Среда, 22 Септември 2010    PDF Печати Е-пошта
Димитрија и Константин Миладинови

Неизмерно е значењето и улогата на браќата Димитрија и Константин Миладинови во просветно-културната и националната преродба на македонскиот народ. Во изградбата на македонската културна историја браќата Миладиновци, како учители, собирачи на македонските умотворби, поети, публицисти преставуваат централни личности на македонската преродба.

Браќата Миладинови живеат и работат во средината на XIX век,  период кога во Македонија, која се наоѓа под Отоманската империја, владее безаконие, кога населението бега пред зулумот на одметнатите бегови и паши од несигурните села и се населува по градовите. Исто така ова е период кога покрај Отоманскиот терор, грчките свештеници под закрила на Цариградската патријаршија се обидуваат  да извршат денационализација и елинизација на македонскиот народ.

Според пишувањето на Р.Жинзифов, во домот на Миладиновци отсекогаш се зборувало на природниот македонски јазик, иако како што пишува К. Шапкарев, фамилијата на Миладинови потекнува од битолското село Магарево, од каде се иселиле и преку струшкото село Мислешово, дошле во Струга. Родителите на Димитар и Константин грнчарот, Ристе Миладин и неговата сопруга Султана, имале осум деца, од кои шест синови (Димитрија, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки Ана и Крста. Најстар од синовите бил Димитрија а најмлад Константин.

 

ЗА ДИМИТРИЈА МИЛАДИНОВ

Dimitar_Miladinov_300МИЛАДИНОВ, Димитриjа (Струга, 1810 – Цариград, 11. 1. 1862) – учител, преродбеник, собирач на македонски народни умотворби, поет, публицист, централна личност на македонската преродба. Своето образование Димитрија го започнал во келијното училиште во манастирот „Свети Наум“, а потоа продолжил во класното училиште во Охрид. По завршување работел две години како учител во Охрид, а потоа продолжил со своето образование во познатата гимназија во Јанина, каде што научил италијански и француски јазик. Потоа учителствувал во повеќе места во Македонија како: Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Магарево, Кукуш (два пати) итн. Бил среќен што бил учител во влашкото училиште во село Трново (село залепено до Магарево), во местото од каде што бил неговиот дедо.

Во  Охрид, во мај 1845 г. се сретнал со познатиот руски научник славистот Виктор Иванович Григорович, професор на Казанскиот универзитет. Притоа В. И. Григорович укажувајќи на словенското потекло и потребата за негување на народните традиции, му ставил забелешка на Димитрија што наставата ја изведува на грчки, јазик кој е неразбирлив за децата. Ваквото укажување преставувало важен но не и пресуден момент за освестување на Миладинов. Целосен пресврт настанува дури по престојот во 1855/56 година во Босна, Србија и Војводина. За време на престојот во овие краишта се запознал со идеите на Пансловенизмот и Илирското движење, а како што пишува за тоа К. Шапкарев се преобратил од „Савле во Павле“. Почнал да се допишува со угледните и учени слависти и од убеден елинист станал словенофил.

За преродбенската дејност на Димитрија Миладинов,  В. Чолаков соопштува во писмото испратено до редакторот на „Блгарски книжици"(„Бклгарски книжици" – Цариград, Бр. 24, 31. XII 1858, стр. 334-335), каде вели: „по веста објавена во бр. 10 на „Бллгарски книжици", 1858 година, дека кукушаните се собудиле и го вовеле народниот јазик во училиштата и црквите, тој лично се уверил во тоа кога бил во Кукуш на 24 и 25 ноември 1858 ггодина“. Како што ќе напише В. Чолаков „за главен двигател на разбудувањето, не само во Кукуш туку и во многу други македонски градови и паланки како во Полјанин, Воден, Струмица и дури во Охрид, е достојниот за уважение родољубец, главниот учител во Кукуш - Г. Димитриј Миладинов, човек со најблагородни стремежи и со необична дејност, поминатите десет дена со него се најсреќните во мојот живот.

Димитрија Миладинов започнал да испраќа студенти на школување во Русија. Меѓу нив, го испратил и својот брат Константин да студира словенска филологија на Императорскиот универзитет во Москва. Собирал народни умотворби и му ги испраќал на Константина во Москва, надевајќи се дека таму ќе ги објави.

Димитар, всушност е и најзаслужен за создавањето на зборникот што Константин го објави на враќање од Русија во Загреб во 1861 г., со наслов „Бжлгарски народни песни. Зборникот содржи огромен фонд македонски народни песни, кратки жанри, етнографски материјали и сл. и само една седмина бугарски песни. Жестоко се борел за воведуваще на народниот јазик во училиштата и на црковнословенскиот во богослужбата, како и против поставувањето грчки свештеници во Македонија. Поради тоа бил наклеветен пред турските власти како руски шпион, бил затворен и под нерасветлени околности го загубил животот во цариградските зандани.

 

ЗА КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ

Konstantin_MiladinovМИЛАДИНОВ, Константин (Струга, 1830 – Цариград, 18. 1.1862) – учител, преродбеник, поет, преведувач и фолклорист. Бил најмлад син од осумте деца во семејството. Oсновно училиште завршил во Охрид, a гимназија во Јанина (1844 – 1847). По завршувањето работел како учител во Струга и Трново, Битолско (1847 - 1849). Во 1849 година се запишал на Филолошкиот факултет на Атинскиот универзитет, каде дипломирал грчка филологија во летото  1852. Извесен период престојувал кај Партенија Зографски во манастирот Зограф на Света Гора, каде што ја изучувал руската граматика и потоа заминал за учител во с. Магарево, Битолско во учебната 1852/1853 година. Во есента 1856 година, со помош на својот брат Димитрија заминал за Русија и студирал на Историскофилолошкиот факултет во Москва во периодот од 1857 до 1860 година.

