Среда, 25 Јули 2012    PDF Печати Е-пошта
Михаило Митев Апостолски

Mihajlo_apostolskiМихаило Митев Апостолски (8. XI 1906 –7. VIII 1987) е првиот македонски генерал, командант на ГШ на НОВ и ПОМ, народен херој, политичар, воен теоретичар, историчар и академик. Апостолски бил член на претседателството на АВНОЈ, член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, учествувал во неговото Прво заседание и бил избран во неговиот президиум. За време на НОБ под негова команда биле 33 македонски оперативни бригади, меѓу кои и бригади од Косово и јужна Србија. Седум години Апостолски беше на чело на МАНУ, а беше и член на Советот на федерацијата.

Михаило Мите Апостолски, е роден на 8 ноември 1906 година во Ново Село, Штипско. Уште како дете ги почуствувал последиците настанати од Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна. Во неговото семејство воглавно слушал за настани и личности поврзани со револуционерното минато на македонскот народ, за неговата обесправеност и за поделбата на Македонија. Сето тоа оставило силен впечаток и бил основен мотив за определбата во неговата понатамошна дејност и творештво.

Во родниот град Штип завршил основно и средно училиште, а потоа се запишал на Воената академија во Белград. По завршувањето на Воената академија во 1927 година, Апостолски напредува во воената кариера. Во 1933 година ја завршил Високата воена академија, а во 1938 година и Генералштабната академија. Втората светска војна ја дочекал во чинот генералштабен мајор со служба во Љубљана на должноста началник на штаб на дивизија.

Иако пред себе имал можности да развие блескава војничка кариера, Апостолски реагирал на националното понижување, денационализацијата и асимилацијата на македонскиот народ. Воспоставил врски со прогресивната младина во Словенија. Соработувал со својот сограѓанин и банкарски чиновник во Љубљана, Исак Сион, Евреин од Штип, како и со Едвард Кардељ, Митар Бакиќ и Станко Даниловиќ, сите членови на Комунистичката партија на Југославија.

Во текот на нападот на германските, италијанските, бугарските и другите фашистички сили врз Југославија во април 1941 година, Апостолски бил началник на штабот на Триглавската дивизија. Како командант на планинските единици на Алпите издал наредба да се минираат сите мостови, како би се спречило напредувањето на фашистичките војски. Но, по капитулацијата на Југославија и распадот на југословенската војска, тој паднал во италијанско заробеништво. Најпрво бил пренесен во италијанскиот логор „Вестоне“, а потоа бил префрлен во Риека. Оттаму со група Македонци бил ослободен како граѓанин на Словенија.

Но, според бугарските извори, на 23 јуни 1941 година татко му Мите Апостолов Матовски испратил молба до бугарскиот министер за одбрана Теодоси Даскалов да биде ослободен неговиот син и таа била одобрена на 2 јули 1941 година, по што Михаил Апостолски бил ослободен со група Македонци. Исто така според истите извори, Михаил одбил да пристапи како офицер во бугарската армија и се приклучил на куминистичкото партизанско движење.

Во јули 1941 година пристигнал во Македонија и се поврзал со Киро Глигоров, а по неколку дена поминати во Скопје, со сопругата Цвета (сестра на Киро Глигоров) заминал во Штип. Истиот месец, на барање на Ванчо Прќе и Славчо Стојменски, во реонот на Сутлак одржал предавање пред група од околу 200 прогресивни младинци за состојбата во Југославија. Веќе во август 1941 година, Апостолски се сретнал со повеќе видни членови на комунистичкото движење меѓу кои Љ.Чаловска, В. Малинска, П. Богданов-Кочко, Љ. Цветков и други.

На 11 септември 1941 година, Михаило Апостолски учествувал на состанок одржан во Скопје, на кој биле присутни Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Лазар Колишевски. Тие разговарале за подготовките за востание во Македонија и бил формиран Покраинскиот воен штаб (ПВШ) за Македонија. Михаило Апостолски – Дончо бил избран за член на ПВШ и од тој момент тој се вклучува во Националноослободителното движење (НОД).

Нешто подоцна Апостолски е поставен и за командант на ПВШ на Македонија. Најпрво во април 1942 станува член на КП, а во јуни истата година бил назначен за командант на Главниот штаб на Народноослобидетлната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОПОМ). Од прераснувањето ГШ на НОПОМ во ГШ на НОВ и ПОМ во 1943 година, па се до укинувањето на ГШ во 1945 година, Апостолски останува на позицијата командант, иако во меѓувреме имало бројни промени во ГШ.

Во согласност со решенијата на Преспанскиот состанок, Апостолски го формирал баталјонот „Мирче Ацев" во август 1943 година. Тоа е прва оперативна воена формација во Македонија, формирана според принципите на организирањето воени регуларни единици. Во текот на Втората Светска војна, Апостолски создава македонската народноослободителна војска од народот во крајно сложени услови, која веднаш по формирањето се воведува во сложени борбени операции. Израснувањето од одреди до армија во таквите услови е единствен пример во историјата на револуционерното и националноослободителното движење.

