|
||||
Лазар Делев |
Лазар Делев (1875 - 1938) е македонски револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација. Познат е како Оревски. Учествувал во Илинденското востание борејќи се во Горноџумајско. Од 1905 година е самостоен гевгелиски војвода и се борел против четите на грчката пропаганда. Со избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, тој станал командант на партизанската чета на Македонско-одринското ополчение. Лазар Делев е роден во 1875 година во сиромашно семејство во бојмишкото село Ореховица, за време на Османската империја. Бил самоук. Се населил во Солун, каде работел како работник во депото на железничката станица во Солун. Станал член на Македонската револуционерна организација и извршувал терористички и курирски задачи. Во мај 1898 година, по убиството Христо Цицов, водач на гркоманската партија во Гевгелија, Делев бил уапсен иако немал никаков удел. Во Гевгелискиот затвор останал до ноември, по што бил затворен во Еди Куле во Солун до 10 август 1899 година, кога судот го прогласил за невин и покрај притисокот од Солунскиот грчки конзул и Солунската митрополија да го осудат. По излегувањето од затвор, Делев се приклучил на четата на локалниот војвода Иванчо Карасулијата и учествувал во Илинденското востание борејќи се во Горноџумајско. Од 1905 година е самостоен гевгелиски војвода, а заедно со другиот локален војвода Аргир Манасиев се борел против четите на грчката вооружена пропаганда. Со избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, тој станал командант на партизанската чета бр.44 на Македонско-одринското ополчение, која броела 25 лица. Тој напредувал по долината на реката Струма со четите на Дончо Златков, Никола Герасимов и Тане Николов. Учествувал во борбите кај Осеново, Сенокос и други, а подоцна бил во Здружената партизанска чета на МОО. Лазар Делев починал во 1938 година во Софија. Подготвил:Т.К. |