|
||||
Цветан Димов |
Цветан Димов (5. III 1910 - 9. VII 1942) е македонски партизан, учесник во НОБ. Зел учество на илинденските демонстрации и на формирањето на Првиот скопски НОПО, а потоа како секретар на МК на КПЈ во Скопје работел и на формирањето на Вториот скопски НОПО (17. IV 1942). По апсењето во почеток на јули, бил убиен во Обласната полициска управа. Прогласен е за народен херој на 26. јули 1945 година.. Цветан Димов е роден на 5 март 1910 година во Скопје, во сиромашно земјоделско семејство. По основното училиште учел за кројач. Во 30-тите години се истакнува во синдикалното движење во Скопје. Се разболел од туберкулоза и се лекувал во санаториум. По враќањето во Скопје станал познат во младинското револуционерно движење. Избегнал потера на полицијата која се обидела да го уапси. Од 1928 година Димов бил синдикален активист, а за член на Комунистичката партија на Југославија бил примен во 1933 година. Комунистичките состаноци често се одржувале во неговиот дом во Чаир Махал. Исто така, Димов бил организатор на КУД „Абрашевиќ“ и член на Меѓуструковиот синдикален одбор на Скопје од 1936 година. Станал секретар на Покраинскиот комитет на „Црвената помош“ за Македонија во 1939 година. Димов станал популарен под името Чаирчанец. Меѓутоа, поради лошата здравствена состојба, КПЈ не му дозволила да им се придружи на доброволците кои заминале да се борат во Шпанската граѓанска војна. Во Скопје се дружел со познати револуционери, како Кочо Рацин. Во неговата куќа се одржало советување на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Како член на Месниот комитет на Скопје бил одговорен за работа на село и за водење штрајкови. Во периодот од 1936 до 1940 година Димов бил организатор на повеќе штрајкови. Познато е дека тој го предводеше големиот штрајк на металците во Скопје, кој успешно завршил по 40 дена. Слично било и со штрајковите на текстилните и чевларските работници. Во исто време бил и во раководството на „Народна помош“, а неговата дејност се протега и на техника на ПК. По окупацијата на Кралството Југославија во 1941 година, Димов како истакнат партиски активист учествувал во подготовките за вооруженото востание, што резултирало со формирање на Првиот партизански одред на Скопје. Полицијата постојано го бркала, но тој не дозволил да биде фатен. Во текот на зимата 1941-1942 година бил задолжен да се грижи за бројни илегалци од внатрешноста кои биле скриени во Скопје. Во летото 1942 година, кога како член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија отишол на состанок, бугарската полиција му влегла во трага и успеала да го фати. Храбро се држел и покрај тортурата не кажал ништо. Бидејќи ништо не признал, на 9 јули 1942 година го фрлиле од прозорецот на вториот кат на тротоарот во дворот на полициската управа. Со указ на Претседателството на Антифашистичкиот совет на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ), на 29 јули 1945 година е прогласен за народен херој. Подготвил: Т.К. |