Среда, 11 Јули 2012    PDF Печати Е-пошта
Емануел Мане Чучков

kire-filov
м-р Кире Филов

Многу значајни личности од македонскта историја кои имале клучна улога во формирањето на современата македонска држава, кои активно учествувале во политичко-револуционерните процеси на македонскта и југословенската политичка сцена биле политички деградирани и осудени или намерно се оставени на маргините на македонската современа историја. Еден од нив е Емануел Мане Чучков, општествено-политички деец, револуцинер и универзитетски професор. Малку историчари и архивисти се уште зборуваат и пишуваат за ликот и делото на Мане Чучков.

emanuel-cuckovЕмануел Мане Чучков (1901-1967) е роден 14/27 ноември 1901 година во познато револуционерно семејство во штипско Ново Село. Тука завршува основно образо­ва­ние, а гимназиското образование го добива во Штип и Скопје. Филозофски факултет се запишал во Белград, а по отворањето на Филозофскиот факултет во Скопје, се префрлил на скопскиот факултет на групата за географија, етнологија и етнографија, историја и словенска филологија. Во 1925 година по дипломирањето го отслужил воениот рок во Петроварадин и Нови Сад, а подоцна во 1939 година станал резервен поручник по воздухопловно-метео­ро­лош­ка струка.

Чучков уште како дете бил задоен со револуцинерен дух, имјаќи го фактот дека потекнува од познато револуционерно семејство. Негов чичко бил Ефрем Чучков, познат окружен штипски и скопски војвода, другар на Гоце Делчев и Даме Груев. Неговиот татко бил истакнат член на Револуционерната Орагнизација. Во нивната куќа се чувало оружје и се читале книги и весници со револуционерна содржина. Уште како дете во маалото си играле “комити и колџии”, а во основно училиште ги гледал учителите како се делат на централисти и врховисти. Како гимназијалец со интерес ги следел патриотските предавања на учителот по историја од Охрид Никола Герасимов. Кога во 1919 година се вратиле од војната демобилизираните постари ученици (Тодор Нетков, Славко Нетков, Симеон Пенушлиски, Митко Кожинката и др.) и ученикот Мане се нашол во еден неорганизиран социјалистички кружок. Во 1921 Чучков се запишал на Филозофскиот факултет во Белград, но по третиот семестар се вратил во татковината и образованието го продолжил на новоотворениот Филозофски факултет во Скопје. За време на студиите се вклучил во една група студенти Македонци во која се дискутирало за организирани акции за ослободување на Македонија. Организацијата во која се вклучил Чучков, всушност била Македонската Младинска Тајна Револуционерна Организација (ММТРО). Организацијата работела за да го намали или целосно да го елиминира влијанието на ВМРО на Ванчо Михајлов.

Првото полициско приведување Емануел Чучков го имал како активист на Организација­та во 1924 година, кога бил испратен во Штип на митинг по повод апсењата во Организацијата. Подоцна во 1927 година била уапсена поголема група на активисти на ММТРО. Дури се водела и судска постапка против активистите. Меѓу уапсените секако бил и Мане Чучков. Судскиот процес се водел во Скопје и траел од 15 ноември до 10 декември 1927 година. Деветмина биле осудени на затворска казна од 5 до 20 години, а единаесетмина биле ослободе­ни, меѓу кои и Чучков. Од досега изнесеното може да се заклучи дека Емануел Чучков своите тинејџерски години ги поминал со идејата за ослободување и обединување на Македонија. До почетокот на Втората Светска војна, Чучков работел како средношколски наставник.

По враќањето од учителскиот курс од Софија во 1941 година бил повикан на сослушува­ње од бугарските полициски власти, бидејќи бил во постојан контакт со активисти на Комунис­тичката партија. Не сакајќи да го испуштат од вид, бугарските власти го поставиле за директор на Мешовитата гиманзија во Прилеп, а потоа и на Втората женска гимназија во Скопје. Службата ја вршел одговорно, според постојните закони и прописи, меѓутоа не престанувале притисоците и обвинувањата дека бил спрски востаник, носител на српски орден, баџанак на екзекутиран комунист и сл. Во екот на Втората Светска војна, Чучков покрај овие редовни ра­бот­ни обврски извршувал и активности во корист на НОД.

Есента 1943 година, бил формиран Акциониот Народноослободителен Комитет на Маке­­донија во кој активен удел имал и Емануел Чучков. Во АНОК покрај Чучков, членувале уште и Ки­ро Глигоров, Благој Хаџи Панзов, Лазар Соколов и други. Тоа бил зачеток на подоц­нежната власт. Еден од најпознатите акти на АНОК, секако бил Приговорот кон Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Текстот, како од Манифестот, така и од Приговорот на сите ни е добро познат. Текстот го пишувале Киро Глигоров и Благој Хаџи Панзов. Во Приговорот, членовите на АНОК велат дека делумно слободен народ не е слободен. Поради овие и други приговори кои ги имале кон Манифестот, подоцна се покажале кобни за членовите на АНОК, па и Чучков ја делел истата судбина со нив.

