|
||||
Никола Киров Мајски |
Никола Киров Трајков - Мајски (Крушево, 28. VI 1880 – Софија, 2. VIII 1962) – македонски револуционер, член на Македонската револуционерна организација, национален и просветен деец, историограф, општественик и книжевник. Учесник е во Илинденското востание и ја создава „Прокламацијата до турскиот народ во Крушевската околија“, позната како „Крушевскиот манифест“. Работел како учител, финансов службеник, но како македонист никогаш не престанал со револуционерната активност. Мајски е еден од организаторите на „Македонската федеративна организација“ и еден од редакторите и соработниците на нејзиниот орган „Автономна Македонија“. Починува токму на Илинден, на кој што му го посвети целиот живот и целото свое литературно- публицистичко творешво. Мајски бил драмски автор, поет, раскажувач, мемоарист и хроничар на Крушево. Никола Киров Мајски е роден на 28 јуни 1880 година во Крушево, во револуционерно семејство со потекло од охридското село Свиништа. Неговиот дедо познат како „Демир (Железен) Трајко“ бил голем бунтовник и народен заштитник, а татко му зидарски мајстор кој го изучувал старословенскиот и грчкиот јазик. Набргу по смрта на мајката на Мајски во 1892 година, татко му се разболува, а со тоа се влошува и материјалната состојба на семејството. По завршувањето на основното училиште во родниот град, Никола Киров добил стипендија со која го продолжува своето образование во егзархиската гимназија во Битола. За време на своето школување се поврзува со воспитувачот Пере Тошев кој ќе влијае врз неговите понатамошни определби. За ного Мајски ќе каже: „На учениците тој гледаше како на идни апостоли на слободата кои преку исполнување на својот патриотски долг ќе мораат да се соочат со маса тешкотии и да ги надминат“. Во текот на учебната 1898/99 година, како член на ученичката група „Удостоените“, Мајски учествува во ученичкиот бунт против егзархиската администрација и владиката Григориј, поради што е исклучен од гимназијата. Дури по интервенција на охридскиот владика Методиј, казната му била укината. Потоа тој своето обрзование го продолжува во Солунската машка гимназија, каде се оформува како револуцинерен деец и се вклучува во Македонската револуционерна организација. По завршувањето на школувањето, во учебната 1902/3 година станува учител во леринското село Баница. За време на Илинденското востание Никола Киров учествува како секретар на штабот на крушевските востаници. Со Никола Карев, претседателот на Крушевската република, биле братучеди и го создава Крушевскиот манифест, односно Прокламацијата до турскиот народ во Крушевската околија од 6 август 1903 година. Крушевскиот Манифест се обраќа кон нехристијанското месно население во востанатите региони. Потсетувајќи се за последните мигови на Крушевската република Мајски ќе забележи: „По наредбата на офицерот, (турската) војска помина покрај труповите на нашите борци и со истрели во воздух им одаде почит. Бахтиар дозволи паднатите на „Слива“ да бидат прибрани од домашните и погребани според христијанските обичаи.“ По Илинденското востание, се до објавувањето на амнестија Мајски останува како раководител на месниот револуционерен комитет, а потоа се враќа во леринското село Баница и работи како учител во 1905/06 година. Потоа се обидува да студира право во Софија и учителува во бугарскиот град Ихтиман. По недоразбирањата со тамошниот училишен инспектор, Мајски повторно се враќа во Крушево. Во 1910 година бил назначен за директор на училиштата во Дебар и Ресен, но заради неговите активности младотурците го затвораат и го мачат. На должноста во Дебар стапил откако по 17 дена испитување и тортура во затворот во Крушево, бил ослободен поради недостиг на докази. Во Дебар, Макски бил осомничен поради потикнување на македонската и албанската интелигенција против актуелната власт. Веќе наредната учебна 1911/12 година тој бил директор во Ресен. Ни таму не останал мирен и ги подржал учителите за време на неколкудневниот штрајк. Како награда за подржување на оправданите барања на штрајчувачите бил назначен за училишен инспектор во Охридско. Во предвечерието на Балканските војни, за време на посетата на Струга, Мајски дознава за ултиматумот на балканските сојузници доставен на Турција. Коментирајќи го ултиматумот и улогата на Бугарија тој ќе каже: „ .Кој ѓавол ја принудил да се договара со своите соседи и да упатува ултиматуми за нас, без наше знаење и желба. Зошто таа не го стори тоа во времето кога ние бевме една моќна сила, кога ВМРО се почитуваше еднакво и од Турција, и од балканските држави...? Зошто не влезе во договорни односи со Србија и Грција за заемно откажување од завојувачката политика и не побара интервенција од големите сили за правилно разрешување на македонското прашање...? Какви ли расходи ќе платиме ние Македонците наспроти илуминациите на балканските држави во случај ако Турција го отфрли ултиматумот и се објави војна? Каков ли грозен можеби уште погрозен и пострашен ропски јарем од досегашниот, ќе ни наврте на вратот завојувачката политика на непријателите на борбена Македонија. Бидете проклети, о, браќа- небраќа! “ . По војните Мајкси го напушта Охрид и со целото семејство емигрира во Бугарија, каде завршува право на Софискиот универзитет. Работел како учител и финансов службеник, но не престанува со револуционерните активности. Мајски се оддава на организационо-политичка и книжевно-публицистичка дејност. Тој е еден од организаторите на Македонската федеративна организација станува и еден од редакторите и соработниците на нејзиниот орган „Автономна Македонија“. Мајски објавува низа свои прилизи, а во 1923 година во „федералистички дух“ ја објавува драмата на македонски јазик „Илинден“ во која за првпат на јавноста и го преставува „Крушевскиот манифест“. Пишува стихови на македонски и на бугарски јазик и предлага за печат стихозбирка што е пречекана, како и драмата, со сериозни закани од врховистите. На барањето да се даде мислење за стихозбирката, Јордан Бадев ќе му одговори: „ ...Си застанал да пишуваш стихови на македонски јазик, каков што не постои и каков што никогаш нема да постои. Зашто не постои македонска нација а има само македонски Бугари кои се неразделен дел од нашава нација и сите Бугари говорат на еден јазик-бугарскиот! . Да се тврди спротивното е безумство, а да се работи за македонска нација тоа е злосторство и предаство“ . Во периодот на македонските „братоубиства“, осуден за ликвидација, Мајски ја напушта Софија и се повлекува на служба во Видин. Таму тој објавува свои литературно-мемоарски и историографски прилози. Во Софија се преселува по Втората светска војна. Воодушевен од создавањето македонска држава, неколкупати ја посетува Македонија. Пишува драмолетки на македонски јазик што и ги изведува на сцената на Крушевското братство во Софија. Починува во 1962 година, токму на Илинден, на кој што му го посвети целиот живот и целото свое литературно- публицистичко творешво. |