|
||||
Тодор Ангелов - Божаната |
Тодор Ангелов Ѕаков (12.I 1900 – 30. XI 1943) e македонски револуционер кој долго време живеел во Белгија. Одржувал контакти и врски со македонското револуционерно и национално движење. Првично анархист, а потоа член на белгиската комунистичка партија, во 1940-тите тој предводел герилска група против нацистичка Германија. Групата била активна главно во Брисел. Во 1943 година бил заробен и застрелан од германските окупациски власти. По војната Ангелов бил прогласен за херој на белгискиот отпор и постхумно бил прогласен за полковник. Познат е како Тоде Божаната, а ги користел псевдонимите Симон, Боб, Жан Бастиен. Тодор Ангелов е роден на 12 јануари 1900 година во Ќустендил во македонско бегалско семејство. Неговиот татко Ангел и мајка Божана, заедно со неговиот постар брат Јордан, емигрирале од Македонија по Виничката афера во 1897 година. Како дете го викале Тоде на Божана или Тоде Божаната, прекар кој му останал во текот на животот. Во Ќустендил имало многубројна македонска револуционерна заедница, која влијаела во развојот на неговиот бунтовнички дух. Уште како ученик, за време на Првата светска војна, се приклучил кон анархистичка група предводена од учителот Радивој Каранов. Ангелов завршил гимназија во летото 1920 година, а во пролетта 1921 година, учествувал на првомајските демонстрации во Перник поради што бил затворен од власта. По ослободувањето, добил покана за служење на воениот рок, но тој не сакал да служи во бугарската армија и една година се криел по околните села. Откако случајно бил фатен, бил испратен во работните сили и служел во Бургас и Јамбол. Таму стапил во контакт со тамошната анархистичка група и на 26 март 1923 година учествувал во демонстрации, кои прераснале во престрелки со властите и имало десетици жртви. Ангелов успеал да го избегне прогонот од властите и се засолнил во Горна Џумаја (денес Благоевград). Тука ги продолжил контактите со анархистите и се запознал со Тодор Чопов (внук на Гоце Делчев од сестра). Во текот на Септемвриското востание, на 23 септември 1923 година, Тодор Ангелов бил дел од групата од околу 130 комунисти, анархисти и земјоделци од Горна Џумаја и соседните села, кои се упатиле кон Дупница. Претходно Бугарската комунистичка партија се договорила. со Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) за меѓусебна неутралност под услов да не се проширува во Пиринска Македонија. Меѓутоа поради одредени недоразбирања, дошло до судир помеѓу ВМРО и востаниците. Вооружената востаничка групација била разбиена од четите на ВМРО, а Божаната успеал да преживее. Подоцна со посредство на Георги Пенков му се предал на Алеко Паша, серски окружен војвода и раководител на ВМРО во Петричко. Најпрво бил држен во заробеништво, а подоцна бил вклучен во четите на ВМРО. Во 1924 година со дозвола на војводата Алеко Паша се вратил во Горна Џумаја. Во екот на крвавите Горноџумајски настани, Божаната бил затворен од приврзаниците на Ванчо Михајлов. По атентатот во црквата „Света Недела“, извршен од анархисти, повторно бил приведен на 16 април, но на почетокот на мај бил ослободен. Со помош на познаници, меѓу кои и американскиот мисионер Рубен Маркам, тој и неговото семејство добиле пасоши и во октомври заминале за Лом, а оттаму со брод за Виена. Во октомври 1925 година, Тоде Божаната со семејството пристигнал во Виена. Таму стапил во контакт со претставниците на ВМРО (Обединета). Во „Македонско дело“ објавил сведоштва за убиствата и прогоните на Ванчо Михајлов и неговите приврзаници, поради што бил осуден на смрт од михајловистите. Во јуни 1926 година, бегајќи пред заканите, со семејството заминал во Париз, Франција. Тука ги продолжил врските со левицата, по што на почетокот на март 1927 година бил екстрадиран во Белгија и се населил во Схарбек. Набргу станал член на Комунистичката партија на Белгија. По започнувањето на Шпанската граѓанска војна, заминал за Париз за да се вклучи како доброволец во Шпанската граѓанска војна на страната на републиканците. Кон крајот на декември 1936 година му се приклучил на баталјонот „Георги Димитров“, кој во февруари 1937 година, бил префрлен на линијата на фронтот и учествувал во битката кај Харама. Во септември 1937 година, Ангелов бил ранет и префрлен во болница. Во април 1938 година учествувал во евакуацијата на болницата во Барселона. Останал во Барселона до првите денови на 1939 година, а подоцна заедно со десетици илјади бегалци од Шпанија бил сместен во бегалски камп. Кон крајот јули бил ослободен, па преку Париз заминал за Брисел По окупацијата на Белгија од страна на Германија во 1940 година, на почетокот на Втората светска војна, Ангелов се приклучил на Отпорот, и покрај официјалната прогерманска позиција на Белгиската комунистичка партија во времето на Рибентроп-Молотов. Првично, тој организирал дистрибуција на апели и публикации, учествувал во создавањето илегални организации меѓу имигрантските заедници во Брисел, организирано криење на еврејските деца и германските дезертери барани од властите, како и одделни саботажни акции. По нападот на Германија врз Советскиот сојуз, Белгиската комунистичка партија активно се вклучила во отпорот и Тодор Ангелов раководел со добро организирана партизанска група, составена главно од имигранти, која била особено активна во областа на Брисел. Во јули 1942 година групата го нападнала „Јуденрат“, белгиското седиште на Гестапо во Брисел и ја уништила документацијата што се наоѓала таму Со тој чин биле спасени од депортација и смрт илјадници Евреи. На 19 јануари 1943 година, Тодор Ангелов бил уапсен од Гестапо и затворен во тврдината во Брендонк. Иако, Гестапо првично не успеал да го идентификува Ангелов и да ја разјасни неговата улога во организацијата, седум месеци го држела во самица. Во првите три месеци од 1943 година, повеќе од 800 учесници во комунистичкиот отпор биле уапсени, чувани во заложништво и потоа биле застрелани како одмазда за жртвите во акциите на Отпорот. Тодор Ангелов – Божаната е застрелан во Брендонк на 30 ноември 1943 година. Веднаш по војната, Тодор Ангелов (фр. Théodore Angheloff) бил прогласен за еден од хероите на белгискиот отпор и постхумно бил унапреден во чин полковник. Добитник е на Орденот на Леополд (најнизок чин - витез, со палми), воен крст (со палми), медал за вооружен отпор 1940-1945 година, воен комеморативен медал 1940-1945 година. Подготвил: Т.К. |