|
||||
Антон Драндар |
Антон Георгиев (Хаџигеоргиев) Драндар, (псевдоним А. Брутус), (1837 - 25. III. 1925) e македонски национален деец, правник, трговец, новинар и публицист. Објавил повеќе публицистички трудови, меѓу кои и книгите „Положбата на христијаните во Македонија“ (1867), „Турската администрација во Македонија“ (1868) и друго. Брошурата „По повод едно движење во Македонија“ објавена во Брисел, во 1900 година, под псевдонимот А. Брутус, е посебно значајна за македонскиот народ. Антон Драндар е роден во 1837 година во Велес, во семејството на Хаџи Георги и Марија Драндар. Татко му Хаџи Георги во текот на 1836 година добива од Султанот II берат за привилегии. Добростоечкото семејство Драндар му овозможува на Антон да се стекне со одлично образование. Во 1850 година, на тринаесет години, татко му го испраќа да учи во Будимпешта, каде завршил средно образование и благороднички лицеј Сони, а потоа право, политика и дипломатија во Виена и Лондон. Во една прилика, употребувајќи ја фразата на Филип Македонски кога се обратил на својот син Александар, унгарскиот професор Csengyery на својот ученик Антон Драндар, му рекол: „Македонија е премногу мала за тебе синко, треба да бараш поголема земја“. По завршувањето на високото образование, Антон Драндар долго време живее во Англија, Франција, Холандија, Белгија, Швајцарија, Шпанија и Германија, каде се оддава на сериозно проучување на политичката организација и карактерот во секоја од овие држави. Антон Драндар живее 26 години во странство и добро ја запознава европската цивилизација. По враќањето во Македонија извесен период се занимавал со трговија во Солун. Во овој период Антон Драндар зема активно учество во борбата на Велешаните против Цариградската патријаршија. Во писмото испратено до Георги Раковски од 17 јуни 1862 година, Велешанецот Димитар Каранфилович, пишува: .....„секојдневно се бориме со тукашните сограѓани, во кои се вкоренил фенерско-грчкиот дух и не може така лесно да се искорени и преправи, но фала му на Бога, постепено се отстранува и можам да кажам, речиси се заборави веќе што е тоа Грк“. Во текот на втората половина на шеесетите години на XIX век, Антон Драндар ги објавува публицистичките трудови: „Положбата на христијаните во Македонија“ (Лајпциг 1867) и „Турската администрација во Македонија“ (Лајпциг 1869). По Руско-турската војна во 1878 година, Драндар емигрира во Софија, каде работи како заменик претседател на Градскиот суд, а подоцна во Министерството за надворешни работи го организира првото прес биро во Бугарија. По неуспехот на Македонското востание, уште познато како Кресненско востание, Антон Драндар останува да живее и работи во новоформираното бугарско кнежевство. По една година, Антон Драндар станал дописник на повеќе големи весници од Франција, Германија и Англија, во кој пишува за противречностите на балканската политика. Истовремено во бугарските списанија се осврнува за педагошките прашања. Во наредните десеттина години публикува уште неколку брошури, меѓу кои: „Кнез Александар Бетенберг во Бугарија, Петте години кнезување“ (Париз, 1884), „Трговските договори и прашањето за даноците и акцизите во Бугарија“ (Париз, 1885), „Политичките настани во Бугарија од 1876 до денешен ден“ (Брисел, 1896), „Положбата на Славјаните и Румуните во Австро-Унгарија“ (Брисел, 1900) и „По повод едно движење во Македонија“ (Брисел, 1900). Антон Драндар и Велешанецот Димитар Каранфилович биле мошне блиски со бугарскиот двор. Така да во зависност од условите во кои работел и дејствувал, Антон различно пристапувал кон Македонија и македонското прашање. Сепак тој настојувал поадекватно да го определи политичкото уредување на Македонија и со голема доза на македонистички погледи го поддржувал македонскиот политички сепаратизам. Антон Драндар тоа особено го изразува во својата книга „По повод едно движење во Македонија“ („A Propos d'un Mouvement en Macédoine ") објавена во Брисел 1900, под псевдоним: А. Брутус. Во брошурата Антон Драндар тврди дека престојувал во Македоиија како функционер на една странска држава. Со оглед на позицијата која ја има во Бугарија, сосема е јасно зошто Драндар не изнесува повеќе подробности и ја објавува под псевдоним. Во неа тој ќе напише: „Ако се фрли еден ретроспективен поглед врз историјата на Македонија се` до најдалечните древни времиња, човек останува вчудовиден од големата улога што оваа мала земја, класична земја раг ехсellеnсе, ја играла во светот. ...