|
||||
Апостол Петков - македонски Робин Худ |
Апостол Петков (6. V. 1869 – 2. VIII. 1911) е македонски револуционер и војвода на Македонската Револуционерна Организација. Познат како Апостол или Постол војвода, тој ја започнува својата борба како ајдук против Отоманската империја кон крајот на XIX век, а во 1897 година станува член на Македонската Револуционерна Организација. Учествува во Илинденското востание во 1903 година, а потоа се бори против грчките андарти. Неговото име станува легенда меѓу македонскиот народ, кој го нарекува Ениџевардарско сонце. Англискиот писател Алберт Сониксен него ќе го опише како македонски Робин Худ. Апостол Петков Терзиев е роден на 6 мај 1869 година во гевгелиското село Бојмица, Егејскиот дел на Македонија. Потекнува од старо ајдутско семејство Терзиеви. Воспитан во тој дух, тој на 22 години ја напушта својата работа на железничката линија Солун - Скопје и заедно со својот помал брат Тано и братучед Антон Терзиев му се придружува на својот постар брат Митре кој веќе неколку години ајдукувал на планината Пајак. Апостол претходно го продава стадото на татко му и со парите купува оружје со кое потоа ќе делува во областа на Бојмија. По појавата на ајдуците на Иванчо Оџаров Карасулијата, Апостол Петков ги здружува силите и заедно делуваат во областа на Бојмија се` до 1897 година. Ајдучки дружини на Апостол и Карасулијата, кои се појавиле како одговор на злоделата на турските власти, истовремено дејствуваат и како заштитници на мирното население. Иако не се образувал и бил неук, по природа Апостол бил интелигента особа. Кога во 1897 година областа ја посетува Дамјан Груев, тој прв ги прифаќа начелата на Организацијата, а неговата дружина станува прва чета на ТМОРО во Солунскиот вилает. Во неа по покрстувањето од страна на попот Стамат Тончев влегле: брат му Тано, братучет му Андон, Михаил Апостолов - Попето, Андон Ќосето, Димитар Чавдаров и Атанас Карадупков. Повремено во четата влегува и учителот Аргир Манасиев. Појавата на револуционерната чета била прифатена со воодушевување од македонското население. Сите во неа гледаа како на херои, спасители од турската тиранија. Првото борбено крштевање на четата на Апостол ја имал во селото Грубевци. Во судирот со турскиот аскер кој одел од Солун кон Гуменџе, Турците биле разбиени и протерани без загуби во четата, а Апостол се прославува како заштитник на народот. Но, по предавството на гркоманите од село Крива, во борба со турскиот аскер на 24 февруари 1903 година во селото Бојмица, Апостол го загуби својот помал брат Тано Петков. Смртта на помалиот брат ќе остави длабоки траги кај Апостол. Пред почетокот на востанието, четата на Апостол имала судир кај селото Постол, од каде заедно со Крсто Асенов заминале кон селото Корнишор каде во тамошната црква ги осветиле Кукушкото и Ениџевардарското знаме. По убиството на Асенов, подготовките на востанието ги превзема Апостол Петков. Во текот на Илинденското востание, Апостол Петков водел неколку борби, од кои најголема била борбата на 12 септември 1903 на планината Пајак. Здружените чети од 100 души на чело со Апостол Петков и Иван Карасулијата го зазеле стратешкиот врв Гандач. Во судир со 1.200 турски војници од гарнизоните во Гевгелија и Гуменџе, македонските востаници без поголеми загуби успеале да го пробијат обрачот. Во ваа битка турската војска имала тешки загуби. Два дена потоа, востаниците на Апостол Петков имаа повторно судир кај Голема Чука, а дури во ноември била извршена демобилизација на борците, по што тој заминува во Бугарија. Во февруари 1904 година Апостол повторно се враќа во Македонија и одново ја започнува револуционерната борба, но сега со грчката пропаганда во Ениџевардарско. Тој не ја заборава смртта на братот. Во летото 1906 година, Војводата Апостол или Постол, се бори со четата на андартскиот капетан Костас Акритас и го опожарува грчкото село Ниси. Истата година четите на Апостол водат борби со андартите под командата на капетан Акритас, Аграс (поручик Телос Агапинос), Никифорос (идниот адмирал Јоанис Деместихас) и други. Во едно од овие борби капетан Аграс е фатен и обесен крај селото Владово (Аграс). Апостол Петков беше страв и трепет за грчките андарти, кој го чуствуваа насекаде, но не можеа да го видат никаде. Никој не можеше да го фати дури и да го сретне. Скриен во мучуриштето на Ениџевардарското езеро, тој беше вистински “демон“ кој ги прогонуваше Грците и Турците. Писателката Пинелопи Делта во својот роман „Тајните на мочуриштето“ ја признава грчката немоќ да се справи со македонскиот револуционер. Турската власт заедно со Грците безуспешно се обидуваат да го ликвидираат војводата Апостол, познат како „Ениџевардарското сонце“. Турските власти со мито се обидуваат да го натераат војводата Постол да се откаже од револуционерните активности, а грчкиот конзул во Солун Ламброс Коромилас се обидува да го привлече на грчка страна. Грците и Турците исплашени од делувањето на Апостол ги преувеличуваат неговите активности. Неговата слава растела од ден на ден, а приказната за страшниот рушител на Отоманската империја дошла и до ушите на самиот султан Абдул Хамид II кој понудил 20.000 фунти да се откаже од борбата. Привлечен од приказните, во 1906 година, американскиот новинар Алберт Сониксен и воденскиот војвода Лука Иванов ќе го посетат војводата Апостол во неговото живеалиште и скривалиште во Ениџевардарското езеро. Од оваа посета ќе произлезе убава приказна на американскиот новинар. Во книгата „Исповедта на еден македонски четник“, опишувајќи го војводата Апостол Петков, американскиот новинар Сониксон ќе напише: „Првиот кој скокна на брегот, беше слаб, мургав човек на средна возраст, со бели, албански тесни, опнати потури, со широки ракави кошула, вооружен не само со манлихера и нагант, но и со кама со сребрена рачка, нависната на неговиот колан со патрони. И да не го познавав, ќе погодев кој е, зошто неговите портрети висеа по сите крчми.., токму во тие алишта... Апостол беше македонски Робин Худ. Тринаесет години тој носеше оружје. Уште пред Дамјан Груев да го организира прочуениот Централен Комитет, Апостол беше крстосувал низ планините. Тој беше од оние фантастични херои, кои се јавуваат меѓу потиснатите народи во сите периоди низ историјата и чии подвизи се пеат од народите... Кога се создала револуционерната организација со програма за заедничка активност, Апостол војвода, за разлика од многу свои соборци од разни страни на земјата, ги понудил своите услуги и покрај сите ограничувања кои требало да ги поднесе поради дисциплината во организацијата, да се откажува од пленот и да слуша наредби од анемични градски наставници“. Во 1907 година притисокот на грчките андарти и турската војска во Ениџевардарско станува неподнослива и Апостол е принуден да ја напушти областа. Успешно делува уште неколку години, но на 2 август 1911 година, Апостол Петков Терзиев заедно со војводите Георги Мучитанов Касапчето и Васил Пуфки, загинале во ениџевардарското село Крушари (денес Абелиес, Грција). |