Среда, 24 Октомври 2012    PDF Печати Е-пошта
Петар Попарсов

 

Petar_Pop_ArsovПетар Попарсов (21. Х. 1872 – 1. I. 1941) е македонски револуционер и културно-национален деец, еден од основачите и идеолозите на Македонската Револуционерна Организација (МРО). Автор е на првиот Устав на МРО и познатата публикација   „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“. Тој е еден од главните редактори на списанието „Лоза“ во кое се застапува за македонската самобитност и изградување на самостојна и независна држава на македонскиот народ.

Петар Попарсов е роден на 21 октомври 1872 година во селото Богомила, Велешко. Основно образование завршува во родното место, а потоа три години учи во Велес (1881 - 1884). Во учебната 1884/85 година се запишал во Солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Како еден од антиегзархиските бунтовници, заедно со поголема група ученици од Солунската гимназија, во учебната 1888/89 година се префрла на школување на Великата школа во Белград. Меѓутоа за првпат ја согледува манипулацијата на пропагандата во Белград и заедно со група македонски ученици заминуваат за Софија. Попарсов го продолжува своето образование на Вишото училиште на Историско-филолошкиот факултет во Софија, каде дипломира во 1892 година.

Додека Попарсов се` уште студирал во Софија, од солунските и белградските бегалци се создава јадрото на „лозарското движење“. Кон крајот на 1890 година, Попарсов со Даме Груев и други учествува во формирањето на „Тајната дружба“ од која потоа се создава Младата македонска книжевна дружина (ММКД). Групата во која покрај Попарсов се наоѓаат Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и други од јануари 1892 година почнува да го издава својот орган „Лоза“, а Попарсов е еден од главните нејзини редактори и соработници.

Попарсов и неговите соработници свесни дека секој што од надвор ќе им ја подари слободата, ќе им ја земе и земјата, како и тоа дека ослободувањето на Македонија може да стане само со сопствени сили, работат на испраќање на свои членови во Македонија за да таму на лице место во согласност со условите да подготват терен за револуционерното движење.

Ваквата национална концепција на „Лозарите“, како и јасната македонско-сепаратистичка и јазично-правописна тенденција промовирана уште во првиот број на списанието, во бугарската јавност предизвикуваат кампања против „македонскиот национален сепаратизам“. Набрзо потоа, дружината и списанието „Лоза“ биле спречени да дејствуваат.

По растурањето ММКД и забраната на списанието „Лоза“, Попарсов се враќа во Македонија и најпрво предава во Скопската гимназија (1892/1893), а потоа се вработува како професор во Солунската гимназија (1893/1894). Тука тој повторно се сретнува со своите старите познаници, меѓу кои и со Даме Груев.

Во есента 1893 година, меѓу младите македонски интелектуалци Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон Димитров се развива идејата за да се соберат сите сили на разединетите групи и да се формира силна револуционерна организација способна да ја ослободи Македонија. За таа цел тие ги повикуваат Петар Попарсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев да учествуваат на основањето на организацијата.

Првиот чекор е направен на 23 октомври 1893 година, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, каде покрај него на состанокот присуствувале: професорите Даме Груев, Христо Батанџиев и Петар Попарсов, потоа лекарот Христо Татарчев и учителот Антон Димитров. На состанокот била разгледана неопходноста од политичка активност во Македонија, како и условите за развивање на револуционерната дејност, со што биле поставени основите на Македонската револуционерна организација (МРО).

Веќе на вториот состанок на почетокот на 1894 година. Попарсов добива задача да изработи проект на Устав, кој потоа бил прифатен од Организацијата. Во август 1894 година, како член на ЦК на МРО, Попарсов присуствува на организационата средба во Ресен, каде било решено во општинските и егзархиските училишта да се постават учитали на организацијата за да може да се шири револуционерното дело меѓу македонскиот народ. Истата година (1894), под псевдонимот Вардарски, Попарсов ја објавува брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ во која тој го критикува режимот на Стефан Стамболов и Бугарската егзархија и ги претставува основните концепции на Програмата на МРО.

Во текот на својата дејност во МРО, следејќи ги насоките од организациската средба во Ресен Попарсов работел како егзархиски чиновник во Велес (1895), потоа учител во Прилеп и претседател на прилепскиот околиски комитет (1896), главен учител на егзархиското училиште во Штип и претседател на Окружниот Комитет на ТМОРО (1896/7).

Во 1896 година Петар Попарсов активно учествува на Солунскиот Конгрес на МРО, но, по Виничката афера во 1897 година бил уапсен и обвинет за организирање на востание. Попарсов бил осуден на 101 година робија, а казната ја издржувал во Подрум кале во Мала Азија. По амнестијата во 1902 година Попарсов ја продолжува револуционерната дејност во Велешко, но спроти Солунските атентати во април 1903 година повторно е уапсен во Велес и затворен во Скопскиот затвор од каде излегува еден ден пред објавувањето на Илинденското востание.

Излегувајќи непосредно пред почетокот, Попарсов останува на страна за време на Илинденското востание. Работи како учител во Скопје во учебната 1903/ 04 година, а потоа во Солун. Повторно станал член на ЦК на ТМОРО, но набргу потоа се повлекува. Во јули 1904 година оди во родното село, а во август е поставен за надворешен претставник на ТМОРО во Софија. Во 1905 година, на Рилскиот конгрес бил избран за член на Задграничното претставништво и учествува во дејноста на организацијата се` до нејзиниот расцеп.

По убиството на Сарафов и Гарванов во 1907 година, Попарсов како приврзаник на левицата бил уапсен во Софија, но наскоро бил пуштен од затвор и во мај 1908 година се враќа во Скопје. Во 1909 година се вклучува во задушувувањето на султановата контрареволуција, а потоа го поддржува Теодосиј Гологанов повторно да се кандидира за Скопски митрополит. Кратко време работи како учител, а потоа и како директор во Педагошкото училиште Скопје.

Во текот на 1910 година, Попарсов учествува во работата на Народната Федеративна Партија и зема активно учество во подготовките и спроведувањето на изборите за Отоманскиот парламент, но не го добива потребниот број гласови за пратеник. Тој се залага заедно со Крсте П. Мисирков и со бившиот скопски митрополит Теодосија Гологанов, да се отвори македонска Висока педагошка школа во Скопје.

По избувнување на Првата Балканска Војна и окупацијата на Македонија, Попарсов се засолнува во Велес. Во текот на декември 1912 година, заедно со Димитрија Чуповски ја организира Општомакедонската конференција за спас на окупираната Македонија. На средбата на која присуствуваат Ангел Коробар, Ризо Ризов, Александар Мартулков и други, било решено Македонската колонија во Петербург да ги застапува македонските интереси во странство, но неговиот обид со Чуповски да заминат во Париз и Лондон за да ја запазат целоста на Македонија бил спречен.

По Букурешкиот договор во 1913 година, Попарсов се преселува во Бугарија и станува учител во софиското село Костенец. Тука работи како учител и директор на училиштето се` до пензионирањето во 1929 година, кога со својата сопруга се преселува во Софија.

Попарсов бил член на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМРО во Софија и потписник е на Апелот од 15. III. 1919 година, со кој се бара воспоставување на самостојна независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници.  По Версајскиот мировен договор, наполно разочаран од конечната поделба на Македонија, тој целосно се повлекува од јавниот и политичкиот живот.

Петар Попарсов умира во Софија на 1 јануари 1941 година.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.