|
||||
Живко Фирфов |
Живко Фирфов (20. XI 1906 - 21. VII 1984) е македонски етномузиколог и композитор. По ослободувањето вршел низа одговорни должности во Скопје: шеф на Отсекот за уметност во Одделението за култура и уметност при АСНОМ; шеф на Отсекот за народна музика во Радио Скопје; еден од основачите и прв уметнич ки директор на ансамблот „Танец“; шеф на Одделението за народна музика во Институтот за фолклор, а подоцна и негов директор. Бил дописен член на Меѓународното фолклорно друштво ИФЦМ во Лондон. Живко Фирфов е роден на 20 ноември 1906 година во Велес. Основно образование завршил во родното место. Рано пројавил интерес за музиката и уште во средношколските денови, во почетокот на 1922 година, заедно со Стефан Гајдов го формирале пејачкото друштво Гром. Потоа заминал за Белград каде се стекнал со соодветно музичко образование. Се школувал кај познатите професори и композитори меѓу кои и Јосип Славенски и Јуриј Арбатски. По завршувањето на музичкото училиште, Фирфов работел како диригент на Академското пејачко друштво и како водач на оркестар во Домот за слепи во Земун. Фирфов го дочекал крајот на Втората светска војна во Главниот штаб на НОВ каде што ја вршел мелографска и композиторска активност. По Втората светска војна извршува повеќе одговорни функции во Народна Република Македонија. Тој бил раководител на уметничкото одделение на Одделението за култура и уметност при АСНОМ, раководител на одделението за народна музика во Радио Скопје, еден од основачите и прв уметнички директор на ансамблот „Танец“, раководител на Катедрата за народна музика при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, а подоцна и директор на Институтот и други. Фирфов бил дописен член на Меѓународната федерација за хорска музика во Лондон (ИФЦМ), член на Националниот комитет за народна музика на УНЕСКО, како и член на Националното географско друштво на САД и почесен претседател на Меѓународното здружение за народни танци во Лондон. Својата главна преокупација Фирфов ја наоѓал на полето на фолклорот. Тој бил собирач, мелограф и толкувач на музички фолклор од Македонија. Во текот на неговата работа, во ансамблот „Танец“, се занимавал со теренски истражувања. Собрал и мелографирал над 7.000 народни мелодии, од кои некои биле објавени во збирките „Македонски музички фолклор 1“ (1953) и „Македонски музички фолклор 2“ (1964). Истовремено ги објавил и „Македонски мелографии на крајот на XIX век“ (1963), „Метрички карактеристики на македонската народна музика“ (1951), „Дијафонија на македонската народна музика“ (1958) и други. Фирфов оставил десетина композиции (најпознати се хорскиот циклус „Хуморески“, 1–3 и „Дротар“. Во инструменталната музика автор е на „Фантазија за оргули“, „Оркестарска свита“ и „Варијации“. Живко Фирфов починал на 21 јули 1984 година во Скопје. (извор: М.Е. 2, стр. 1558, Скопје, 2009; https://sokom.mk/mk) подготвил: Т.К. |