Среда, 16 Март 2011    PDF Печати Е-пошта
Миле Попјорданов

mile-pop-jordanovМиле Ѓошев Попјорданов е роден 1879/80 година, во Велес. Тој бил најстариот син на трговецот Ѓоше и Султана Попјорданови, фамилија на познати македонски револуционери. Со своите дела и подвизи се истакнуваат и негови браќа, водачот на велешките гемиџии Јордан Поп Јорданов - Орцето и Петар Поп Јорданов. Поради неговите револуционерни идеи, Миле Попјорданов бил исклучен од Солунската и Битолската гимназија, а подоцна и од Духовната семинарија во Цариград. Кратко време бил учител во село Чичево, Велешко, а потоа и во Велес. Наклеветен од велешкиот егзархиски владика Авксентиј, бил отпуштен од работа.Откако кратко учителствувал во село Дедино, Радовишко, како член на МК на ТМОРО во Велес, станал комита во Радовишко, а потоа и во Серско. Војвода на чета на ТМОРО во Поројско бил од јули 1898 до летото 1901 година. Поради болест, војводството му го остапил на Михаил Чаков и заминал на лекување во Солун. По закрепнувањето се вратил дома, но кога разбрал дека безбедноста му е загрозена, се обидел да замине од градот. Паднал во заседа која му ја подготвила османлиската полиција на излез од Велес, на патот према Штип. По кратката престрелка на 21. IX 1901 година, со последниот куршум се самоубил. Неговата смрт е опеана во една од најпопуларните македонски народни песни, „Болен ми лежи Миле Попјорданов“.

„Миле Попјорданов за народ загина, за народ загина, за Македонија" е песна што се пеела и продолжува да се пее во цела Македонија. Посебно оваа песна се пеела од страна на македонските револуционери. Се пеела во затворите, на излетите, во логорите, во борбата, се пеела секаде каде што тоа го барал револуционерниот борбен полет. Песната „Болен ми лежи Миле Попјорданов“, која и по толку години остана симбол на македонскиот непокор, денес не е само дел од македонската музичка културна ризница туку и официјална химна на општина Велес.

Прекрасната македонска народна песна која ја опејува смрта на Миле Попјорданов, ги поминува и границите на земјата  и станува дел од светската музичка културна ризница, притоа ширејќи ја  вистината за Македонија.  Во интерпретација на холандскиот машки црковен хор и сопранистката Рузана Нахапетјан, во прекрасната катедрала од 15 век во Доесбург, и покрај одредените слабости при пеењето на македонските зборови, песната „Болен ми лежи Миле Попјорданов“ звучи прекрасно и моќно. Испеана со врвно мајсторство и вокален раскош го плени срцето на секој Македонец каде и да е.во светот.

Слушајќи ја оваа песна, човек неможе а да не се запраша колку ли само млади животи паднале во борбата за слобода на македонскиот народ. Колку ли само млади Македонци жртвувајќи го својот живот наместо со млада невеста, се венчале со македонската земја!? Бројни познати и небројни непознати млади животи, македонскиот народ жртвувал пред олтарот на слободата за Македонија. Сите тие умреле за и со името Македонија. Колку ли само мајки останале без своите чеда, сестри без своите браќа, невести без своето либе, семјства без своите стопани, деца без своите родители. Непресушни биле солзите нивни, а коритата на македонските реки, претесни да ги соберат нивните солзи.

Поради сите нив прашуваме. Има ли некој право  денес да ги потцени сите овие жртви и со еден неразумен чин да се откаже од своето име, од свјата слобода, од својата историја, од својот идентитет, само за да ги задоволи барањата на нашите соседи и мала група домашни изродници кои во име на личните интереси се обидуваат да ги сотрат сите спомени и паметници на нашето славно минато, да ги минимизираат сите жртви дадени пред олтарот на слободата за Македонија.

Но и покрај сите напори историјата да се фалсификува, да се сотрат паметниците, неможат да ја уништат и песната, која од колено на колено ја пренесува вистината за борбата на македонскиот народ. Таков е примерот со песната и гробот на Миле Попјорданов. Додека песната го отргна од заборавот, неговиот гроб во Велес долго време бил запоставен од власта на претходниот режим. Сепак по осамостојувањето во деведесетите години, членовите на ВМРО ДПМНЕ го обновија неговото вечно почивалиште кај црквата „Св Пантелејмон“..

Иако Миле Попјорданов е една од позначајните личности од македонската историја, опена во македонската народна песна, за него нема многу пишани извори. Затоа овде ќе ви презентираме извадоци од еден текст на Перо Коробар(1916 -2004), истакнат македонски деец, револуцинер, културен работник и пиблицист од Велес, кој долго време по Втората светска војна завземал високи општествени функции. Во овој прекрасен текст, како и самата песна, објавен во април 2003 година во „Македонско време“,  Коробар ќе напише:

„Се спушта мрак. Низ карпите и малите грмушки осветлени од месечината, се прикрадува Миле со уште двајца другари. Влегуваат низ Којник, вратата на револуционерниот град Велес, град што носи бурна, револуционерна политичка и културна историја. Се палат уличните фенери и ламбите по куќите. Амфитеатрално расположен, градот добива посебна убавина.., Се затвораат последните ќепенци на малиот плоштад, среде кој со векови стои распуканиот јавор. Тука појасно се осветлуваат трите фигури: двајцата се во селска, а третиот во свештеничка облека. Се спуштаат низ стрмните калдрмисани велешки улици, над кои се надвиснале старите куќи, дејствувајќи заштитнички над луѓето што поминуваат.

