Среда, 14 Ноември 2012    PDF Печати Е-пошта
Атанас Близнаков

atanas-bliznakovАтанас Близнаков (15. XII. 1901 – 10. VII. 1998) – македонски национален деец, иселеник и повратник од САД, основач на Фондацијата „Атанас Близнаков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 1920 година емигрирал во САД. Работел во Гери (Индијана) и бил активен член на Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС). Еден е од основачите на друштвата „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“ и главен иницијатор за изградба на првата македонска православна црква во Гери. Бил претседател на Болничкиот комитет во Гери за собирање парични средства за изградба на Државната болница во Скопје. Во 1977 година заедно со сопругата ја основале Фондацијата „Атанас Близнаков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за стипендирање на талентирани студенти.

Атанас Близнаков е роден на 15 декември 1901 година во селото Д’мбени, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. Израснал во селото во кое се родени познатите македонски револуционери: Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други. Уште немал наполнето ни две години, кога мајка му Доча го криела по планините пред налетот на разулавениот аскер. За тоа време, неговиот татко Иван, кој со другите жители на селото се приклучил на револуционерните чети, со пушка во рака се борел за ослободување на Македеонија и создавње на самостојна држава на македонскиот народ.

По Балканските војни и Првата Светска Војна, од кои Македонија излезе поделена, уништена и окупирана, соочувајќи се со поствоената економска криза и притисоци од страна на новите окупатори, голем дел од македонското население се иселува во прекуокеанските земји. Особено иселувањето било изразено на територијата под окупација на Грција, односно во Воденско, Костурско и Леринско, Егејскиот дел на Македонија.

Релативно млад, со само деветнаесет години, Атанас Близнаков го напушта својот роден крај и заминува во тогаш ветената земја Америка. Тргнувајќи на пат, тој со себе ја понел горчината за поделбата, сликата на уништена и осиромашена земја, но и чуството на припадност, гордоста на длабоките корени на македонскиот идентитет. Со верба дека еден ден повторно ќе се врати во својот роден дом, во својата Македонија, Атанас Близнаков доаѓа во САД, во 1920 година.

На 16 декември 1920 година, Атанас Близнаков почнал да ја пишува новата страница на својата животна сторија. По доаѓањето во градот Медисон Сити, во сојузната американска држава Илиноис, каде постоела голема македонска колонија, тој се вработува како фабрички работник. По поминати година и пол, Атанас се преселил во градот Гери, Индијана, каде се вработил во тамошната Железарница. Во железарницата, која била една од најголемите индустриски гиганти на американската држава Индијана, тој останал да работи цели 34 години, се` до своето пензионирање.

Додека времето брзо одминуваше, Атанас Близнаков делуваше мудро, инвестирајќи во купопродажба на недвижности и берзанска трговија со акции. На тој начин тој го зголемувал својот капитал. По петнаесет години поминати во САД, Близнаков се вратил во своето родно место Д’мбени, каде ја сретнал својата животна сопатничка Славка Попова. По венчавката, Атанас и Славка заминуваат за Гери, но иако никогаш повеќе нема да го видат своето родно огниште, нивната поврзаност и љубов кон Македонија била огромна.

Атанас Близнаков бил активен член на Македонско-Американскиот Народен Сојуз (МАНС), чија главна цел била борбата за ослободување и обединување на Македонија во независна република. Во текот на Втората Светска Војна, заедно со другите македонски патриоти, преку МАНС, Близнаков морално и материјално ја помагал народно ослободителната борба на македонскиот народ. Тој како и другите македонски патриоти тежнеел да ја види Македонија слободна и обединета.

По завршувањето на војната, учествува во прибирање помош за настраданите од воените дејства, а потоа бил назначен за претседател на Комитетот за помагање на изградбата на Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, што бил формиран во градот Гери, Индијана. Македонските иселеници дадоа огромен придонес успешно да се заврши изградбата, а денес на клиниката стои ознака со која се оддава признание за големата помош и љубов на македонските иселеници кон својата земја и народ.

По забраната и распуштањето на Македонско-Американскиот Народен Сојуз (МАНС) во 1949 година, македонските иселеници наоѓаат нови форми на здружување и помагање на македонската кауза. Атанас Близнаков, покрај што бил еден од основачите на помагателните друштва „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“, тој е еден од инцијаторите за изградба на првата македонска православна црква Св. Петар и Павле во Гери.

Иницијативата започнува по Вториот македонско црковен – народен собор, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид, кога беше прифатен предлогот за обнова на Светата Климентова Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква. Со обновувањето на Охридската Архиепископија, не само што се оствари вековниот сон на македонскиот народ, туку се создадоа услови за македонските иселеници и тие да имаат своја црква под канонска јурисдикција на МПЦ, а со тоа можност да се ослободат од разните духовни, национални и политички притисоци.

Истата 1958 година, Атанас Близнаков ја остварува големата желба и со својата сопруга ја посетува Македонија, за да види како се остваруваат неговите и вековните идеали на македонскиот народ. Осознавајќи за можностите кои ги нуди обновата на МПЦ, тој станува еден од главните иницијатори за изградба на првата македонска црква во Гери, Индијана, САД.

Изградбата и осветувањето на првата македонска православна црква Св. Петар и Павле во 1963 година, станува пример за основање на нови цркви на просторите на САД и Канада. Помагајќи ги сите кои тргнаа по истиот пат, првата македонска црква стана темел на црковно-националниот и културниот живот на македонските иселеници во Америка.

Атанас Близнаков повторно доаѓа во Македонија во 1968 година, кога учествувал на Илинденските свечености. Силните чувства на патриотизам ќе го натераат се повеќе да размислува за дефинитивно враќање во татковината и како да му помогне на својот народ кој толку многу го сакал. Така полека созрева мислата за основање на Фондацијата „Атанас Близнаков“ за стипендирање студенти од Универзитетот во Скопје.

Во 1976 година, Атанас Близнаков заедно со сопругата се преселил во Скопје, а наредната година ја основале Фондацијата „Атанас Близнаков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во Фондацијата тој донирал дел од стекнатиот капитал, во износ од 800.000 долари, средства наменети за стипендирање на талентирани студенти. Со помош на оваа фондација, голем број студенти дипломирале и се вклучиле во образовниот процес на универзитетот како асистенти, доценти и вонредни и редовни професори. Неговиот чекор бил инспирација и за други македонски донатори, како што се иселениците Петар Стаматов од САД и Константин Стојанов од Франција.

Атанас Близнаков долги години активно соработувал со Матицата на иселениците во Македонија (денес Агенција за иселеништво), со Македонската Православна Црква и со други невладини организации. Покрај донаторството, тој ги објавил трудовите: монографијата „Д`мбени“ и „Спомени за националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада“. Пишувал статии и дал повеќе интервјуа за печатениот и електронскиот медиум.

Атанас Близнаков во Скопје живеел повеќе од дваесет години. Починал на 10 јули 1998 година во Скопје. За своето животно дело, тогашното Претседателство на СФРЈ го одликува со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, а го добил и највисокото републичко признание Наградата “11 Октомври”. Атанас Близнаков бил првиот добитник на медалот “Св. Климент Охридски”, како и на многубројни плакети. Неговото име зазема почесно прво место на Спомен плочата на донатори кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Пишува: Славе Николовски-Катин

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.