|
||||
Димитар Влахов |
Димитар Влахов (8. XI. 1878 – 7. VI. 1953) е македонски револуционер, општествено-политички деец, државник, професор и публицист. Тој бил активист на Бугарската Работничка Социјалдемократска Партија (БРСДП), ТМОРО, Народната Федеративна Партија (НФП), ВМРО (Автономистичка), ВМРО (Обединета), Бугарската Комунистичка Партија, Коминтерната и Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Димитар Влахов е роден на 8 ноември 1878 година во Кукуш, во револуционерно семејство. Тој е помал брат на револуционерот Христо Влахов и внук на инжинерот Христо Станишев, едни од раководителите на ТМОРО во Кукуш. Почетното образование Влахов го стекнува во родниот град, а во 1894 – 1897 година учи во Солунската машка гимназија, од каде е исклучен заради учество во ученичкиот бунт. По завршувањето на средното образование во Првата машка гимназија во Софија, работи како учител во Белоградчик. Во тој период, Влахов станува член на Бугарската Работничка Социјалдемократска Партија, односно на Македонско-одринската социјалдемократска група. Потоа студира хемија во повеќе универзитети во Германија и Швајцарија и се движи претежно во социјалистичките кругови. Во Женева, тој воспоставува контакти со Македонскиот таен револуционерен комитет. По дипломирањето на Софискиот универзитет во 1903 година, Влахов служи во училиштето за резервни офицери. За време на Илинденското востание тој го напушта училиштето и се враќа во Македонија. Во меѓувреме, востанието било завршено и Влахов работи како учител во Солунската гимназија во учебната 1903/1904 година. Таму тој се вклучува во македонското национално-ослободително движење, а во текот на 1904 година кратко време е член на ЦК на ТМОРО и раководител на Организацијата во Солун. Во летото 1904 година, Влахов е уапсен заради револуционерна дејност и останува во затвор до 1905 година. Во револуционерната активност на Влахов, Егзархијата гледа закана за бугарските цели и го отпушта од работа, а по враќањето во Софија тој е уапсен и лежи три месеци во затвор како дезертер на бугарската армија. Подоцна станува учител во Казанлак, а во 1908 повторно е назначен за учител во Солун. По Младотурската револуција во есента 1908 година, Влахов е еден од основачите и раководителите на Народна Федеративна Партија(1909–1910), формирана од таканаречената Серска група. Како претставник на федеративната партија, Влахов бил избран за пратеник во Отоманскиот парламент (1909–1912). Во овој период Влахов учествува во редактирањето на весникот „Единство“ (1908/10), а потоа и на неговиот наследник весникот „Народна Воља“ (1909/10), за што бил осуден од судот во Солун на 10 дена затвор по законот за печат. По распуштањето на НФП, Влахов делува во рамките на Солунската социјалистичка федерација. Се вклучува во активностите со групата околу македонскиот Евреин, Аврам Бенарој и Ангел Томов, која го издава весникот „Работнички весник“. Со помош на Влахов се појавува весникот на Социјалистичката работничка федерација, „Работничка солидарност“. Во Солун се сретнува со Давид Бен Гурион, лидерот на еврејското работничко движење, кој потоа ќе изјави дека: „Влахов е поголем ционист, отколку сите Евреи социјалисти“. Од 1911 година, Влахов е член на Солунската социјалистичка федерација, претседател на Првиот конгрес на тутунските работници во Македонија, а Кукушката околија го избира за член на Солунскиот вилаетски совет во 1912 година. По Првата Балканската војна, Влахов е затворен од грчките власти и протеран во Бугарија во 1913 година. Со препорака на ресенчанецот Симеон Радев, бугарската влада го поставува за конзул во Одеса во периодот од 1914 до 1915 година. Во текот на 1916 и 1917 година, по анектирањето на Македонија од страна на Бугарија, станува управник на Приштинската област. По Првата Светска војна е секретар на Трговско-индустриската Комора во Варна, а потоа во 1918 година е пратен за трговски претставник во Киев и Виена. Во 1920 година, Димитар Влахов како пртставник на левото крило е избран за резервен член на ЦК на ВМРО (Автономистичка). Тајно, без да знаат членовите