Среда, 09 Ноември 2011    PDF Печати Е-пошта
Кочо Солев Рацин

RacinКочо (Солев) Рацин, (Велес, 22 декември 1908 - Лопушник, 13 јуни 1943) е македонски поет, раскажувач, есеист, публицист, филозоф, општествено-политички деец, исторски истражувач, комунист и партизански борец. Иако самоук, Рацин е еден од најистакнатите македонски интелектуалци во меѓувоениот период, еден од основоположниците на современата македонска литература. Познат е по својата збирка песни „Бели мугри“. Освен со поезијата, Рацин пишува проза и има неколку значајни трудови од областа на литературната критика, филозофијата и историјата.

Коста Рацин е роден во 1908 година Велес, во сиромашко семејство. Неговиот татко Апостол, бил грнчар кој со својата работа неможел да му обезбеди на својот син подобро образование. Рацин завршува основно образование во родниот град, но во втори клас ја напушта гимназијата и му помага на татка си во грнчарската работилница.

Во 1923/24 година Рацин станува член на СКОЈ и потоа активист на КПЈ. Почнува да пишува стихови на македонски, српски и бугарски јазик, а во 1926 година станува дописник на весникот „Организован радник“, орган на Независните работнички синдикати на Југославија, кој е под влијание на КПЈ.  Во периодот од 1926 до 1928 година учествува на покраинските конференции  како делегат на Месниот комитет на СКОЈ во Велес, а на партиската покраинска конференција одржана на 20. октомври 1928 година бил избран за единствен делегат од Македонија кој ќе учествува на IV конгрес на КПЈ во Дрезден (5 - 15. ноември 1928).

Истата година, Рацин ја составува на српски јазик и првата стихозбирка „Антологија бола“, која е зачувана во ракопис. Оваа стихозбирка била посветена на ученичката Раца Фирфова, според која и си го зема псевдонимот како свое презиме.

По враќањето од Дрезден, на 20 ноември 1928 година бил уапсен во Дравоград. Три месеци потоа, по тешки истражни полициски тортури во Солин и Сплит, на 2 март 1929 година бил ослободен поради недостиг на докази. Во меѓувреме, на 6 јануари во земјата е воведена диктатура (шестојануарска диктатура). Кралот Александар I Караѓорѓевиќ го распушта парламентот и ја забранува работата на сите политички партии и синдикати. Набрзо по доаѓањето во Велес, како партиски и синдикален активист и опасен елемент, на 11 април власта го испраќа Рацин на отслужување на воениот рок во Пожаревац.

Година дена потоа, по враќањето од војска во 1930 година, забраната за партиско и синдикално организирање ќе го натера Рацин во Велес да организира Културно-уметничко и спортско друштво „Занатлиски“. Театарски претстави кои ги подготвува друштвото ја прикриваат групата за читање на марксистичка литература. Тој воспоставува контактакти со Загреб, Сараево и Белград, а соработува со прогресивни публикации како што се: „Литература“, „Снага“, „Књижевни круг“. Рацин до 1931 година објавува раскази, есеи и критики и извадоци од романот „Опиум“.

Во 1932 година доаѓа во Скопје, каде во прво време  работи како каменорезец, а потоа и како коректор на весникот „Вардар“. Соработува со младите творци на неформалниот Литературен кружок на литературно- политичката конспиративна организација МОРО. Во објавената збирка стихотворби „1932“, со скопските поети Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ, отпечатена е Рациновата песна „Ватромет“. Во меѓувреме, тој  подготвува и сопствена збирка од 14 песни на македонски јазик. Во јануари 1933 година, во Велес организира литературно читање по што повторно е уапсен и изложен на прогон.

Разбиената партиска структура, повторно се обновува по укинувањето на шестојануарската диктатура, во септември 1931 година. Наредната година посебно се интензивира национално-политичката активност и се обновуваат партиските келии. По доаѓањето на неговиот другар од Велес Никола Оровчанец од Москва како инструктор на ЦК на КПЈ, се формира Областен комитет на КП во Македонија. Во својство на секретар, Рацин ја раководи идеолошко-политичката пропаганда и го интензивира печатењето на летоци и брошури. Тој ги чита изданијата на ВМРО(Об), ја проучува Мисирковата книга „За македонцките работи“.  Во овој период се растура брошурата  „СССР и Македонија“, а се подготвува и текстот за брошурата „Македонија није ни српска, ни бугарска, ни Грчка“.

Во ноември и декември 1933 година од печат излегоа двата броја на илегалниот орган на ОК на КП во Македонија „Искра“, во кое се потенцира дека „ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“, а доминира и паролата „Да живее независна Македонија! Да живее Балканската работичкоселанска република!“. Рацин во меѓувреме станува секретар на Културноуметничкото друштво „Абрашевиќ“  и  заедно со студентите и некои професори застанува во одбрана од намерите за укинување на Филозофскиот факултет во Скопје.