На Второто заседание на АВНОЈ одржано на 29 ноември 1943 година, Михаило Апостолски бил избран за член на Претседателството, а на 15 декември 1943 година од ВШ на НОВ и ПОЈ го добил чинот генерал-мајор. Како командант на ПВШ за Македонија, а потоа и на ГШ на НОВ и ПОМ, Алостолски раководи со сите позначајни настани во текот на антифашистичката и народноослободителна војна. Во Февруарскиот поход ја води македонската војска низ Источна Македонија преку Беласица, Огражден, Плачковица и Осоговските Планини до Козјак, а во Пролетната офанзива навлегува во југоисточна Србија, па оттаму со засилен марш под борба стигнува до планината Круша, северно од Солун и повторно се враќа со единиците кон Козјак Планина. Во февруари 1944 година, тој е командант на оперативната група на македонски, бугарски, косовски и црнотравски единици во реонот на Крива Паланка, Куманово и Врање. Во овој реон ги започнува подготовките за организирање и обезбедување на манастирот Св. Прохор Пчињски за одржување на Првото заседание на АСНОМ.

Михаило Апостолски бил член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчињски е избран за член на АСНОМ. Најсилен придонес дава во раководењето со завршните операции за ослободување на Македонија, а по завршните операции за ослободување на Југославија, Михаило Апостолски е унапреден во чин генерал-потполковник.

Во февруари 1945 година поставен е на должноста помошник-началник на Врховниот Штаб, (Генералштабот на ЈА). Од 1946 до 1952 бил назначен за командант на Сараевската воена област, а по 1958 ја врши должноста началник на Високата воена академија и началник на пешадијата на ЈНА. Пензиониран е во чинот генерал-полковник во 1958 година.

Меѓу другото, Михаило Апостолски вршел и мошне високи општествено-политички функции. Во 1945 година бил избран за член на ЦК на КПМ, потоа за член на Главниот одбор на НОФ на Југославија, односно на Сојузната конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија, како и за член на Главниот одбор на Сојузот на борциге од НОАВ на Македонија и на Сојузниот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОАВ на Југославија. Есента 1945 година бил избран за пратеник на Уставотворното собрание на Југославија, а по неговото трансформирање во Народно собрание на ФНРЈ, Апостолски останува негов член, односно пратеник во Соборот на народите. Во 1950 година бил избран за пратеник во Уставотворното собрание на НР Македонија. На изборите во 1950, 1953 и 1958 година бил избран за пратеник на Сојузниот собор на Собранието на ФНРЈ. Од 1963 година е член на Советот на федерацнјата. Во 1969 година е избран за пратеник на Општествено-политичкиот собор на Сојузното собрание.

Михаило Апостолски не ја запоставил ни научната мисла. Поради своите врвни научни достигнувања бил избиран за член на повеќе високи научни институции. Во периодот од 1965 до 1970 година бил директор на Институтот за национална историја. Во 1967 година е избран за член на МАНУ, а во 1968 за член на САНУ. Во 1976 година Михаило Апостолски станал прв доктор по воени науки, а од 1976 до 1983 година бил претседател на МАНУ. Во 1977 е избран за член на Словенечката академија на науките и уметностите, а во 1978 година и на Академијата на науките и уметностите на БиХ. Од 1978 до 1981 бил претседател на Советот на академиите на науките и уметностите на СФРЈ. Од 1979 година станал член на ЈАЗУ (Југословенска Академија Знаности и Уметности). Во 1986 година бил избран за доживотен претседател на Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија. Апостолски е член и на Академијата на Косово, како и на научните друштва во Битола и Штип и на Научното друштво за историја на здравствената култура во Белград.

Генералот Апостолски е автор на многубројни научни трудови од кои меѓу позначајните се: Пролетната офанзива во 1944 година во Македонија, Скопје, 1957; Февруарскиот поход, Скопје 1975; Завршните операции за ослободување на Македонија, Скопје 1975; Погледи на југословенско-бугарските односи во Втората Светска војна, Скопје, 1980 и др. Воглавно неговите научни дела се темелат на неговото воено образование и на историските искуства на македонскиот народ.

За своето животно дело Михаило Апостолски е носител на многубројни македонски, југословенски и странски одликувања, ордени, медали, награди и признанија. Тој е носител на Партизанска споменица 1941, а во 1953 година бил прогласен за народен херој на Југославија. Во 1971 година ја добил наградата „11 октомври“ за животно дело. Во 1976 година е носител на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, а меѓу другото, тој е добитник и на највисока награда во СФРЈ „АВНОЈ“ во 1978 година. Од странски одликувања носител е на: Орден „Суворов“ П степен - СССР; Орден „Грундвалски крст“ П класа - Полска; Орден „Свети Александар“ - Бугарија; Орден на норвешкиот крал „Свети Олав“ и други.

Генералот Михаило Апостолски починал на 7 август 1987 година во Дојран во 81 година од својот живот. Во негова чест, денес Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје го носи неговото име.
 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.