на ЦК на ВМРО, Александар Протогеров и Петар Чаулев, Тодор Александров го испраќа Влахов кај неговиот кум и истакнат раководител на Коминтерната, советскиот министер Крсто Раковски. Во 1923 година, Влахов заедно со Михаил Монев оди во Москва, како делегат за разговори по македонското прашање. Во извештајот кој го подготвил од разговорите водени во Москва, Влахов посочува дека СССР го симпатизира македонското ослободително движење. Во истата година, Димитар Влахов бил еден од основачите на Македонскиот научен институт, а наредната 1924 година тој бил испратен по препорака на ВМРО како трговски претставник на Бугарија во Виена. Таму, тој е еден од авторите на виенските документи за обединување на македонското револуционерно движење. По објавувањето на Мајскиот манифест во 1924 година настанува расцеп и ликвидација на неговите потписници Тодор Александров и Петар Чаулев, а подоцна и Александар Протогеров. Во тој период ВМРО потпаѓа под влијание на Ванчо Михајлов, а бугарската влада бара од него да се врати од Виена. Димитар Влахов одбива да се врати и се вклучува во формирањето на ВМРО (Обединета) врз основа на Мајскиот манифест. Во 1925 година, Влахов и група лево ориентирани македонски револуционери од сите краишта на поделена Македонија, како и со посредство на претставници од Коминтерната, во Виена ја формираат ВМРО (Обединета). Тој е главен соработник за Македонија во органот на Балканската комунистичка федерација, списанието „La Federation Balkanique“ (1924–1930) и уредник на органот на ВМРО (Об) „Македонско дело“ (1925– 1935) во Виена, Берлин и Париз, каде соработува со Ѓорѓи Димитров. Во 1926 година станува член на Бугарската Комунистичка Партија. Во 1933 година, Балканскиот секретаријат на Коминтерната го разгледува македонското прашање кое го поставуваат членовите на ВМРО (Об). Со помош на Влахов била изготвена Резолуција на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање, која била одобрена од Политичкиот секретаријат на Коминтерната на 11 јануари 1934 година, а усвоена од Извршниот комитет на Коминтерната во февруари истата година. Одлуката на Коминтерната ја пренесува весникот „Македонско дело“ во април 1934 година. Во процесот на афирмација на вистината за македонската ослободителна борба и за демаскирање на антимакедонската активност, Влахов, покрај тоа што делува во Европа, тој соработува со печатот на МНС во САД и Канада. Тоа ги предизвикува антимакедонските сили кои во овој период имаат повеќе неуспешни обиди за ликвидација на Влахов, а во 1936 година бугарскиот суд му суди во отсуство и го казнува со 12 години и 6 месеци затвор. По ваквиот прогон, Влахов заминува во Москва, каде работи во Меѓународниот аграрен институт, а подоцна и во Институтот за историја на АН на СССР. Подготвува докторат за македонската историја. Сталиновите чистки во 1938 година, Влахов ги преживува само со едномесечен притвор, благодарение на интервенцијата на Г. Димитров и В. Коларов. По нападот на Германија на СССР, настапува од името на македонскиот народ на Сесловенскиот митинг во август 1941 година во Москва. На 16 октомври 1941 година е евакуиран во Уфа, а во пролета 1942 година е вратен во Москва како соработник во Одделот за печат при ИК КИ (аналитичар за Грција). На почетокот на 1943 година, поставен е за претставник на македонскиот народ во Сесловенскиот комитет, а од следниот месец е член на Југословенската секција на овој комитет и настапува на пленумите и митинзите во прилог на антифашистичката борба на Македонија и за обединување во рамките на Балканска федерација. Во 1943 година, на Второто заседание на АВНОЈ, Влахов е избран за потпретседател, а во октомври 1944 година Влахов ја напушта Москва и преку Белград стигнува во Македонија. Димитар Влахов е делегат на АСНОМ и член на неговиот Президиум, а зазема високи државни функции. Како член-советник во Југословенската делегација присуствува на Париската мировна конференција. Главно поради ставот за обединувањето, обвинет е за дејност во „антипартиска група“ и испратен во Белград, каде што и умира на 7 јуни 1953 година. |