Коста Рацин постојано бил следен од страна на полициските органи, кои фаќаат примероци од списанието „Искра“. Кон крајот на декември настанува провала во организацијата и на 3. јануари  1934 година Рацин бил уапсен заедно со 15 други комунисти. За неговата активност бил осуден на 14 сепетември истата година на 4 години затвор во Сремска Митровица. Времето кое го поминува во затвор го искористува за учење. Со другите македонски затвореници се обидуваат да состават речник на македонскиот јазик  и учествува во преводот на „Комунистичкиот манифест“ на македонски јазик.

Со законот за амнестија во 1935 година, Рацин бил ослободен и по една година се враќа дома каде се зближува со студентката Невенка Вуиќ. Нејзиното име ќе го искористи за својот втор, привремен псевдоним. Невен Пејко. Во април 1936 година, ја објавува првата песна на македонски „До еден работник“ во загрепското списание „Књижевник“. Песната веднаш била препечатена и во Торонто. Рацин контактира со своите велешки другари кои се борат во шпанската граѓанска војна (1936 – 1939), пишува стихови за таа борба и ги објавува во изданија на емиграцијата.

Бегајќи пред полицискиот прогон, Рацин се вработува како коректор во весникот  „Правда“ во Белград, меѓутоа на 13 јануар  1937 година бил уапсен и вратен во Велес. Воспоставените врски со истакнати писатели ќе му овозможат бројни контакти. Тој се поврзува со Културноуметничкото друштво „Вардар“ во Загреб и во неговиот орган „Наш весник“ од 30 јули 1937 година објавува стихови на македонски јазик. Во тој период Рацин објавува и други прилози во списанијата во Загреб, Белград, Нови Сад, Суботица  и Љубљана.

Во декември 1939 година во Самобор кај Загреб излегува од печат, единствената Рацинова стихозбирка „Бели мугри“. Нејзиното појавување ќе го означи почетокот на македонската современа литературна. Стихозбирката „Бели мугри“ била со одушевување прифатена од младината во Македонија и од Македонскиот литературен кружок во Софија. Појавата на стихозбирка на македонски јазик, ќе ја вознемири власта, а стихозбирката веднаш е забранета.

Истата година учествува во дискусијата на македонските преставници со професорите Никола Вулиќ и Ј. Радониќ за македонското прашање. Проучувајќи ја македонската историја и националното движење, Рацин се спротивставува на нивните погледи за српскиот карактер на Македонија изнесени во статијата „Јужна Србија или Македонија“ во весникот „Време“. Врз основа на историските истражувања, неговите написи за богомилите, за феминизмот, како и за Хегел, преставуваат вистински ремек дела на тогашната македонска прогресивна сцена.

Вознемирена од активностите на Рацин, токму во периодот на творечки подем на Рацин, полицијата го прогонува и го апси. Рацин кој бил принуден секојдневно да се пријавува во полицијата во Велес, во 1940 година вложува жалба кај банот во Скопје. Тоа станува формален повод за да ја доживее најжестока осуда од раководството на КПЈ и тотален бојкот. Основната причина за ваквиот однос е критиката на Рацин за работата на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. По искажаната критика на покраинската конференција одржана во септември 1940 година, на која Методија Шаторов – Шарло е избран за секретар на ПК КПЈ за Македонија, Рацин бил исклучен од Партијата и бојкотиран од нејзините членови.

Притисокот на партијата е огромен, а поетот Рацин од своите беше духовно и творечки умртвен. Овој бојкот ќе го следи и во логорот во Ивањица, па дури и по фашистичката окупација во 1941 година. Ваквиот однос ќе трае се до 1942 година, кога односите на Рацин со партиското раководство се подобруваат.

По окупацијата на Македонија во 1941 година, Коста Рацин го прогонуваат и бугарските фашистички власти. За да се засолни, заминува во Софија каде работи во Железничкото депо. Тука се зближува со соборците од Македонскиот литературен кружок. Живее заедно со Волче Наумчески и Коле Неделковски, а по убиството на Неделковски на 2 септември 1941 година се враќа во Велес каде зема активно учествува во националноослободителна дејност.

Во периодот од декември 1941 до февруари 1942 година, Рацин пишува и го уредува илегалниот орган на велешката партиска организација „Народен билтен“. Повторно бега од бугарската полиција и оди во Скопје каде ги редактира првите броеви на партискиот орган „Билтен“. Иако работи во илегала, бугарските власти го апсат и го интернираат во пиринското село Корница. По враќањето, единствениот излез го наоѓа кај партизаните.

Во мај 1943 година станува уредник, лектор и коректор на првата македонска партизанска печатница „Гоце Делчев“.  На 13 јуни 1943 година, на денот на отпечатувањето на првиот дел од првата стихозбирка „Македонски народно-ослободителни песни“, Рацин загинува на слободната територија на Лопушник, во недокрај разјаснети околности.

„Македонска нација„

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.