, . Прво бил морнар на трговските бродови „Станвел“ и „Марзит“ и учествувал во снабдувањето со оружје и храна за шпанската републиканска армија по море. По потопувањето на бродовите од непријателската авијација (авионите на фашистичка Германија и Италија), се приклучил на пешадиските единици. На почетокот на 1939 г., со последните интер-бригадисти Наумов ја напуштал Шпанија и пребегнал во Франција. По директива на Комунистичката партија на Франција (КПФ) работел во внатрешноста на Франција, во рудникот Буасон. За време на Втората светска војна, по окупацијата на Франција од нацистичка Германија, во 1942 г., Тане Наумов бил фатен од Гестапо и бил затворен во логорот „Рош Рум“ во Германија. Во април 1943 г., тој бил префрлен во Бугарија (Пирот), од каде на почетокот на мај, успеал да побегне од логорот и се вратил во родното село. По враќањето во Егејскиот дел на Македонија, се вклучил во Грчката народноослободителна армија (ЕЛАС) и бил назначен за организациски секретар на Суровичкиот реон. По повлекувањето на германските сили, Тане Наумов продолжил да се бори против режимот на десницата, кој во тоа време завладеал со Грција. Во текот на Граѓанската војна во Грција, тој бил организациски секретар на Народноослободителниот фронт (НОФ) за Леринско-кајларскиот реон, а подоцна станал член на Главното раководство на НОФ. По поразот на Демократската армија на Грција (ДАГ), во септември 1949 г., Тане Наумов заедно со единиците на Демократската Армија на Грција (ДАГ) се повлекол во Албанија, од каде во ноември истата година со товарен брод бил префрлен во Полска . За време на Инфорбирото, таму бил осуден како „титовист“ на седум години строг затвор и од март 1950 г. бил во затворот во Згожелци. По една година од смртта на Сталин и по одлежаните четири години затвор, Наумов добил помилување и во мај 1954 г. бил ослободен. Во 1956 г. се вратил во Југославија, но по доаѓањето во Скопје бил затворен и испитуван три дена во затворот во Идризово. Во август Во 1956 г. бил ослободен и пристигнал кај своето семејство во Битола. Тане Наумов починал на 27 април 1977 г. во Битола. Тој бил одликуван со повеќе признанија и ордени, меѓу кои и Јубилејна значка на југословенските доброволци на Шпанската републиканска војска во 1956 г.; Орден на братството и единството со сребрен венец во 1963. Ордена заслуги за народ со сребрна ѕвезда во 1963.; Два ордени за учество во Шпанската граѓанска војна од 1936-1939 г.; Орден за храброст, признание доделено од Претседателот на СФРЈ во 1974 г. Подготвил: Т.К. |