|
||||
Димитар Богоевски – Мите |
Димитар Богоевски - Мите (31. X. 1919 - 12. IX. 1942) е Македонски поет и револуционер, народен херој. Познат како „Момчето од Болно“, со изразити Македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани“. Во животот повеќе пати бил апсен, но за да не падне жив во рацете на фашистичките окупатори се самоубил во 1942 година. Димитар Богоевски е роден на 31 октомври, 1919 година во селото Болно, Ресенско, во печалбарско семејство. Основно училиште завршил во родното место, прогимназија во Ресен, а од 1935 до 1937 година се школувал во Трговската академија во Битола. По завршувањето на академијата, во 1939 година се запишал на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет, но поради недостиг на финансиски средства, бил принуден во 1940 година да се врати во родното село. Во текот на своето образование, Димитар Богоевски се истакнувал со својот талент за цртање, резбарство, како и со својата поезија. Како поет, тој за првпат се пројавува во 1935 година во прогимназијата во Ресен, со песните „Осамотен патник“, „Несреќен Илија“, „Покрај река“, „Мало коњче“ и „Два врапци“. Познат како „Момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“. Додека се школувал во Битола, Мите Богоевски бил доста активен. Станал член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ“, бил еден од раководителите на младинското раководство во Академијата и доста активен во работата на „Црвената помош“. Во 1936 година, во Трговската академија во Битола, основал кружок за запознавање на прогресивната литература, а во 1937 година станал член на СКОЈ. Во овој период тој го напишал рефератот „За праведните и неправедните војни“, сатиричната песна „Имела“ во која ја исмејува богатата класа и конечно се ориентирал кон пишување на Македонски јазик. Во 1938 година, Мите Богоевски веќе имал напишани педесетина песни, меѓу кои и познатата „Спроти Илинден“. За време на студиите на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет 1939/1940 година, тој станал член на КПЈ. Тогаш го пишувал својот незавршен и необјавен роман „Аристиди Бријана“. Во 1940 година Мите Богоевски се вратил во родното село и станал член на МК на КП на Ресен. По враќањето, тој испратил голем број стихотворби во весникот „Наша реч“ во Скопје, но била објавена само песната „Разделвачка“. Редакцијата имала намера да му издаде збирка со неговите песни, но во меѓувреме весникот престанал да излегува. Тогаш се изгубила целата архива на весникот, а со тоа и трагата на неговите песни. По провалата на српската полиција, Мите Богоевски бил уапсен на 16 април 1940 година во Битола. Најпрво бил спроведен во затворот во Главњача, а поради револуционерна активност во Белград бил осуден на робија во затворот Ада Циганлија. Во затворот, Мите бил подложен на суровата затворска тортура, но поради недостаток на докази бил ослободен кон крајот на 1940 година. Во ноември 1940 година, по два месеци поминати во затворот на Ада Циганлија, Мите бил ослободен и се вратил во Ресен. По фашистичката окупација на Југославија и поделбата на Македонија на бугарска и италијанска окупациона зона во 1941 година, Мите Богоевски извесно време работел во Општината во селото Јанкоец и бил еден од организаторите на оруженото востание во Преспанскиот крај. Заедно со Илија Спирковски изработувале фалсификувани лични карти за илегалците и организирал илегални пунктови за поминување на границата. На почетокот на 1942 година, Мите Богоевски како секретар на Околискиот комитет на КПЈ, најчесто соработувал со Стив Наумов од битолскиот крај. Во Битола одржал состанок со борците на Прилепскиот партизански одред, по што им овозможил да преминат во Преспа. Следен од окупаторските власти, Мите бил уапсен на 31 март, 1942 година, но во недостаток на докази за неговата активност, тој бил ослободен по десетина дена. По излегувањето од затвор, Мите Богоевски преминал во илегала и продолжил да работи на формирање на нов одред. Во пролетта 1942 година, Мите Богоевски ја напишал песната „Партизанка“, која и заедно со песната „Спроти Илинден“ ги размножил на машина. Подоцна „Партизанка“ станала една од најпопуларните народни песни во Преспанско. Мите учествувал во формирањето на партизанскиот одред „Даме Груев“ (6 јули, 1942 година), а кога одредот ја растурил планираната илинденска прослава на окупаторската власт во селото Смилево, Битолско, ја напишал песната „Триесет и девет минаја“, посветена на борците од овој одред. Во 1942 година, додека окупаторските власти се подготвувале за уште еден фалсификат на Илинден, Македонските борци од Битолско-преспанскиот одред кој го носел името на легендарниот илинденски водач Даме Груев, во утринските часови итале кон Смилево. Пред влегувањето на одредот во Смилево, полицискиот апарат на окупаторската власт на чело со нивниот министер избегале од селото, а народот дошол да ги види новите Илинденци. Смилевчани, старите Илинденци со солзи радосници во очите по 39 години за првпат во слобода го прославиле Илинден со своите Македонски синови, со својата Македонска војска. Инспириран од овој настан Мите во својата песна „Триесет и девет минаја“ ќе напише: „ ...На стари еден војвода,На Илинденски комита, Лоша го старост наведе, Црни го мисли испиле. Лута го тага изела, За таа пуста слобода. Но, што му очи светнаја, Што му се лице разведри? Кога си виде внуците, Во нова рува комитска, Со танка пушка на рака, Со срце машко во гради, Силна го надеж утеши. Радост го в старост окрепи, Срце на младост затупка. Осуна славен Илинден, Во светла, бела промена, Над славно село Смилево... .. Дамјан се исправи пред ними. В очи им искрит слобода.“ Димитар Богоевски – Мите напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен. Постои сомнеж, дека по неговото самоубиство, околу педесеттина Македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“, „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“, „Разделвачка“ и др. Во една акција на бугарската војска и полиција за уништување на одредот „Даме Груев“, борците успеале да се пробијат, но Мите Богоевски останал опколен со соборецот, народниот херој Стефан Наумов-Стив. На 12 септември 1942 година, двајцата Македонски патриоти, Мите и Стив се обиделе да излезат од обрачот, пробивајќи се во два спротивни правца и за да не паднат живи во непријателски раце, се самоубиле. Бугарската полиција првин ги погребала во два гроба, потоа ги откопале и ги пренела кај селската црква, а од тука потајно ги однесле кај Ѓавато (под Пелистер) и ги запалила со бензин. До ден денес не се знае нивното гробно место. По смртта на Мите Богоевски, борците на одредот на шапирограф ја размножиле неговата песна „Триесет и девет минаја“, а во ракописно издание на битолските затвореници бил објавен и фрагмент од песната „Загонетка“. На 2 август, 1949 година, Мите Богоевски бил прогласен за народен херој на Југославија. |