Среда, 03 Август 2011    PDF Печати Е-пошта
Лазар Поп Трајков

Lazo_papatraijkov-240Лазар Поп Трајков (с. Д’мбени, Костурско, 10. VI 1877  – с. Трново, Костурско, 11/12. X 1903) – македонски револуционер, костурски воjвода и поет. Завршил гимназија во Солун во 1898 година. Се вклучува во македонското револуционерно движење и бил назначен за војвода на ТМОРО. Ги организирал првите револуционерни комитети во Костурско, а во Илинденското востание бил член на Костурското горско началство. Во борба со османлиската војска во Мариовско бил тешко ранет, а предавникот Коте Христов од Рула за 50 турски лири, добиени од грчкиот костурски владика Германос Каравангелис, му ја пресекол главата. Автор е на поемата „Локвата и Вињари.

Лазар Поп Трајков е роден на 10 јуни 1877 година, во Костурското село Д’мбени. Сместено во непосредна близина на планината Вичо, селото Д’мбени со околу 300 куќи, било расадник на македонски патриоти. Израснат во патриотското семејство на Поп Трајко, кај Лазар се развива револтот кон неправдата која османлиите им ја нанесуваале на неговиот народ.

Лазар Поп Трајков уште од мал пројавувал афинитет кон учењето. Со основно образование се стекнува во своето родно место, а потоа продолжува да учи прогимназија во Костур. По завршувањето на прогимназиското образование се запишал во егзархиската машка гимназија

„Св. Кирил и Методиј“ во Солун, каде се придружил на Македонската револуционерна организација. Станал член на ТМОРО, а по завршувањето на гимназиското образование во 1898 година, бил назначен за егзархиски учител во Костурско.

По враќањето во родниот крај, во текот на 1898 и 1899 година, Лазар Поп Трајков развил интензивна револуционерна дејност. Прикривајќи ја својата активност како егзархиски учител  тој ги посетувал Костурските села и меѓу месното население ја пропагира револуционерната борба, објаснувајќи ги целите и задачите на Организацијата.

Лазар Поп Трајков ги организирал првите револуционерни комитети во Костурско. Во редовите на Организацијата тој ги вклучува старите ајдути Коте Христов и Митре Влаот, како и повеќе лица кои подоцна ќе станат познати комити и војводи како на пример: Манол Ризов, Никола Андреев, Пандо Кљашев и други. Вклучувањето во Организацијата и дадената доверба на стариот ајдук Коте Христов, подоцна ќе биде кобна за самиот Лазар Поп Трајков.

Во текот на 1898 и1899 година, Лазар Поп Христов ги развива основните структури на Организацијата, работи на нејзино ширење, справување со турските разбојници кои го тероризираат македонското население и се бори против грчката духовна хегемонија. Истовремено тој ги прави и првите обиди за набавка на поголемо количество оружје од Грција. Во 1899 година на состанокот на костурските раководители тој бил назначен за врховен началник на ТМОРО за Костурско. Истата година, за време на обиколка на селата како учител, Поп Трајков бил уапсен од турската полиција и затворен во Костур. Осуден бил на четири години затвор од кои одлежал две во Корчанскиот затвор.

По апсењето на Поп Трајков, со цел да ја зајакне организацијата и да ги организира каналите за набавка на оружје од Грција, Борис Сарафов во Костурско го испратил Васил Чакаларов. Во 1901 година Чакаларов и Кљашев го продолжуваат делото на Лазар Поп Трајков. Обиколките најпрво на Поп Трајков, а подоцна и на Чакаларов на селата во Костурско, посебно ќе допринесат поголем дел од населението да ја напушти Грчката црква и да се приклучи на Егзархијата, што по востанието довело до крвава пресметка меѓу македонските комити и грчките андарти.

Лазар Поп Трајков одлежал две години во затвор, а по враќањето повторно застанал на чело на Организацијата во Костурско. Истата ја затекнал зајакната, а четите и селската милиција биле во најголем дел подготвени за кревање на востание. Кон крајот на 1901 и почетокот на 1902 година, Костурскиот реон го обиколил Гоце Делчев и со својата чета го одржал „вишиот агитационо-организациски курс“. Откако ја завршиле обуката, за месни раководители биле поставени Лазар Поп Трајков, Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Лазар Москов, Кузман Стефов и Михаил Николов.

Ваквиот развој на настаните во Костурско ги уплашил гркоманите кои предводени од грчкиот владика Германос Каравангелис барале активирање на турскиот аскер. По извршените предавства на гркоманите, османлиската војска презела бројни потери за да го открие и одземе оружјето од народот и да ја уништи Организацијата. На 7/8 мај Турците го нападнале и изгореле селото Смрдеш во кое била сместена бомболеарницата, а барајќи оружје во селото Жервени масакрирале 85 лица, меѓу кои мажи, жени и деца.

Лазар Поп Трајков, Васил Чакаларов и Пандо Кљашев од 2 до 7 мај 1903 година, како членови на Костурското горско начелство, учествуваат на Смилевскиот конгрес и укажувајќи дека состојбата во Костурско е неподнослива апелираат востанието веднаш да започне.

