|
||||
Атанас Бадев |
Атанас Бадев (1860 – 1908) е македонски композитор и музички педагог, автор на дела од православната музика, детски песни и аранжмани за народни песни. Во Русија го завршува Московското синодално училиште, а потоа студира во Придворната пејачка капела на Санкт Петербург, под грижата на двајца видни професори Милиј Балакирјев и Николај Римски-Корсаков. Автор е на „Златоустова литургија“, отпечатена во Лајпциг во 1898 година, едно од најзначајните и најиздржаните дела меѓу композициите од овој вид во јужнославјанските земји кон крајот на XIX век. Атанас Бадев е роден на 14 јануари 1860 година во Прилеп. Во родното место завршува основно образование, а потоа школувањето го продолжува во Солун и Софија. Во 1884 година матурирал со одличен успех во првата машка гимназија во Софија, а потоа го продолжува своето образование во Русија. Изборот на Бадев била музиката, но, на барање на семејството, две години студира физика и математика во Одеса. По враќањето од Русија се вработува како учител во Солун со цел да собере средства кои ќе му овозможат да го оствари својот сон. Во 1879 година, додека како гимназијалец летниот распуст го минувал во родниот град, формирал црковно-ученички хор. Хорот броел околу 50 – 60 души, меѓу кои тогаш биле учениците Ѓорче Петров, Пере Тошев и Тома Николов. Љубовта кон музиката никогаш не го напушта, па откако собрал пари, во 1886 година по вторпат заминува во Русија. За две години го завршил Московското синодално училиште, а потоа продолжил да студира во Придворната пејачка капела на Санкт Петербург, под грижата на познатите професори како Милиј Балакирјев и Николај Римски-Корсаков. По завршувањето на студиите, Атанас Бадев се враќа во Македонија. Во периодот од 1890 до 1891 година работи како наставник по музика и хорски диригент во Солунската женска гимназија, а потоа од 1892 година работи во Битола, за повторно да се врати во Солун во 1896 година. Но, по бунтот на учениците од Солунската гимназија во 1896 година, Атанас Бадев бил преместен со работа во Русе. Во градот, Бадев останува во периодот од 1897 до 1898 година, а потоа во 1899 година бил префрлен во Богословијата во Самоков. Последното преместување било во 1901 година кога бил распореден со работа во Ќустендил, каде останал до својата смрт. Покрај љубовта кон музиката, Атанс Бадев чуствува огромна љубов кон татковината. Тој го осудува соединувањето на Кнежевството Бугарија со Источна Румелија во 1885 година, сметајќи дека Македонија треба прво да се ослободи и обедини со Источна Румелија. Во текот на својата професионална кариера, Бадев во Македонија воспитува бројни идни музички дејци од повеќе градови во земјата. Меѓудругото, врши истражувања и собира песни од македонската народна музика, а преку црковно-училишните хорови ја популазира литургиската музика.. Во периодот додека престојува во Русе, Бадев ја оформува својата „Златоустова литургија“, која е отпечатена во Лајпциг во 1898 година. Самото дело сведочи дека Атанас Бадев бил талентиран автор, голем мајстор на хорскот слог, како и на хармонскиот и полифоничен начин на компонирање. Посебно е значајно неговото проучување на македонскиот музички фолклор. Во 1904 година тој ја објавува својата анализа на метричко-ритмичката карактеристика на македонскиот народна песна. Со свој реферат, Атанас Бадев настапува на Вториот конгрес на Музичкиот сојуз во Софија, каде што за прв пат се поставуваат основните елементи на теоријата за мешаносложените тактови. Трудот не е печатен, како и неговата збирка хармонизирани народни песни, чии ракописи до денес не се пронајдени. Бадев воглавно компонирал вокални дела, световни и духовни, Сепак, „Златоустова литургија“, која меѓудругото била пишувана под влијание на руската духовна музика а врз основа на домашните специфики на Православното црковно пеење, претставува едно од најзначајните и „најиздржаните професионални дела меѓу композициите од овој вид во јужнославјанските земји кон крајот на XIX век“. Атанас Бадев починал на 21 септември 1908 во Ќустендил. |