|
||||
Христо Николов - Македонски |
Христо Николов – Македонски (1835 - 5. VII. 1916) е македонски револуционер, ајдутски и четнички војвода. Прогонуван од османлиските власти се одметнал и станал ајдук. Со својата чета активно учествува во ослободителните движења и борби на српскиот и бугарскиот народ, а потоа и во македонското револуционерно и ослободително движење. Христо Македонски е роден во 1835 година во село Горни Тодорак, Кукушко. Се образувал во своето родно место, а потоа се занимавал со трговија. Но, само што наполнил осумнаесет на почетокот на 1852 година, им се замерил на Турците. При враќање по дождливо време со еден соселанец од Џумајскиот пазар, со коњите случајно ги испрскале осветољубивите аги од село Рајаново, по што морал да се крие. Четири години поминал во Солун и во 1856 година се вратил во родното место. Повторно почнал да работи, но, три години потоа, меѓу селото Колендра и градот Сер, Турци кесеџии ми го одзеле целиот заработен капитал што Христо го носел за купување на памук. Прекорот на домашните Христо неможел да го поднесува, па заедно со својот другар Манол Наков, сонувале за планинитие Пирин и Рила каде крстосувале нивните јунаци Дедо Иљо војвода и Стојмен војвода. Кога во 1860 година, повторно без оружје бил пречекан и ограбен од ајдукот Рахман, скршен во духот, заедно со Манол Наков заминале во гората и станале ајдуци во дружината на Стојмен војводата, кој дејствувал во Малешевијата. Дружината на Стојмен војводата два месеци се повлекувала пред турската потера по планините на Разлошко и Рилските планини. Во пресрет на зимата, шестмина новајлии под раковдство на Христо Николов се раздвоиле и тргнале кон Рилскиот манастир каде планирале да поминат ја зимата. Кај Кресненските анови, Христо го сретнал и му се одмздил на разбојникот Рахман и неговите кесеџии за сите зулуми што му ги нанел на македонското население, по што заедно со четата бегаат од турската потера. Тие заминале кон Рилскиот манастир, но турската потера која тргнала по нив наишла на дружината на Стојмен и во битката која се развила војводата бил убиен. Во пролетта 1861 година Христо Николов се сретнал со Георги Раковски во Рилскиот манастир. Во разговорите со Христо и четата, Раковски го поттикнал патриотскиот дух кај нив и ги повикал да дојдат во Белград каде се припремала војска за ослободување од турско ропство на покорените територии. Во текот на есента истата година, скоро истовремено со Дедо Иљо војводата и неговата дружина, Христо со четата пристигнал во Белград. Тој и неговиот другар Манол Наков се запишале во четата на прочуениот македонски војвода, која влегува во состав на формираната Прва легија (т.н. Прва бугарска легија). Во 1862 година, Србите започнале борба за да го протераат Турците од Белград, а Христо Николов - Македонски со четата на Иљо војвода учествувал во борбата за освојување на Калемегдан. Но, под притисок на амбасадорите на големите сили борбата била прекината, а Првата легија распуштена. Дел од доброволците на Првата легија, меѓу кои и македонските, се повлекле на своите територии или заминале во своите родни места, а пак Христо Македонски по наговор на Раковски со уште 200 души се префрлил во Романија. Во 1864 година, на барање на Раковски, Христо Македонски на чело на мала чета преминал во Бугарија за да ја ликвидира разбојничката банда на Асан Пеливан. Откако бандата била ликвидирана, Христо со дел од четата заминал за Света Гора. Тие зимата ја поминале во Зоографскиот манастир, а пролетта повторно под оружје го крстосуваат Балканот. Изборот на романскиот кнез Карло во 1866 година, не го одобриле повеќето сили и се очекувало дека во секој момент може да дојде до Турско-романска војна. Војската на Романија била ставена во приправност, а биле повикани на оружје и голем број доброволци. Христо Македонски со четата се префрлил во Романија и заедно со другите доброволци Христо бил обучаван од романски инструктори. Меѓутоа, војната била избегната, а доброволците беа распуштени. Во текот на зимата 1866/67 година, Христо работел за револуционерното дело и го поминал во припрема на муниција за четите кои се подготвувале да ја преминат Романско-турската граница. Набрзо потоа, Србија повторно очекувала да влезе во војна со Турција, а Христо заминал во Белград каде се формира Втората лицејска легија (т.н. Втора бугарска легија). Најпрво тој бил распореден во пешадија, а потоа во артилерија. Цели шест месеци во зимата 1867/68 година се обучувал во военото училиште на Србија и се припремал за борба против Турците. Но, по бунтовите кои се случуваат во легијата и нејзиното распуштањето, во пролетта 1868 година, Христо ги напуштил српските касарни и повторно се вратил во Романија. Како и многу Македонци од тоа време, верувајќи во едно општо востание кое ќе го ослободи поробениот балкански народ од турското ропство и дека тоа ќе му овозможи еден подобар и подостоинствен живот, Христо им се придружил на четите на бугарските војводи Хаџи Димитар и Стефан Караџа кои имаа намера да ја преминат Романско-турската граница. Во своите спомени за преминувањето на границата Христо ќе забележи: „Со нас дојде, придружен со еден војник, до граничниот премин и капетанот Никола Македонецот, кој беше донирал 30 пушки за четите и кој беше во романска служба. Кога се доближивме да излеземе од Букурешт, тој се спушти кон рампата и им рече на луѓето кои беа таму да ја пропуштат колата, натоварена со воен материјал и кои се праќаа за Ѓоргево...“ Од описот видливо е дека и други лица како и Христо со придавката “македонски“ ја потенцираат својата македонска припадност и потекло. По преминувањето на границата четите се судриле со Османлиите кои организирале потера. Во битката кај Вишоград бил убиен знаменосецот на Стефан Караџа, па знамето го презел Христо Македонски. По разбивањето на остатокот на четите кај Безлуџа во 1868 година, Христо Македонски со уште двајца четници успеал да ги избегне турските потери и преку Габрово, Самоков, Рилскиот манастир и Мелник наоѓа прибежиште на Света Гора, во Зографскиот манастир. Со помошта на игуменот на манастирот, во пролетта 1869 година заминал за Цариград, па преку Одеса повторно се вратил во Романија. Таму престојувал под името Христо Николич и Христаки Николау за да се заштити од апсење и предавање на осмалиските власти. Христо Македонски не мирува и учествува во револуционерната дејност и подготовката на славјанската емиграцијата за конечна разврска со Османската империја. Во јули 1876 година, Христо Македонски како војвода на 200 доброволци, заедно со Дедо Иљо Малешевски учествува во Српско-турската војна, а по нејзиното завршување тој зел учество во македонското револуционерно и ослободително движење. Во февруари 1885 година во Пловдив бил формиран Македонскиот таен револуционерен комитет, а Христо Николов Македонски станал нејзин деец за Големо Коњаре. Тој се залага за исполнување на целите на Македонскиот комитет кој имал задача на почетокот одново да ја обнови револуционерната дејност за да се издејствува автонимија на Македонија, а подоцна и формирање на Балканска федерација. Христо Македонски умира на 5 јули 1916 година, во Русе. Тихомир Каранфилов |