Дестина дена подоцна, по враќањето во Костурско, четите на Лазар Поп Трајков, Чакаларов и Митре Влаот се судираат со турската војска кај селото Руља. Тие ја одбиваат турската војска, притоа убивајќи 15  турски војници. Веднаш потоа реонското раководство наредило селските чети да излезат. На 31 мај здружените чети на Чакаларов, Кљашев и Дичо Андонов кои бројат седумдесет души, водат тешка борба со 1.000 турски војници во близина селото Д’мбени. Во борбата здружените чети ќе загубат 12 комити, додека бројот на загинати Турци бил околу 150 души. Херојската борба на здружените костурски чети кај Д’мбени, Лазар Поп Трајков ќе ја овековечи во песната Локвата и Вињари.

На почетокот на Илинденското востание (2 август 1903 г.) Лазар Поп Трајков, Лазар Киселинчев, Иван Попов и Манол Ризов одат во селото Руља каде се помируваат со арамискиот војвода  Коте Христов. Коте им ветува дека ќе земе учество во востанието и дека ќе биде верен на Организацијата, иако веќе претходно ги имал изневерено нејзините принципи. Востаниците во селото ги осветуваат  6 – те знамиња, а два дена по почетокот на востанието Лазар Поп Трајков по неколку одбиени барања за разоружување, со својата чета ја напаѓа турската војска стационирана во турското село Жервени. По целодневна битка турската војска била протерана, а селото чие население со децении вршело терор врз македонскиот народ било запалено.

Во текот на востанието, Лазар Поп Трајков со својата чета учествувал во неколку битки, но најголема борба во која учествува била битката кај месноста Франговица. Неколку илјаден аскер ги нападнал востаниците во близина на селото Д’мбени. Околу 600 востаници не само што успеале да ги одбијат нападите на турската војска која користела и артилерија, туку во контранапад успеваат аскерот  да го протераат према соседното село Сливени. Во борбата загинале само 6 востаника, додека Турците имале 200 загинати.

Притиснати и гонети од петнаесетилјаден аскер, по околу еден месец борба во Костурскиот реон, здружените востанички сили се поделиле на два дела, а Лазар Поп Трајков и Иван Попов со околу 500 востаници заминуваат за Мариово, Прилепско. Тие очекуваат да се приклучат на прилепските востаници, но по пристигнувањето ги дочекала сосема друга слика од онаа што очекувале. Во прилепско немало востание.

Лазар Поп Трајков и Иван Попов со 116 преостанати востаници, колку што пристигнале во Прлепскиот крај, се сретнале со групата на Ѓорче Петров која броела 14 души. Со Ѓорче Петров се договориле со неговата чета да одат во Леринско за да ја кренат во воздух железничката линија Солун - Битола. Но, на пат кон Леринско, кај Мариовското село Чаништа, групата од 130 востаници паднала во заседа. Започнала тешка битка со 5.000 – та турска војска. И покрај фанатичните напади на турскиот аскер подржани од артилерија, востаниците предводени од искусните кустурски великани на чело со Лазар Поп Христов, успеале во вечерните часови да го пробијат обрачот, оставајќи зад себе околу 300 до 400 загинати Турци. Во оваа битка востаниците имале само 4 загинати и 6 ранети. Меѓу ранетите бил и самиот Поп Трајков.

Лазар Поп Трајков бил лошо погоден во устата и решил да се врати во Костурско за да се лекува.  Тој му се обратил за помош на војводата Коте Христов, иако знаел дека одамна стариот арамија шурувал со грчкиот владика Германос Каравангелис. Поп Трајков се надевал дека старите недоразбирања биле надминати, посебно откако како горски војвода му го простил гревовите и го бакнал Котета, како и поради заедничките акции за време на востанието. Меѓутоа Лазар Поп Трајков воопшто не бил информиран дека во меѓувреме Коте влегол на платниот список на Грчкиот комитет и дека од нив примал редовна плата.

Како голем противник на грчката духовна доминација во Костурскиот реон, Грците нуделе големи пари за главата на Лазар Поп Трајков.  По доаѓањето во селото Руља, во октомври во 1903 година, наместо заштита и лекување, дваесет и пет годишниот Лазар Поп Трајков бил заклан од предавник Коте и неговиот соселанец гркоманот Павле Киров.

Окрвавената глава на Лазар Поп Трајков, поп Ставре од Писодер му ја однел на Грците во Костур. Му била предадена на грчкиот владика Каравангелис кој потоа ја фотографирал и испратил по селата за да народот фати уплав.

Така, предаден од своите, загина омилениот млад револуционер и поет Лазар Поп Трајков, еден од најсветлите ликови на македонското револуционерно движење во Костурско.

Лазар Поп Трајков бил омилен меѓу своите соборци и населението во Костурско. Неговата смрт жално ќе одекне меѓу народот кој ќе го опее овој настан.

Зашчо плачиш, зашчо жалваш,
ти високи Лисец,
зашчо с' магла се покриваш
од горе до долу?
Јас ќе плачам, јас ќе жалвам,
дор до век и веков,
зашчо видов как' заклаја
Лазо Папа Трајков.
Отрежаа му главата
за пендесет лири,
однесоа ја во Костур,
бакшиш на деспото.
Колку жално, срамно ести
за грчкиот деспот,
шчо го плате ѕверот Коте
да заколи Лазо.
Ај да кажеме: „Бог да прости
Лазо Поп Трајков“!
Првиот и најголемиот
костурски началник.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.