|
||||
Јанко Поповиќ - Охриѓанец |
Јанко Поповиќ (Цинцар Јанко), (Охрид, ок. 1779 - Ќуприја, 1833) - војвода во Првото српско востание. Првин пристигнал во Валево (1800). Уапсен од османлиските власти, кратко време минал во затвор (јануари 1804). Штом избувнало Првото српско востание (1804), му се приклучил на Ј. Ненадовиќ. Истакнувајќи се со необична смелост и храброст, водачот на востанието Караѓорѓе Петровиќ го претворил во бомбаш. Посебно се истакнал во битките на Мишар, при заземањето на Белград, во Лозница и Делиград. Станал пожаревачки војвода (1811), но морал да пребега во Австрија (1813), а потоа во Хотин. Подоцна се вратил во Шабац (1830). Неуспесите на Османлиската Империја во војните против Русија и Австрија во XVIII век предизвикува слабеење на централната власт на внатрешен план и создавање на анархија. Македонија, како и другите делови на Европска Турција кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век станува жариште на крџалиски немири и меѓусебни пресметувања на локалните феудалци кои ја узурпирале власта и се прогласувале за самостојни управувачи. Во тој поглед во Македонија се истакнувале феудалците Али-паша Јанински и дебарските паши, Реџеп-паша во Скопскиот пашалак, Џеладин-бег во Охридско-преспанско итн. Политичката и стопанска несигурност која владеела во Македонија, како и во другите делови на Европска Турција, станала причина за миграција на населението од село во град, која полека но сигурно го менува етничкиот состав на градското население во полза на македонскиот елемент. Доаѓа до брзо зголемување на градското население, што пак доведува до развивање на занаетчиството, трговијата и друго. Производите на македонското земјоделство, како и занаетчиството, стануваат еден од главните елементи на трговската размена со земјите од Централна Европа и Русија. Бројни Македонци од Велес, Битола, Серес, Банско, Охрид, отвораат свои претставништва во Виена, Лајпциг, Трст, Белград. Тоа на свој начин влијае многу од македонските трговци да станат носители на прогресивни идеи, особено во областа на просветата и културата; други да се вклучат во националните борби на соседните балкански народи и со тоа да го дадат и својот личен придонес за општото ослободување на поробените народи. По избувнувањето на Првото српско востание, мнозина македонски учесници во Австро-турската војна од 1788-1791 година кои живееле во Австрија, и други македонски печалбари од Белградскиот пашалак, се вклучиле во борбите на страната на српските востаници и се истакнале не само како добри борци, туку и како вешти дипломати. Лазар Арсениевиќ-Баталака во својoт труд објаснува дека: „Караѓорѓе во договор со старешините ги повика познатите српски трговци. Тој момент од Германија, се префрлиле скришно во Србија Петар и Јован Чардаклија, првиот ритмајстор, а вториот оберлајтнант, двајцата благородници на Унгарското кралство, потоа Велчо и Кузман, браќа Џикиќи и двајцата капетани и дели Ѓорѓе Чипљак капетан... Сите овие се родум од Дебарскиот пашалак и се викаат „Рекалии“ поради реката Радика, која што тече низ нивните села од каде што се родум. Тие од поодамна дошле без своите фамилии во Белградскиот пашалак и држеле во Белград анови и меани... Во долгото време тие добро се помагале и со Србите од овој пашалак, тукуречи од секоја нација добро се познавале, а особено... И со народните кнезови кај кои овие доаѓале на ноќевање. Поради тоа и овие ја спечалиле нивната доверба и на трговците и на народните кнезови... Сите овие Рекалии биле луѓе со војнички дух. Тие и кога се дома на вилаетот не им даваат на Турците лесно да ги гмечат... За своите заслуги, освен чинови и благородства биле осигурани со пензии од австрискиот двор, но штом чуле дека Караѓорѓе со народот се кренал против Турците, сосема се фрлиле, оставиле и од љубов кон своите дошле скришно кај Караѓорѓе за да се принесат на жртва за своите браќа Срби...