Во април 1944 година Мане Чучков, на повик од ген. Михајло Апостолски, заминал во партизани каде активно учествувал во организирањето во подготовките за одржување на АСНОМ. На 30 април 1944 година во с. Стајковце, Кумановско било одржано Првото заседание на проширениот Иницијативен Одбор за свикување на АСНОМ. На овој состанок Мане Чучков станал потпретседател на ИО. На 6 мај истата година била формирана тричлена делегација во состав Методија Андонов - Ченто, Мане Чучков и Кирил Петручев која требало да присуствува на состанок со Маршалот Тито на островот Вис. Поради големата дипломатска активност која ја имал Тито, делегацијата од Македонија морала да чека на прием се до 24 јуни. На овој состанок, покрај делегацијата од Македонија учествувал и инструкторот на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во Македонија генерал-мајор Светозар Вукмановиќ-Темпо. На дневен ред имало три точки: реферат на делегацијата на Иницијативниот Одбор за свикување на АСНОМ; дискусија по македонското прашање и разно. Во оригиналниот записник стои само рефератот на Чучков, за поздравите кои македонскиот народ му ги испраќа на Тито. Во записникот воопшто не е регистрирана дискусијата по клучните ставови на Иницијативниот Одбор т.е. прашањето за обединувањето на Македонија. По втората точка на дневниот ред се наведени само заклучоците во поглед на општата политичка линија на ИО.

По враќањето од Вис натамошните настани се главно познати. На отворањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август, Емануел Чучков имал воведно излагање со рефератот “Народно демократската власт во Македонија нејзината саштина организација и задачи”. Текстот на рефератот бил напишан од Киро Глигоров. Овој реферат има големо значање, бидејќи се однесува на карактерот и организацијата на идната народна власт. Во рефератот, Еманауел Чучков освен за борбата против окупаторот зборува и за идното образование, наука и култура.

Во август 1944 година, Тито ги повикал сите оние лица кои биле во служба на окупаторот да преминат на нивна страна. Поради тоа, раководството на АСНОМ решило да бидат по­ви­кани Јордан Чкатров и Трајко Чундев. Повикот кон Чкатров го пишувал Ченто, кон Чундев, Емануел Чучков. По испраќањето на овие повици кон Чундев и Чкатров на 8 септември бил одржан состанок помеѓу Ченто и Чучков од една и Чундев и Чкатров од друга страна.

На 28 август, Националниот комитет на НОЈ со телеграма побарал да се испрати лице за потпретседател на Националниот комитет за ослободување на Југославија. На Третата седница на Президиумот на АСНОМ се одлучило да се испрати Емануел Чучков.

По назначувањето на Чучков за потпретседател на НКОЈ, започнува работата и активнос­та на Чучков во Белград. Овде тој ги застапувал стремежите и вековните идеали на македонски­от народ за целосно обединување на Македонија. Поради обединителните ставови на раководството во Македонија и на неговите претставници во Белград, НКОЈ почнал со отпор кон одлуките кои биле од витално значење за македонскиот народ. Тоа се гледа од извештајот на Хебранг од 10 декември 1944 година за состојбите во Македонија. Меѓу другото се даваат мошне остри квалификации, што подоцна ќе имаат тешки последици. Во извештајот се вели дека во Претседателството големо влијание имаат некои македонски “националисти-сепаратис­ти”. Понатаму вели дека, овие луѓе немаат доверба во НКОЈ и Југославија и дека НКОЈ не треба да донесува одлуки без нивна согласност. Понатаму вели дека, претставник на таа група во центарот е Чучков, но тука спаѓаат и генералот Апостолски, а меѓу главните “идеолози на на­ционалистите” е Лазар Соколов.

На 30 декември 1944 година на Работниот президиум на првото вонредно заседание на АСНОМ, било донесено решение со кое на местото на починатиот член на АВНОЈ Тодор Циповски, за нов член на АВНОЈ бил избран Емануел Чучков.

До 7 март 1945 година, Чучков бил повереник за земјоделство во НКОЈ, а кога се формирала Сојузната влада станал министер за Македонија. Од оваа позиција Емануел Чучков ги бранел ставовите за обединувањето на Македонија. Најмногу се насочил против геноцидот на Македонците во Егејска Македонија. Во време кога се решавала не само иднината на Балканот, туку и иднината на Европа, Чучков почуствувал потреба да го крене својот глас против угнетувањето на македонците во Егејска Македонија. Тогаш во новиот белградски весник “20 октобар” ја објавил енергетичната статија посветена на геноцидот на Македонците во Егејска Македонија ”Состанокот на големите тројца и теророт на грчките монархо­фашисти во Егејска Македонија”. Во оваа статија Чучков укажува на случувањата таму, зборува за угнетувањето и истрбувањето на мирното македонско население, чијашто единствена вина е тоа што не се Грци и што биле на страната на Народноослободителното демократско движење. Зборува за иселувањето на 25.000 Македонци, кои нашле засолниште во Федерална Македонија итн.

