|
||||
Војвода Методи Патчев од Охрид |
Методи Патчев (Охрид, 20. V 1875 – Кадино Село, Прилепско, 7. IV 1902) – бил македонски учител, револуционер и војвода на ТМОРО. Како учител работел во Охрид во 1896 година и во кичевското село Ехловец. Се активирал во ТМОРО и дејствувал во тој реон од 1897 до 1898 година. По убиството на Димитар Грданов во Охрид, бил уапсен и одлежал во затвор од 1898–1901 година. По амнестијата во 1901 година заминал во четата на Марко Лерински, а во октомври истата година бил назначен за прилепски војвода. За време на престојот на четата во Кадино село, Прилепско во пролета 1902 година, биле предадени и опколени од турската војска и башибозук, а борбата ја завршиле со групно самоубиство. Методи Патче е роден на 20 мај 1875 година во Охрид. Во родниот град завршил прогимназија, а потоа отишол да работи како чирак кај еден свој сограѓанин, кожар во Пловдив. Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност. Бил учител во Охрид и во кичевското село Ехловец. Истата година влегол во редовите на Охридскиот комитет на ТМОРО, во кој покрај него членувале или блиски на неа биле: Христо Узунов, Кирил Прличев, Лука и Иван Групчеви, Атанас Каневче и други. Во периодот од 1897 до 1898 година, Методи Патче дејствувал во охридскиот регион. Посебно место во развојот на ТМОРО, во овој период имале ударните групи за специјални намени. Овие групи покрај следењето на одредени луѓе и справувањето со уличните шпиони, собираат пари за потребата на организацијата, го помагаат нејзиното вооружување и вршат агитациско-организациски задачи. Обично ударните групи биле со повремен карактер и биле составени од лојални, храбри, снаодливи луѓе, каков што бил и Методи Патче. Првата акциjа на Организациjата во Охрид е убиството на Димитар Грданов коj бил осуден како разбивач на национално-политичкото единство на масите. Ликвидацијата на турскиот шпион Димитар Грданов, била една од позначајните акции што ги извршил Методи Патче. За да одредат кој ќе убие предавникот, групата во која биле Методи Патчев, Христо Узунов и Кирил Прличев, синот на Григор Прличев, влечеле ждрепка. Патчев, на кого му паднала ждрепката, со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, на 5 август 1898 година го застрелал предавникот Димитар Грданов во центарот на Охрид, по што сите тројца се уапсени од турските власти. Иако немало сведоци на убиството, тој бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години затвор. Методи Патче бил затворен во битолскиот затвор, каде останал се до 1901 година кога бил амнестиран. По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методи Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турскта власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, учествувал во македонското револуционерно движење како член и војвода на Македонската револуционерна организација. Марко бил испратен во леринскиот крај, а неговата чета, благодарение на неговата официрска подготовка и организациски способности, станала училиште за обука на македонските револуционери и војводи. Меѓу оние кои ја поминале неговата обука бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методи Патче бил назначен за војвода на првата агитационо-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патува низ прилепскиот регион и за релативно кусо време, ќе доjдат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, заради разврат го ликвидирал и прилепскиот војвода Тале Горанов. Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник, Благовец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека Војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 души. Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Опколени од сите страни, четата се забрикадирала во кулата. Започнала неравноправна јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), се до моментот кога на четата им снемоло муниција. На Патче и македонските комити не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. Методи Патчев и комитите биле свесни дека што и да одлучат, порано или покасно крајот ќе биде ист. Одлуката била донесена и на повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, после 24 часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство. По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величанствена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смрта, комитите како да и одавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот ќе изјави "Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија.", а потоа со плотун преку мртвите тела, Турците ќе им одда почит на загинатите македонски херои. Турците кај Патчев пронашле шифрирани документи од кои ја откриле целата револуционерна мрежа на Организацијата во Прилепско. Османлиската војска правејќи голем зулум, извршила претрес и апсења во 18 прилепски и 6 мариовски села, при што биле затворени 92 припадници на Организацијата. На судењето во Битола, на разни затворски казни биле осудени 16 души, а другите биле ослободени. Врз основа на разни добиени податоци се смета дека предавството го извршиле Станко Ачкоски, кмет на селото, познат врховист и турски шпиони, и неговиот заменик Јонче Врбоски. Ачковски бил осуден на смрт од Организацијата и истото лето бил убиен. Македонската револуционерна борба пред и по Илинденското востание памети многу колективни самоубиства на македонски војводи и комити, кои со посегањето по сопствениот живот предизвикувале восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот. Меѓутоа самоубиството на охриѓанецот Методија Патчев и неговата дружина е прв таков чин по чиј пример подоцна ќе тргнат многумина македонски синови. Селаните ги закопале македонските херои во црквата "Света Богородица", а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта. За Војводата Методи Патчев испеани се повеќе песни. Една од нив е и песната „Јас Методи Патче од Охрида“: Јас Методи Патче од Охрида |