“ На бојното поле се истакнуваат браќата Џикиќ. В'лчо или Велчо Џикиќ бил од Маврово, Македонија. Според објасненијата на авторот, тој бил австриски доброволец и станал капетан, а во 1804 година се префрлил во Србија. Петар Јокиќ за тоа ќе каже: „Дојде Џикиќ од Македонија, донесе неколку беќари, направи ров и го нарече Делиград“. Велчо учествувал во борбите кај Делиград, каде што во 1808 година бил ранет и починал. Неговото место го зазел неговиот брат Кузман. Македонците биле образовани луѓе, па како такви завземаат високи позиции. Ристо Димитриев(иќ) – Лешко, родум од Маловишта, кој во Смедерево имал кафеана „Македонија“, бил писар на српскиот јунак ајдук Вељко. На дипломатски план се истакнал Петар Чардаклија и Петар Ичко кој со турската влада го склучува познатиот Ичков мир во 1806 година. Но, кај нас многу малку се знае за братучедите Јанко Поповиќ (1779 – 1833) од Охрид и Марко Костиќ (1777 - 1822) од Долна Белица, кои во Србија се познати како Цинцар Јанко и Цинцар Марко. Во одговорите на пратенички прашања Драгиша Лапчевиќ се спротивставил на обичајот да се именуваат како Цинцари многу јунаци на Српското востание кои се со потекло од Македонија, само затоа што „зборувале со акцент малку поразличен од српскиот кој се зборува во Тршиќ, Херцеговина и Црна Гора“ (Драгиша Лапчевић, Цинцарство у Србији, Београд 1924, Одговори на посланичка питања у Трговинском гласнику, 1923, 1924, стр. 13). Марко Костиќ (Цинцар Марко) за време на Првото српско востание посебно се истакнува во борбите на Дрина, кај Лозница и Шабац, а учествувал и во битката на Мишар. Тој бил назначен за член на српската мисија при командата на руската Дунавска војска во Букурешт во 1810 година, а со полномоштво на кнезот Милош учествувал и на Виенскиот конгрес во 1815 година каде побарал помош од рускиот цар Александар I. За време на Второто српско востание бил ранет во битката кај Дубље. Војводата на соколската нација и кнез на Шабачката посавина Марко Костиќ од Македонија во борбите се стекнува со седумнаесет рани и умира во 1822 година. Неговиот две годни помал братучед (од два брата деца), пожаревачкиот војвода Јанко Поповиќ во текот на Првото српско востание се истакнува во борбите на Дрина, Мишар и Тичар, како и во борбата за ослободување на Белград. Неговите јуначки дела опеани се во песните на Филип Фишњич, како и во епската песна „Сербијанка“ од Сима Милутиновиќ Сарајлија. Јанко бил роден во 1779 година во Охрид. Татко му бил протојереј роден во Долна Белица. Поради убиство на некој Турчин, Јанко заминал за Цариград, а неговото семејство било раселено од Долна Белица. Во Србија пристигнал околу 1800 година и се населил во Ваљево каде се занимавал со трговија. Во времето кога беше извршена т.н. Сеча на кнезовите, дахијата Мехмед–ага Фочиќ се посомневал и во Јанко, кој извесно време поминал во затвор. На молба на првенците од Ваљево, Јанко бил ослободен од затвор. Од самиот почеток на Првото српско востание во 1804 година, па се` до 1811 година кога е именуван за војвода, Јанко во главно се борел во Западна Србија и Босна. Учествувал во освојувањето на Краљево, тогашен Карановец (1805), во битката кај Лешница (1806). Како командант на доброволци кои по потекло не беа од Србија, учествува во нападот на Шабац (1806). Јанко посебно се истакнал во битката кај Мишар (1806). Во потерата по непријателот, тој преминал во Срем, тогашна Австрија, каде извршил ненадеен напад на група истакнати турски воени старешини, кои со дозвола на австриските власти се обидувале од опколениот град да се вратат во Босна. Јанко учествувал во борбите на Дрина и во битката во близина на Ужице (1807), потоа во Источна Босна (1809), а наредната година бил ранет во борбата на Тичар кај Лозница. Јанко Поповиќ бил познат мегданџија. Обично двобоите ги водел за време на самата борба или за време на прекините. Неговиот мегдан на Тичар, Сима Милутиновиќ го опеал во Србијанка. Во 1811 година Јанко станал пожаревачки војвода, но морал да пребега во Австрија во 1813 година, а потоа во Хотин, денешна Украина. Во Шабац се вратил откако Србија добила автономија во 1830 година. Три години потоа умира во манастирот Равеница кај Чуприја. Војводата Јанко бил прочуен по својата храброст и по своите војнички способности. Австриската известувачка служба забележува дека: „Бимбашот Јанко Цинцар е храбар, нешто претерано частољубив предводник“. Како син на свештено лице, Јанко цел свој живот бил поврзан со црквата и строго се придржувал до сите црковни правила, постови и слично. Македонците со својата храброст и дипломатски способности беа прочуени. Тие учествуваа во разните револуционерни востанички акции во првата половина на XIX век во османската држава и надвор од неа. Забележано е дури и учеството на некои Македонци во Војводина, во настаните од 1848 година и во одредот на Гарибалди во истата година. Тихомир Каранфилов |