Застануваат на почетокот на тесната улица оградена со високи ѕидови и порти. Се отвора портата на Попјорданови, низ која и порано влегувале револуционери за да ја распламтат народната борба, портата низ која излегувале и не се враќале повеќе, оставајќи ги своите животи таму каде што барала борбата... Калдрмата на дворот води кон зградата со приземје и кат што ја краси убав чардак. Во една од притаените приземни соби. осветлени се газјена ламба, седат луѓе, очекувајќи ги новостите од дојдените гости. Влегуваат тивко и мирно војводата Миле Попјорданов и другарите. Во собата, пред членовите на Градската револуционерна организација се пренесуваат добиените пораки. Миле со голема радост зборува за средбата со великанот на ослободителното движење на македонскиот народ Гоце Делчев.

Во првите мугри... тројцата го продолжуваат патот... Се спуштаат низ улиците кон средината на градот заштитени за да не бидат забележани од турската полиција. Го минуваат дрвениот мост на реката Вардар, па потоа најтешкиот премин, кој се наоѓа во близината на мостот, зградата на турската полиција и затворот, чиј простран двор го бранат остри шилци, тие продолжени симболи на искрвавените раце на отоманската власт. За да се избегне судирот, тие минуваат покрај Вардар, место што е исполнето со најубави детски спомени, на тихите убави вечери исполнети со пријатни разговори за она што треба да дојде, светлото утро.

Пред излезот од градот кон Штип... се чуја истрели. Прво ретки, а потоа зачестија, како да се заврзала борба. Целиот град се разбудува. Го опфаќа страв и загрижениот. Миле се договара да ги заштитува другарите до нивното преминување на штипскиот пат. Сам води борба со турската полиција чиј број се зголемува. Огнениот обрач се приближува. Куршуми од сите страни... Се наоѓа во прегратка на смртта... Ранет е во ногата. Крвта си повеќе ги натопува издупчените камења каде што е засолнет. Последниот куршум го остави за себе. И, тука дојде крајот на борбата и победата на смртта.

Миле Попјорданов лежи облеан во крв, со отворени очи кон синото небо. Од мртвиот војвода, турската полиција ја опфаќа страв... Треба јавно да се идентификува лицето и да се внесе страв од оваа смрт кај населението. Револуционерниот комитет ја дига организацијата на нозе... Свесни дека препознавањето значи нови патила за целиот град, не даваат одговор очекувајќи го понатамошниот расплет. Покрај телото се редат луѓе со стиснати заби. Ни полициските тортури не помагаат.

Сестрата која живеела во близина на убиството не можела да издржи а да не го види брата си. Под изговор дека оди да наточи вода од чешмата, што била во непосредна близина на настанот, се приближува кон телото на брата си. Во моментот кога го забележува облеан со крв, ги испушта стомните и со придушен писок ја затина устата со рацете за да ја притаи големата болка. Ги гризе рацете и молкум солзи и се пролеваат низ лицето. Полицијата ја носи на испитување нејзината скаменета фигура, но таа и натаму молчи. Солзите веќе и пресушуваат.

Во попладневните часови полицијата одлучува сама да го закопа Милета. Наредува да се направи сандак и да се прибере телото за да се погребе во близина на црквата „Св. Пантелејмон". Во меѓувреме, Комитетот го информира целиот град за смртта на Миле Попјорданов и го држи во мобилна состојба. Градот е во исчекување.

Во моментот кога Турците со телото го поминуваат Вардар преку малото дрвено мовче, група луѓе го грабнаа телото, ја оневозможија вооружената турска придружба и го дигнаа ковчегот високо над своите глави. За миг се појавува густа маса народ. Почнува да чука непогрешливиот вековен градски часовник, кој е издигнат како чувар на градот, а потоа и црковните камбани. Како река се слеваат толпите кон поворката. Мажи, жени, старци и деца, сите живеат со болката и тагата притаена во душите за трагичниот настан на познатиот, сакан сограѓанин.

Поворката се приближува кон црквата која е високо издигната на живописно место. Граѓаните му определуваат место достојно на овој син на својот народ над високите карпи, од каде што се отвораат хоризонти кон бунтовниот Вардар и надвиснатите високи карпи над него, кои како да зборуваат за историјата и ја пренесуваат веста кон брановите на Егеј....“

Веста за настанот ќе ја пренесе песната „Болен ми лежи Миле Попјорданов“  низ цела Македонија, Во неа е само судбата на семејството Попјорданиви, туку во неа е собрана сета судбина на на сите наши македонски мајки и сестри. За тоа најдобро говорат нејзините стихови:

„Болен ми лежи  Миле Попјорданов,
над глава му седи неговата мајка,
милно го гледа, жално го жали:

Стани ми, стани, мое мило чедо,
твоите другари по сокаци одат,
по сокаци одат жални песни пеат.

Бог да го прости Миле Попјорданов,
Миле Попјорданов за народ загина,
за народ загина, за Македонија!

Неговите сестри црно завиени,
свадба ќе прават, брата ќе женат,
брата ќе женат за Македонија.

Неговата мајка црно завиена,
свадба ќе прави, сина ќе жени,
сина ќе жени за Македонија.“

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.