Не поминало многу време, веќе на 13 март во весникот “Глас”, Чучков објавил уште една статија под наслов “Македонија во борбата за демократизам и федерација ”. Во оваа статија Чучков ја објаснува современата борба за изградба на федерална Македонија со осврт на македонската историја. Зборува за националната и политичка слобода, каде го цитира “Крушевскиот манифест”. Ваквите зачестени статии на Чучков по југословенските весници предизвикале револт и отпор во високите државни кругови. Но, наскоро Чучков објавува уште една статија во истиот весник “Глас”, под наслов “Словенците и Македонците предстража на јужното словенство”. На 21 јуни 1945 година во весникот “Политика”, Емануел Чучков објавил нова енергична статија под наслов “Историјата на Македонија се повторува”, каде повторно го поставил прашањето за обединување на Македонија и за теророт врз македонскиот народ во Егејска Македонија. Во статијата се навратува на македонската историја во која вели, дека макдонците никогаш нема да си ја заборават сопствената историја. Вели дека македонците секогаш ќе ги паметат ослепувањата на македонскте војници на Беласица и палењето на македонските села од страна на грчките андарти во текот на Илинденското востание. Понатаму, зборува за договорот меѓу Грција и Бугарија за т.н. доброволна размена на населението, каде најголемата сметка по поразот на грчката војска во Мала Азија ја платила Егејска Македонија. Во статијата Чучков зборува и за светоста на македонското име, кога вели дека името Македонија е многу старо.

Последната статија пред југословенската јавност и тоа во екот на острата политичка кампања против т.н. Антипартиска група во Македонија, ја објавил во загрбскиот “Vjesnik”, на 10 октомври 1945 година под наслов “Македонија и македонците”, каде за прв пат Чучков е претставен како министер на Сојузната влада за Македонија. И овој пат Чучков прави ретроспектива на македонската историја и култура од нејзините почетоци до современата држава.

Ставовите на Емануел Чучков секако предизвикале реакција во самиот политички врв во Федерацијата. Статиите на сојузниот министер за Македонија биле оценети како националистички, сепаратистички и антијугословенски. Поради ставовите за обединување на Македонија, за самостојност и рамноправност во Федерацијата, Чучков го привлекол вни­ма­ние­то на службите. Во екот кога се водела кампањата против т.н. Антипартиска група во Македонија, започнал и процесот на отстранување на политичките неистомисленици и во Белград. Така, Емануел Чучков ја завршил својата двегодишна политичка функција во Белград.

Кампањата против “Антипартиската група”, продолжила во Македонија. На еден состанок од 18 август 1945 година, министерот за внатрешни работи Цветко Узуновски – Абаз, зборувал за постоењето на група која со својата линија оди против партиската линија. Абаз вели дека оваа група води потекло уште од времето на Манифестот, кога нејзини членови кои биле на високи партиски и воени функции напишале приговор, односно не се согласувале со него. Вели дека тие оделе со нивна платформа наречена “Балканска федерација”. Абаз дал опширно квалификување на оваа група како непартиска, шовинистичка, сепаратистичка дури и националистичка. Според изнесеното од Абаз, може да се заклучи дека оваа интелектуална група била сериозна закана за владејачката гарнитура. Тоа се докажува и со одлученото на пленарната седница на ЦК на КПМ на која не само што се осудува постоењето на ваква група, туку се именувале нејзините носители. Тука ги наведуваат Мане Чучков, Киро Глигоров, Лазар Соколов, Михајло Апостолски, Благој Хаџи Панзов, Андонов Ченто, Петре Пирузе и други. Се заклучило дека по сите прашања тие си имаат сопствена линија спротивна од онаа на Партијата.

Ова довело до деградирање и исчезнување од политичките позиции во власта, а потоа и до јавен судски прогон. Од овие прогони, позната ни е судбината на Претседателот на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто и неговите патешествија во политичкиот затвор Голи Оток. Мане Чучков ја избегнал судбината на Ченто, но неговата политичка кариера во Белград завршила.

Кон крајот на февруари 1946 година, Чучков го напуштил Белград и се вратил во Скопје, каде бил назначен за директор на Народната библиотека. Бил и народен пратеник во Народно­то собрание на Македонија од 1946-1950 година. Во 1947 година го основал Заводот за домашни уметнички ракотворби “Македонски фолклор”. Бил директор и основач на народни­от ансамбал “Танец”. Од 1948 година бил соработник во новоотворениот Институт за на­цио­нал­на историја. Бил и потпретседател на Комитетот за високи школи во својство на помошник министер за просвета. Во 1954 година станал хонорарен доцент, а од 1957 година и редовен професор по предметот економска географија при Економскиот факултет во Скопје. Има објавено голем број научни трудови.

Проф. д-р Емануел Чучков починал на 66 годишна возраст на 1 септември 1967 година во Белград.
 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.