|
||||
Андреја Чипов |
Андреј Чипов е роден во 1904 година во леринското село Пателе (денес Агиос Пантелејмонас), во Егејска Македонија. Чипов го минува детството во родното место, сместено на западниот брег на Островско Езеро, на само 6 км од Суровичево и 39 км југоисточно од Лерин. Уште како мал слуша за Македонската револуционерна организација и за учеството во Илинденското востание на селската чета предводена од Атанас Шишков. Воспитан во духот на револуционерна борба тој како и сите жители на Пателе тежнее за слободна и независна Македонија. Формирањето на ВМРО Обединета во Егејска Македонија дојде со задоцнување. Празнината ќе ја пополни Комунистичката партија на Грција (КПГ), која изврши огромно влијание врз Македонците со изјаснувањето за обединување и вклучување на сета Македонија во равноправна федерација на балканските народи. Со својата револуционерна платформа и застапувањето за основните економско-политички и национални права и интереси на народот ќе го привлече македонскиот народ, а во текот на дваесетите години на XX век, Пателе станува центар на Комунистичката партија на Грција (КПГ) во Егејска Македонија. Во подготвителните работи за организирање на ВМРО(об), активно ќе содејствува КПГ. Во јуни 1933 г. по директива на ЦК КПГ во Солун беше организирана, т.н. „Конференција на малцинствата". Во работата на конференцијата учествуваа македонски претставници од Солун, Лагадина, Негуш, Леринско, Костурско, Воденско и Драмско, потоа Евреи од Солун, Влав од Бер и муслиман од Тракија. На конференцијата било решено при локалните комитети на КПГ да се образуваат јадра за малцинствата со намена да прераснат во посебна организација на малцинствата. За да се разгледа спроведувањето на задачите во септември беше одржана втората конференција во Бер, а по три месеци трета конференција во Солун со претставници од сите околии на Егејска Македонија. Веднаш по одржувањето на V конгрес на КПГ беше свикана во март 1934 година конференција во Воден за основање на ВМРО (Обединета). На конференцијата присуствуваа делегати од Воден, Костурско и Ениџевардарско. Конференцијата избра раководство на ВМРО (Об) за Егејска Македонија на чело со познатиот македонски револуционер и комунистички функционер Андреа Чипов, кандидат-член на ЦК на КПГ. Во раководството влегоа уште Алеко Тенекеџиев, Михаил Кљонев и Христо Галабов. За успешната дејност на ВМРО (об) и за поддршката од КПГ многу придонесе ставот на Коминтерната за признавање на Македонците како припадници на одделна македонска нација. Во 1935 година, Андреј Чипов учествува na Седмиот конгрес на комунистичката интернационала во Москва, а ма последните предвоенни парламентарни избори на 31 јануари 1936 година Чипов бил избран и за пратеник во грчкиот парламент. Тој е еден од 15 – те пратеници на листата на ГКП. Според неговото кажување, на избирачките списоци крај неговото име во графата занимање пишувало „Македонец“. Тоа ќе го потикне раководството на ВМРО (об) на чело со Чипов да истакнат повеќе барања за национално-културни права како што се: отворање на македонски училишта и за употреба на мајчиниот јазик во секојдневниот живот. Овие барања на ВМРО (об), тогаш беа поддржани од раководството на КПГ. Андреј Чипов како пратеник од листата на ГКП, ќе издејствува овие барања да се изнесат пред грчките парламентарци. Шефот на парламентарната комунистичка група Стелиос Склавенас во својјот настап на 25 април 1936 година пред грчкиот парламент ќе каже: „Оној што поминал низ Македонија, особено во оние околии што се населени од компактни маси на Македонци, сигурно го почувствувал посебниот притисок што се врши над нив. Правото да имаат училишта, да го употребуваат македонскиот јазик и своите обичаи строго им е забрането. Ваквата ситуација го тера македонското население да се организира и да води борба за извојување на тие права, во што ние не можеме да не ги поддржиме". По Шестиот конгрес на КПГ во декември 1935 г. кога е истакната потребата за заменување на паролата за обединета и независна Македонија со паролата за „полна рамноправност на малцинствата", ваквиот настап на Склавенас значеше излегување од рамките на тогашни ставови на раководството на КПГ во однос на македонското национално прашање. Всушност тоа беа барањата на ВМРО (об) која преку Чипов и Склавенас ги изнесоа во грчкиот парламент. Во овој период, раздвижувањето на прогресивните маси ќе ја уплаши грчката владаечка елита, а Атина ќе побара излез во воведување на диктатура. Во почетокот на август 1936 година, генералот Метаксас прогласува вонредна состојба, го распушта парламентот, го суспендира уставот и заведува диктатура. Новиот режим ја стави вон закон КПГ и пристапи кон масовни прогони, апсење и интернирање на функционери и активисти на КПГ и на ВМРО (Об). Меѓу прогонетите беа Андреа Чипов, Лазо Трповски, Христо Галабов, Трифун Хаџијанев, Алеко Тенекеџиев, Фоти Урумов, Коста Думов и др. Со тоа беше обезглавена и разбиена ВМРО (Об) во Егејска Македонија, која за време на своето краткотрајно постоење придонесе за поврзувањето и активизирањето на Македонците во борбата за социјални и национални права. Диктаторскиот режим со крајна бруталност ги прогонувал Македонците, интернирајќи ги на островите и изрекувајќи им тешки казни и глоби. Истата година, новиот режим го апси Андреј Чипов и го затвара во озогласениот логор на Пелопонез, Акронавплија. Таму ќе остане до 1941 година, а во меѓувреме затворените комунисти ќе го изберат за секретар на партискиот комитет. Во хаосот што настана за време на инвазијата на нацистичка Германија и нејзините сојузници врз Грција во април 1941 година, голем број од уапсените комунисти успеваат да избегаат од затворите, но не и генералниот секретар на ГКП Никос Захариадис. Германците го интернираат Захариадис во концентрациониот логор Дахау крај Минхен, од каде се враќа дури 1945 година. Во меѓувреме, набрзо по окупацијата, на 29 јуни 1941 година, по интервенција на бугарската мабасада во Атина, Андреј Чипов е ослободен заедно со уште 26 други затвореници-комунисти. По ислегувањето од затвор, Чипов се зафаќа со реорганизирање на десеткуваната КПГ. На почетокот на јули 1941 година во Атина, подоцна наречен Шести пленум на ЦК КПГ, се формира „Нов централен комитет“. Согласно одлуките на партиското раководство во Акронавплија, Чипов е избран за генерален секретар на партијата. На овој состанок се издава директива за вооружен отпор против германските, италијанските и бугарските окупатори. Новоформираниот централен комитет набрзо успева да се стекне со признавање од страна на стариот централен комитет, како и од некои организации на т.н. „привременото раководство“ на партијата. Два месеци по нападот на Германија над Советскиот Сојуз, Грчката комунистичка партија и бројни помали политички партии како "земјоделската партија" и др. формираат на 27.9.1941 година "народно ослободителен фронт" (`Ethniko Apelevtherotiko Metepo` - ЕАМ) кој се претвора до крајот на војната во најмоќната политичка сила во Грција. Во овој период антифашистичкото отпор ќе го раководат Македонецот Андреј Чипов (Андреас Ципас) и Јоргос Сиантос. Оваа промена значајно ќе се одрази на курсот на ГКП. Постојат две верзии кои говорат за тоа кога Андреј Чипов е ослободен од функцијата генерален секретар на ГКП. Според првата верзија смената на Чипов е извршена на Седмиот пленум, а според втората на Осмиот пленум на ЦК на КПГ. Според д-р Ристо Кирјазовски и бугарскиот историчар Георги Даскалов, најверодостојна е втората, односно дека на чело на партијата „Андреј Чипов останува до јануари 1942 година кога е одржан Осмиот пленум на ЦК на КПГ “. На овој пленум за генерален секретар е назначен Јоргос Сиантос, а Чипов е избран во Политбирото на партијата и е поставен за секретар на Обласниот комитет на КПГ за Пелопонез. За многумина причините поради кои е сменет од функцијата се двојни, односно една етничката припадност на Чипов и втората со "својство на секретар на ВМРО (об). Всушност како што кажуваат: „стоењето на Македонец на чело на КПГ можеше да има негативно политичко влијание врз масите на грчкиот народ поради неговата позната чувствителност за националното прашање и уште повеќе во периодот на национално-ослободителната борба...“ Андреја Чипов и покрај сите непријатности, тешкотии и опасности останува со партијата во најтешките и најопасните моменти од нејзиното постоење. Набрху Андреја Чипов станува еден од раководителите на ЕЛАС. На 16 февруари 1942 година како вооружено крило на ЕАМ е формирана "Националната народноосвободителна армија" - EЛАС (`Ethnikos Laikos Apelevtherotikos Stratos`). Со неа командува Арис Велухиотис кој е исклучително способен и создава народна армија, која кон крајот на војната има 180.000 лица под оружје и практично ја контролира цела Грција. Но, и покрај општите победи во партизанската борба, грчката Комунистичката партија стравува од радикалната политика на ЕЛАС и на нејзиното раководство - Арис Велухиотис, Стефанос Сарафис и Андреја Чипов, бидејќи таа крие опасност да се загуби воената поддршка на Велика Британија, ако трендот на лево ориентирани кон Советскиот Сојуз добие трајни белези. За време на Граѓанската војна, Чипов е активен во Народно ослободителниот фронт, а по поразот на Демократската армија на Грција пребегнува преку границата во Битола. Таму живее до 1956 година, кога умира. |