|
||||
Крум Томовски |
Крум Томовски (1924 - 2010) е македонски архитект, конзерватор, професор и академик. Тој е еден од првата повоена генерација дипломирани македонски архитекти кој работи не само на создавање на нови кадри, туку и на дефинирање на основните вредности на македонската архитектонска историграфија. Истражувајќи го континуитетот на традиционалната архитектура во Македонија, тој во своите трудови ги открива и афирмира вредностите на народното градителство, специфични за македонскиот национален идентитет. Крум Томовски е роден на 21 декември 1924 година во Скопје. Основно и гимназиско образование стекнува во родниот град, а потоа се запишал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград. По дипломирањето во 1952 година, Томовски бил избран за асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Во 1958 година е избран за доцент по предметот развој на архитектурата, а од 1963 до 1965 година Крум Томовски бил основач и прв директор на Заводот за заштита на спомениците на културата во Скопје. Во меѓувреме, Томовски се вклучил во обновата на средновековните градби. Од 1953 година работел на конзервација и реставрација на црквата Св. Софиј, Св. Богородица Заумска, како и на други сакрални објекти во Охрид. Во овој период соработува со својот белградски професор Ѓорѓе Бошковиќ и во 1961 година по повод тогашниот Византиски конгрес ќе објават заеднички труд под наслов „Средновековната архитектура на Охрид“. Во 1965 година Крум Томовски бил избран за вонреден професор, а од 1970 година го раководи Архитектонскиот оддел. Наредната 1971 година тој бил избран за редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Во 1977 и 1978 година Томовски бил декан на Архитектонскиот факултетот, а од 1978 до 1982 година бил проректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Од 1986 до 1991 година Томовски бил претседател на Собранието на Републичката заедница за култура, а бил и претседател на Архитектонската академија на Македонија од нејзиното основање во 1997, па се` до 2000 година. Напоредно со формирањето на стручни кадри преку работата на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет, а подоцна и Архитектонски факултет, Томовски се впуштил во дефинирање на основните вредности на архитектонската историографија. Со своите трудови тој е еден од основоположниците на интересот за архитектонските традиции, како и за афирмација на вредностите на народното градителство. Неговата научно-истражувачката работа била забележана, па на 26 декември 1974 година Томовски бил избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а за редовен член бил избран на 14 мај 1979 година. Томовски бил секретар на Академијата и тоа во периодите од 1984- 1987, 1988 – 1991 и 2004 – 2007 година, а бил избран и за член на Претседателството на академијата од 2000 до 2003 година. Тој раководел со повеќе проекти на МАНУ, давајќи свој придонес кон градење на архитектонскиот континуитет во Македонија. Работејќи на конзерваторско-реставраторската проблематика, во текот на својата богата професионална кариера, Томовски реализирал бројни проекти и ги надградувал своите научно-истражувачки искуства. Пристапувајќи студиозно кон истражувањата на архитектонските споменици од разните историски или стилски периоди, Томовски ја истакнува традиционалната архитектура во Македонија и афирмативно ги претставува пред домашната и странската научна и стручна јавност. Томовски се посветил на истражување на архитектурата од разните историски периоди, вклучувајќи ги тука античкиот период, средновековната и исламската, како и народната архитектура во Македонија. Така тој работел и на обновата на „Куршумли – ан“, на Лесновскиот манастир, на Кратовските кули, на зачувување на безистените во Штип и Битола, прв започнал да го заштитува Чифте-амам во Скопје, а бил и автор на проекти за обнова на Северната базилика и на термите во Стоби. Томовски ги проучувал македонските мајстори градители и нивниот придонес во развојот на архитектурата во текот на XIX и XX век. Ја истражувал и архитектурата на другите балкански народи, задржувајќи се притоа на градбите на македонските мајстори. Тој прв го истражил делото на Андреј Дамјанов и тоа е еден од позначајните објавени трудови во 1966 година. Во овој труд се дадени вредностите и спецификите на македонското преродбенско градителство од XIX век и оваа труд, како и други негови студии, претставува појдовна точка за истражување на македонскиот национален идентитет. Огромен е опусот на студии и статии на Крум Томовски (повеќе од 200 единици). Од големиот број трудови објавени во земјата и странство како позначајни се издвојуваат: „Средновековна архитектура во Охрид“ (1961), „Мајстор Андреја Дамјанов 1813 – 1878“ (1966), „Велешките мајстори и зографи од 19 и почетокот на 20 век“, „Протомајсторот Ѓорѓи Новаков Џонгар - животот и делото“. Потоа, тука се и трудовите: „Руско-македонските врски во областа на етнографијата во 19 и 20 век“, „Македонските мајстори градители во 19 век“, „Христијанската сакрална архитектура во Македонија во 19 век“, како и други. Томовски учествувал во редакции на повеќе публикации, а бил член и одговорен уредник на Годишниот зборник на Техничкиот, односно подоцна на Архитектонско-градежниот факултет, потоа член на редакцијата на публикациите на Заводот за студии и проектирање, на списанието „Културно наследство“, како и на др. Притоа Томовски имал огромно влијание кон своите студенти и соработници на кои им ја всадил љубовта кон историјата на архитектурата, како и кон заштитата и ревитализацијата на архитектонското наследство. Во последните деценија од својот живот, како експерт работел на реконструкција на црквата Рождество на Св. Богородица во Скопје, потоа на возобновување на Светиклиментовата црква и Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, во обновата на куќата „Уранија“ во Охрид, а бил член на комисии и одбори за подигање на споменици и нови културни објекти кои се дел од Скопје 2014. Сепак не дочекал да ја види нивната реализацијата на голем дел од овие проекти. Починал во Скопје на 8 јули 2010 година. За својата работа Крум Томовски е одликуван со Орден на трудот со златен венец и добитник е на наградата „11 Октомври“, „Климент Охридски“, а во 1989 година прв ја добива наградата „Андреј Дамјанов“. |