|
||||
Тодор Циповски – Мерџан |
Тодор Циповски - Мерџан (16. XI 1920 – 19. IX 1944) е македонски партизан, првоборец и народен херој. По априлскиот напад врз Кралството Југославија во 1941 г., активно учествувал во собирање на оружјето и организирање на народноослободителното движење (НОД). Во 1942 г. бил назначен за секретар на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија окупиран од Италија. На 19. VIII 1943 г., во неговата куќа била одржана Првата седница на ЦК на КПМ. Од септември 1943 г. е секретар на првиот Областен комитет на КПМ за Западниот дел на Македонија, а од октомври 1943 г. е член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и потоа бил делегат. Загинал во борба со балистите. Тодор Циповски е роден на 16 ноември 1920г. во Тетово, во сиромашно занаетчиско семејство. По основното училиште, завршил вечерно трговско училиште во Белград. Потоа почнал да работи и да го учи сликарскиот занает. Откако како работник печалбар се истакнал во демонстрациите против тогашните власти, тој во 1940 г. бил примен за член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Во почетокот на 1941 г., по 27-мартовските демонстрации во Белград бил уапсен од белградската полицијата. По капитулацијата на Југославија во април 1941 г. Тодор бил пуштен од затвор и се вратил во Македонија. Се преселил во веќе окупираното Скопје и таму се вклучил во партиска работа, организирајќи собирање оружје за востанието. Во јануари 1942 г. поради неговата активност бил примен во Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Од Скопје бил распореден да врши илегални партиски работи во Тетово. Во јули 1942 г., Тодор станал член на Окружниот комитет на КПЈ за Западна Македонија, кој бил под италијанска окупација. Кон крајот на 1942 година станал секретар на Окружниот комитет. Пролетта 1943 година има големи заслуги во формирањето на мавровските и тетовските партизански одреди. Како секретар на Тетовскиот окружен комитет бил организатор на првиот состанок на ЦК на КПМ во Тетово на 19 март 1943 година. Во јуни 1943 година паднал во рацете на италијанската полиција. Бил подложен на тортура, но ништо не признал. Веднаш по капитулацијата на Италија во септември 1943 година, станал секретар на Реонскиот комитет на КПМ со седиште во ослободениот Дебар. Често одеше на терен и работеше на зајакнување и проширување на Народноослободителното движење. Од октомври 1943 г. Тодор е член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и во август 1944 г. бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. На 19 септември 1944 година Тодор бил на теренот на Горња Река со помала група дејци. Кога влегле во селото Беличица, набрзо тоа било опколено со силни балистички сили. Во борбата што следела, бранејќи го селото загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред. По борбата балистите убиле 17 жени, деца и старци, а потоа го запалиле селото до темел. Четвораци партизани биле заробени, од кои двајца биле стрелани два дена потоа во Тетово. Меѓу загинатите партизани бил и Тодор Циповски Мерџан. Со указ на Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ, на 5 јули 1951 година е прогласен за народен херој. Подготвил: Т.К. |