|
||||
Васил Грков |
Васил Тодоров Грков (1880 - 1962) е македонски револуционер, член на ТМОРО и ВМРО. По Солунските атентати во 1903 г., како Македонец, бил затворен во Бејаз Куле. По ослободувањето станал четник во Кукушката чета. Учествувал во повеќе борби со турскиот аскер и четите на грчката вооружена пропаганда, во периодот од 1903 до 1905 година. Васил Грков е роден во 1880 година во Кукуш, во семејството Делохаџиеви. Но бил посвоен од Гркови, чии деца починале. Меѓутоа, набргу починале и неговите посвоители, а неговиот вујко го испратил да учи шивачки занает во Солун. Таму живеел со свој сограѓанин и активист на ВМОРО Гоце Чанев и имал прилика да се сретне со Орце Попјорданов, Коце Кирков и Владо Пингов, кои ги подготвувале Солунските атентати. По нападите во 1903 г., како Македонец, Васил бил затворен во Бејаз Куле. По ослободувањето станал четник во Кукушката чета на Трајко Ѓотов и Гоце Крецовски. По битката кај Кудумарлицката ада во која загинале четворица четници, а знамето било заробено, Грков и уште еден четник при повлекувањето во вечерните часови се одвоиле од другите и стигнале до Ениџевардарско, каде што се приклучиле на четата на Апостол Војвода. Во 1903 година уништиле турска чета од 5 лица во селото Мандалево, Ениџевардарско. Во пролетта 1904 г учествувал во борбата со турската војска кај Ново Село, Ениџевардарско, а есента истата године се борел во месноста Три бари, Корнишорско, Ениџевардарско. По наредба на ЦК во Солун го заробиле воденскиот војвода Георги Тоцев, кој му бил предаден на Даме Груев. Заедно со Андон Ќосето се префрлил во Гевгелиско. По заминувањето на Ќосето за Бугарија, Грков останал кај војводата Леонид Мачуковски и се борел со грчките андарти, кои дејствувале во координација со Турците. Пролетта 1905 година во Гевгелиско пристигнал Аргир Манасиев. Четата на Манасиев од Грчиште била префрлена во Смол, каде била опколена со војска од Гевгелија. Одредот се затворил во црквата и се борел во еднодневна битка. Вечерта успеале да излезат од црквата и само со еден ранет четник да го пробијат обрачот и се упатиле кон Кукушкиот крај кај Трајко Ѓотов. При едно излегување со чамец од Аријанско Езеро, паднале во турска заседа и тројца од шесте четници биле ранети, меѓу кои и Војводата Ѓотов. Следната 1906 година Ѓотов бил принуден да оди на лекување во Бугарија, а со него отишол и Грков. По Младотурската револуција од јули 1908 година, Грков се вратил во Македонија и се населил во Солун, каде што работел како моден кројач. Во Солун се оженил со Гркинка, ќерка на лекар. Во 1913 година успеал да побегне во Бугарија од прогонот на новите грчки власти, но потоа се вратил. По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна, тој бил уапсен од грчката полиција, а потоа бил предаден на француските војници во градот, кои го испратиле во затвор во Франција, каде што останал до крајот на Првата светска војна во 1918 година. Потоа, Грков живеел со семејството во Солун до 1928 година, по што емигрирал во Бугарија и се населил во Пловдив. Но поради конфликт со ВМРО, тие емигрирале во Париз, каде Грков отворил сопствено ателје. Во почетокот на 1940-тите се вратиле во Бугарија и се населиле во Горна Џумаја. За време на Втората светска војна живеел во Сер, а потоа повторно живеел Горна Џумаја. Откако за време на војната загинал неговиот единствен син, во 1947 година посвоил осугодишно девојче, сираче од Виница. Васил Грков починал во 1962 година во Благоевград. Подготвил: Т.К. |