|
||||
Стале Попов |
(25 мај 1902 - 10 март 1965) Стале Попов е македонски раскажувач и романсиер. Роден е во селото Мелница, Мариово. Произлегува од селска средина. Неговите стари, по традиција, биле земјоделци, но меѓу нив имало и школувани. Уште како дете бил сведок на тешкиот живот на своите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови како обесправена раја. Неговите биле малку поимотни и културно поиздигнати, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во с. Витолиште (Мариовско). Започнал да учи гимназија во Прилеп, а завршил богословија во Битола и Теолошки факултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник. Во текот на НОБ го помагал партизанското движење, додека за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работи како управник на Шумската дирекција, за на крај, се до пензионирањето, да и се посвети на педагошката дејност како професор по македонски јазик во Прилеп и Скопје. Починал во Скопје на 10 март 1965. год. ТворештвоСтале Попов започнал многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по ослободувањето. Првите раскази "Мице Касапче" и "Петре Андов" ги објавил во списанието "Современост". Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман "Крпен живот" (1953). Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романсиери и раскажувачи на нашата македонска литература. Следната година го издал вториот дел од "Крпен живот", како и "Опасна печалба" (1954). Две години подоцна го објавил романот "Толе Паша", а потоа и "Калеш Анѓа" (1958), "Дилбер Стана" (1958), "Мариовскиот панаѓур" (1961), "Мариовски раскази" и "Итар Пејо" (раскази). Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи). "Шаќир војвода" (роман), "Необично дете" (роман), "Доктор Орешкоски" (роман) и две збирки раскази.Богатото и разновидно книжевно дело на Стале Попов по своите литературно-историски и уметничко-естетски вредности претставуваат значајна и валидна значенка на тековите и традицијата, движењата и резултатите на современета македонска литература. И повеќе од тоа, делото на Попов е веќе наша класика. Тоа е дел од вековната и неуништива трајност и опстојување, самобитност и непокор на македонскиот човек и на Македонија. Негов верен одраз, тестамент, авторот осознаен и препознат во својот народ и татковина и толкупати возвратната мерка на колективот кон својот автор и творец. Појавата и значењето на Стале Попов во современата македонска литература авторитетно и аргументирано Георги Старделов ги именува како историска неминовност. „Не ја бараше само Стале Попов нашата литература, туку и нашата литература го бараше својот Стале Попов. И го најде. И ни го донесе, бидејќи тој мораше да дојде, зашто него го подготувуваше историјата, која литературата не може да ја прескокне. Него го подготуваше овој народ со сите свои маки, радости и страдања, со сите свои напластени животни искуства низ времињата, овој народ, кој го бараше и исчекуваше својот запишувач. И народот го пронајде и го создаде него. И го запиша и откри Стале Попов својот народ, создавајќи ја со своето разновидно литературно дело големата македонска книга на легендите и преданијата, на обичаите и магиите, на песните и ората, на тажалките и клетвите, на таговнините и радоснините, големата македонска книга на долгите ропства и непрестајните бунтови, на отпорот и непокорот, на победите и поразите, обемната книга на севкупниот македонски етос, како што можеме да го наречеме литературното дело на Стале Попов, кој како за цело време да пишува само една единствена книга, можеби една од најмакедонските книги, книга која има едно единствено име: Македонија“. Расказите на Стале Попов како жива народна традиција претставуваат извонредно значаен и вредносен материјал, непресушен извор кој постојано и секогаш одново при секое навраќање и ново толкување, открива сè нови и квалитетни значења и мноштво вистини од сопствената многуслоевитост и значност на односите меѓу индивидуалното, авторското и колективното чувствување и изразување. Се определивме на разгледување и толкување само на дел од расказите на Попов, на оние за неговите весели мариовци, Итар Пејо, за ловџиските приказни сместени меѓу кориците на првиот том „Раскази“ од Собраните дела на овој автор, на нивното прво издание.2 Не само затоа што тие претставуваат можеби најубавиот пример за вакви пристапи, туку и од секогаш одредениот број страници за вакви потреби и побуди, а и можноста нешто повеќе да се каже и остави од темата што е пред нас. Пишувајќи за нив Димитар Митрев констатира: „Кога ги читаме расказите на Стале Попов некако сосема природно ни се наложува асоцијацијата на нивната целосна сродност со народната приказна. Сето во нив е под знакот на она слободно, крајно едноставно раскажување во кое се карактеризира нашата фолклорна проза. И во потходот и во јазикот, овој раскажувач ја открива својата вродена афинитетност со народниот раскажувач. Со мнозинскиот број на расказите од овие два последни тома авторот нивен го примаме како уште еден од безбројот на усмените народни творци. Тој не црпи од фондот на тие творци, а самиот создава раскажувачки творби во народски дух и израз. Тоа е уште еден податок за изразитата самородност на таа елементарна творечка објава“.3 За тие први литературни чекори децитно е мислењето на Миодраг Друговац оти „Како и да е, сепак е извесно дека токму меѓу овие фолклорни материјали се наоѓаат и првите обиди на Стале Попов да проговори со свој глас за душата на мариовскиот човек, сеедно што кревкоста на тој глас, а по се изгледа и литературната неопитност, не го претставуваат идниот автор на „Крпен живот“ како писател со наметлива творечка физиономија, одложувајќи го мигот на неговата целосна утрешна афирмација“.4 Но, секако оти во тие раскази на Стале Попов останува вечно да живее свеста и совеста на мариовскиот човек, неговата традиција и филозофија, животот во својата севкупност и значност. Песната на македонскиот човек е негова молитва, огледало на неговата душа и негова воздишка. Таа е едноставна и мудра, во неа има многу радост и тага, љубов и болка. Нејзината исконска чистота писателот извонредно функционално ја користи за да ја изрази базграничната радост за сите убавини и задоволства во еднаш и неповратно дадениот и толку краток човечен живот. За нив Итар Пејо му пее на Насрадин Оџа, (Итар Пејо и Насрадин Оџа се враќаат од Мариово. Винце ле винце Гроздово зрнце Кој тебе љуби Капата сигуби, Кој те тебе сака Без гаќи скака, Кој те тебе пие, винце, Без невеста спие Кој по тебе ита Се по светот скита Кој те тебе шмрка Ластегарки крка...“ Марко Китевски Од книгата „Низ книжевниот континуитет“, Македонска книга, Скопје, 1996 |