За време на своите студии во Москва посебно внимание му посветил на старата словенска книжевност. Во 1860 година за потребите на тамошното списание „Братски труд“ на македонските и бугарските студенти, потоа во списанието „Блгарски книжици“ и во весникот „Дунавскии лебед“, преведувал од руски јазик. Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Болен и разочаран од неуспехот да го испечати Зборникот од народни умотворби, заради судирот со Цариградската патријаршија, во моментите на носталгија ќе ја напише познатата песна Тга за југ.

По заминувањето во Виена, во летото во 1860 година, се сретнал со хрватскиот бискуп и словенски мецена Јосип Јурај Штросмаер. Во почетокот на октомври 1860 година, заедно со Ј.Ј. Штросмаер заминал за епископскиот центар Ѓаково. Тука го завршил редактирањето на познатиот зборник со 660 македонски народни песни и со над 23.000 стихови, потоа обичаи, верувања, преданија, пословици, гатанки, разни детски игри, народни имиња и направил мал македонско-хрватски речник. Делото содржи и седумдесетина бугарски песни отстапени од бугарскиот фолклорист Васил Чолаков. Со помош на Ј. Ј. Штросмаер, на 24 јуни 1861 година, од печат излезе Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци.

Имајќи го собраниот материјал од народни умотворби, Константин целосно се ангажирал во реализирање на идејата за нивно печатење. Работејќи на редактирање на песните и другите народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија. Автор е и на антологиските песни „Шупелка“, „Бисера“, „На чуждина“, најпознатата „Т’га за југ“ и др. Освен тоа, од руски на македонски јазик ја превел антиунијатската брошура „Православни црковни братства во Југозападната Русија” од отец Флеров, во 1858 година.

Дознавајќи дека брат му Димитрија е затворен во Цариград, заминал да му помогне за ослободување, но и самиот бил уапсен. Ј. Ј. Штросмаер и други поддржувачи се обиделе да ги спасат браќата, но без успех. Константин исто така бил обвинет дека е руски шпион и затворен. Званично починал во цариградските зандани од тифус на 18 .1. 1862 година, една недела по смрта на брат му Димитрија. Сепак смрта на Константин, како и на брат му Димитрија и денес останува мистерија.

 

КОНТРАВЕРЗИ ЗА НАСЛОВОТ НА ЗБОРНИКОТ

Како што докажува дописката на Миладинов во Москва, се до печатењето на книгата (24 јуни 1861 г.), таа го носи работниот наслов „Македонски народни песни“ и оваа промена во последен момент е предмет на контроверзии. Всушност, насловот „Бугарски народни песни“ за прв пат се спомнува во писмо на Чолаков до Др. Фрањо Рачки кусо пред самото печатење. Во писмото Чолаков ќе напише: „Може да ви е познато дека откако дојдов преминатата година во Загреб, покојниот мој друг Константин Миладинов ме умоли да му дам сто песни од источните страни на Бугарија, за да може да му даде наслов „Блгарски народни песни„“.

Најважното прашање кое произлегува од изјавата на Чолаков дадена во ова писмо е: со каква тенденција ги побарал Константин бугарските песни и зошто го насловил Зборникот „Бугарски народни песни“. Веќе еднаш редактиран Зборникот во Ѓаково, и по пристигањето на Константин во Загреб, предаден во печатницата за да се печати, Зборникот доживува измени во структурата. Се уфрлуваат бугарски народни песни, кои го зголемуваат обемот на книгата и ја разбиваат композицијата. Заради ова се скратува материјалот и се испуштаат поголем дел од речникот и единаесете хороводни песни.

Дефинитивната промена на насловот на Зборникот од Македонски во Бугарски народни песни, во моментот кога тој требало да влезе во печат, Константин не можел туку така да ја направи, како што и неможел така лесно да ги исфрли идинаесте ороводни песни напишани со ноти од неговиот брат Наум Миладинов, иако веќе биле објавени во Огласот за покана за претплата на Зборникот. Поточно, во собирањето на творбите помагал и средниот брат Наум Миладинов, кој завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет "Халки" во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македониjа, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф. Во Зборникот од него требало да бидат напечатени и идинаесет хороводни песни со ноти, кои за жал не се објавени во конечната верзија.

Постојат различни толкувања за оваа постапка на Константин.  Една од можните причини е изнесена во писмото што Константин го упатува на 8 јануари 1859 година од Москва до Г.С. Раковски во која се вели: „ ... и јас имам многу македонски песни, кои сакам да ги издадам малку подоцна; зошто сега не ми дозволуваат обстојателствата“.  Извинувањето до претплатниците напишано во предговорот на Зборникот не го дава правиот одговор на прашањата кои не интересираат.

Без разлика на самиот наслов, Жинзифов и русинот Рачински, во своите написи за Зборникот на Миладиновци, песните од Зборникот ги нарекуваат македонски, онака како што ги нарекувал и самиот Константин.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.