|
||||
Георги Костадинов Динков – Динката |
Георги Костадинов Динков – Динката (1838 –1876) е познат македонски културно-национален деец од XIX век. Тој бил учител, учебникар, поет, публицист, општественик, и како просветен деец тој е видна фигура на македонската преродба. Георги Динков е роден 1838 година во Солун, во видно македонско преродбенско семејство. Син е на Велика и Константин Држилов кој учествувал во познатото Негушко востание (1822 г.), а подоцна како трговец во Солун се вклучува во просветната и антипатријаршиска борба. Соработувал со Георги Раковски и Стефан Верковиќ и заедно со брат му Киријак Држилов кој има сопствена печатница и книжарница ги распространуваат „Царигрдаскиот весник“ и „Македонија“. Воспитан од својот татко и стрико, Георги тргнува по нивните стапки. Динков се образувал во родниот град Солун, а потоа две години учел во Богословското училиште на островот Халки. Кратко време учел во Атина, а потоа како руски стипендист учел во Смоленската гимназија во Русија (1859–1860). Во 1860 година се враќа во Османлиската империја и почнува да работи во Цариград како секретар на истакнатиот отомански државник Стефан Богороди, кој го поддржувал соработникот на Константин Миладинов и организаторот на тајното македонско друштво во Атина, Горги Раковски. По смртта на Богороди, Георги Динков се враќа во Солун каде се поврзува со Димитар Миладинов и Стефан Верковиќ, а потоа патува по Македонија собирајќи географско-етнографски и фолклорни материјали. Тој му помага на Миладинов да се спаси од опасноста по огнениот говор за национално будење на македонскиот народ во Воден. Георги Динков – Динката настојувал од чичко му Киријак Држилович да отвори и печатница во Солун, а татко му Костадин Држилович интервенирал во Зографскиот манастир да се отвори таква печатница и во неа да се печатат ракописите на син му. Во една своја песна од 1962 година напишана по повод Велигден и заедничката македонско-бугарска борба за одделувањето од Патријаршијата, тој ќе напише: „Да живее славна Македонија, Тракија и Бугарија“. Во периодот кога двата народа водат борба за отцепување од Патријаршијата, а македонскиот народ се залага за обновување на Охридската архиепископија, Горги Динков ќе напише уште една своја песна во која го повикува народот на црковна борба. Во неа тој ќе напише: „ ...татковината наша стана и ни вика, со крст во едната рака и со желбите наши општи и со народните права... Духовна слобода, а не ропство и бремиња... Охридска архиепископија и народно духовништво... да видите Македонија, Тракија, Бугарија, вашето големо царство, милата ви татковина“. Слично како татко му и чичко му, Георги Динков одржува коресподенција со Георги Раковски, но и со Гарибалди и други револуционерни личности во тоа време во Европа. Динков се обидува да се вклучи во Македонската легија во Белград, но фатен е на границата во 1862 година. Турските власти го испраќаат во затворот во Софија, каде останува 17 месеци. По интервенција на татко му тој успева да се оправда пред судот и излегува од затвор. Тодор Ненов од Неврокоп во своето писмо од 22 јануари 1863 година му го препорачува Динков на Христо Димитров од Дупница. Во препораката меѓу другото вели: „Затоа ве молам да го имате за пријател... И ќе имате полза од големото знаење, од тој млад Македонец“. Само неколку месеци подоцна, во август 1863 година, наклеветен од грчкиот конзул во Солун за противдржавна дејност, Горги Динков повторно е затворен како руски шпион и панславист. Турските власти во недостаток на докази го ослободуваат, но во текот на 1864 година, Динков е повторно затворен. Во текот на двете години тој лежи по затворите на Софија и Видин. Горги Динков ја потпомага својата сестра Славка и во 1866 година во родниот дом го отвораат првото училиште на народен јазик во Солун. Во 1868 година, тој станува основач и настојател на Црковно-училишната општина во Солун. Во истата година, Динков пишува географски опис на Македонија „Општ преглед на Македонија“... во кој се опишани планините, реките, рамнините и езерата. Во 1889 година овој географски опис, со додадените дополнувања за Пазарската, Воденската и Берската каза на Солунскиот санџак, бил публикуван во „Топографско-етнографскиот преглед на Македонија“ од Стефан Верковиќ. Исто така, во 1867/68 година, Динков објавува статии за јазикот, географијата и историјата на Македонија во цариградскиот весник „Македонија“. Георги Динков учителствува во Прилеп, Битола и во костурското село Загоричани во периодот од 1869 до 1871 година. Поради воведувањето на народниот јазик со употреба и на своите учебници и поради будителската дејност во целиот реон, во 1870 година бил претепан од гркоманите и одново затворен во Костур. Динков бил принуден да го напушти Костур и да се врати во Солун. Во 1874/75 година во Солун, Динков бил следен и наклеветен пред турските власти од грчкото свештенство. Наклеветен како руски шпион, тој бега во Атина и соработува во весникот „Еон“. Истормозен и болен, умира во 1876 година во Атина. Останува непубликувана неговата патриотска поезија, но и македонските учебници („Граматика на македонскиот бугарски јазик“, „Наречие Солунскаго округа“, „Подробна географија на Македонија“ и друго), како и некои монографски описи на градови („Историја на града Негош“) и публицистички прилози („Познај себеси“). |