Од самиoт почеток на историјата, ја гледаме Македонија на чело на нациите. Нејзината репутација е универзална; нејзината слава се шири на четирите страни на светот... Александар Велики, чијашто слава е епска, ги става под своја моќ најголемите царства. Но неговата војска не сее терор, страв и уништување кај варварските народи; напротив, тој им ги донесува свеглините и добродетелите на цивилизацијата... ...Македонци наоѓаме на византискиот престол во време кога оваа империја се наоѓа во својот зенит. Се додека македонската династија ја управуваше судбината на Византија, царството ја зачува својата моќ и беше почитувано од нејзините непријатели. Кога таа династија згасна, малку потоа започна полната декаденција на Византија. Следејќи го текот на историјата, гледаме како со ист сјај свети ѕвездата на Македонија. Таа ја игра главната улога во преродбата на славјанското племе. Така, двајцата браќа издигнати до апостоли, Кирил и Методиј, предмет на сеопшто восхитување на словенскиот свет, се Македонци, па поради самото постоење на овие двајца апостоли, оваа мала земја станува лулка на словенското племе на кое му дава своја религија и своја уметност... ...Ако Македонија сака да биде свој сопствен господар и господар на својата сопствена судбина; ако денес таа сака да се ослободи од неправедниот тиранин што ја угнетува со векови, и ако утре сака да биде подготвена да се бори против сите оние што би сакале да ја узурпираат нејзината територија и да воспостават своја доминација, потребно е да започне со тоа што ќе ја употреби својата сила за воспоставување на едно нераскинливо национално обединување!... ...Жителите на Македонија не сакаат да бидат присоединети ни кон Бугарија, ни кон Србија, ни кон Грција; тие сакаат, тие силно сакаат, да живеат човечки живот во една автономна земја. Нивна парола е: „Македонија на Македонците“. (во оргинал - Les habitants de la Macedoine ne desirent etre annexes ni a la Bulgarie, ni a la Serbie, ni a la Grece; ils desirent, et ils desirent imperieusement, vivre d’une existence humaine dans un autonome. Leur mot de ralliement est: ,,La Macedoine aux Macedoninas,, A.Brutus, Op.cit., pp.56 ). Анитон Драндар книгите ги пишува на француски јазик и како ретко кој, покажува одлично познавање на традициите и дипломатијата. Но, иако секогаш бил близок со бугарскиот двор, неговите дела кои се наоѓаат во сите познати светски библиотеки, никогаш не биле преведени на бугарски. Тој бил назначен за личен секретар на втората жена на бугарскиот кнез Фердинанд, царицата Елеонора фон Ројс – Костриц, со која бугарскиот суверен стапува во брак на 28 февруари 1908 година. Тоа ќе биде предизвик за Драндар да ја публикува брошурата „Бугарија под власта на кнезот Фердинанд“ (Брисел, 1909). За своите заслуги Антон Драндар бил носител на: бугарскиот орден од втор степен „За граѓански заслуги“ (1898, 1907), српскиот орден од трет степен „Свети Сава“ (1899), францускиот златен орден за искуство и наука, орден на Акедемски палми (1900), црногорски орден „Данило“ (1902, 1907), руски орден од втор степен „Свети Станислав“ (1907), орден од втор степен „Свети Александар“ (1917). Антон Драндар бил почитувана личност и немал непријатели. Иако потекнува од богато семесјтво, тој живее скромно до крајот на живот во Софија, каде умира на 25 март 1925 година. |