|
||||
Ангел Динев |
Ангел Динев (1. Х 1891 – 17. II 1952) е македонски револуционер, новинар, публицист, историчар и општественик. Ангел Динев е роден на 1 октомври 1891 година во гевгелиското село Смоквица. По завршувањето на основното училиште во селото, слугува како овчар, а во црквата учествува како псалт. Кон крајот на 1909 година се вработува во Егзархиската митрополија во Солун. До 1911 година работи како фурнаџија, се самообразува и влегува во Ученичкиот револуционерен кружок. Истовремено станал и организатор на привремениот Околиски комитет на ВМРО за гевгелиските села од десната страна на Вардар. Во есента 1911 година Ангел Динев станал член на Околиски револуционерен комитет на Македонската револуционерна организација, а од мај 1912 година е секретар во четата на војводата Коста Христов Попето. По избувнување на Балканската војна во 1912 година, четата излегува на планината Кожув и учествува во борбите против османлиската власт. Четата на Коста Х. Попето влегува во состав на посебната воена единица Македонско ополчение која ја формира бугарската армија, а Ангел како доброволец служи во 3 чета на 15 Штипска дружина. Во текот на Првата светска војна тој служи во Единаесетата пешадиска македонска дивизија. Во 1921 година Ангел Динев се префрла во Софија. Таму работи првин како писар во Министерството за финансии, а потоа како контролор на трамваите. Во наредната 1922 година, тој ги прави првите чекори во новинарството. Динев ја започнува својата новинарско-публицистичка дејност во весникот „Илинден“ – орган на Илинденската организација, кој поради цензура на бугарската Влада во наредните две години четири пати го менува насловот. Во периодот од 1922 до 1924 година, за да може да опстои, весникот „Илинден“ бил преименуван прво во „Пирин, потоа во „20 јули“ и пак го зел првобитното име „Илинден“. Под влијание на Арсени Јовков, еден од раководителите на Илинденската организација и главен редактор на весникот „Илинден“, потоа Димо Хаџи Димов и други прогресивни македонски дејци, Ангел Динев се профилира како бескомпромисен афирматор на македонската национална самобитност. Следејќи ги нивните пораки за потребата од македонски печат, за негово „издигање, ширење и усовршување, и главно од еднокрајно разграничување на улогите на бугарскиот и македонски печат, при што последниот за Македонецот треба да биде евангелско четиво“, Ангел ја афирмира потребата од создавање на македонски литературен јазик, литература и историографија. Во периодот меѓу двете светски војни Ангел Динев објавува и посебни публикации од областа на поновата македонска историја: „Движењето“ (1924), „Заборавените“ (1925), „Кресненското востание“ (1926), „Хуриетот и постхуриетските борби во Гевгелиско“ (1934). Во меѓувреме, во 1927 година, Ангел Динев станува раководител на Гевгелиското братство и на таа функција се задржува се до 1947 година. Исто така, од 1928 па се до 1942 година, тој работи како писар во Министерството за земјоделство. Меѓу двете светски војни тој го издава и најзначајното македонско периодично издание „Македонски вести“ (24. I 1935 – 12. Х 1936). Ова издание, првин како неделно списание, а потоа како весник, било неофицијален орган на ВМРО(Об) кој ја афирмира културно-националната историја, особено од илинденскиот период, и ја развива македонската национална свест, литература, наука и култура. Весникот „Македонски вести“ ја продолжува традицијата и со надградени ставови и многу појасни погледи за македонското прашање отколку што можеше да се прикаже во весникот „Илинден“ на Јовков, постигнува значаен углед меѓу македонската емиграција во Бугарија. Дванаесет години по убиството на Арсени Јовков, Ангел Динев ја запознава помладата генерација за неговите ставови во кои тој отворено се залагал дека „Македонското прашање е внатрешно прашање на сите Македонци...“ , како и тоа дека „Македонците во (Бугарија) се независен политички елемент и дека се гости на бугарската држава, кои треба да се третираат така како што се третираат Ерменците, Грците, Турците, Русите и др.“ Пред весникот да биде забранет во октомври 1936 година, Редакцијата на „Македонски вести“ иницира формирање литературен кружок (2 август 1936), како и Македонски народен театар. Во весникот во продолжение излегува брошурата на Ангел Динев „Македонските Славјани“, а било најавено и печатењето на монографијата „Илинденската епопеја“. По забраната на весникот, брошурата на Динев била во целост сепаратно објавена по две години, а првиот дел од монографијата дури во 1945 година. Во текот на Втората светска војна, меѓу 1940 и 1944 година, Ангел Динев неколку пати бил интерниран во разни логори. По превратот во Бугарија на 9 септември 1944 година, бил особено активен. Тој го раководи Сојузот на македонските доброволечки друштва во Софија и го редактира неговиот орган „Доброволец“ од 1944 до 1946 година. Динев во овој период развива широка општествено-политичка дејност сред Македонците во Бугарија. Во 1944 година тој ја објавува брошурата „Етнографската идеја на македонските Славјани“, а подоцна и „Илинденската епопеја“ I-II каде смело го истакнува постоењето на македонската нација. Меѓутоа откако по XVI пленум на Бугарската комунистичка партија (13 јули 1948), била укината културната автономија на Пиринска Македонија, Динев праќа протестно писмо до ЦК на БКП и на 20 август 1948 година илегално ја напушта Бугарија. По доаѓањето во Македонија, Ангел Динев бил поставен за стручен соработник во новооснованиот Институт за национална историја во Скопја. Во 1951 година тој го публикува последното дело „Политичките убиства во Бугарија“. Ангел Динев умира на 17 февруари 1952 година во Скопје.
Тихомир Каранфилов |