Среда, 22 Мај 2013    PDF Печати Е-пошта
Трпо Поповски

trpo-popovskiТрпо Поповски (21. V. 1848 – 25. V. 1928) е македонски преродбеник и револуционер, свештеник и учител. Целиот свој живот го посветил на борбата против грчката пропаганда во Македонија и е еден од првите основачи на училиште на мајчин јазик во Костурско. Клеветен од грчките владици, како голем борец против елинизмот во Западна Македонија и член на Македонската револуционерна организација, Поповски бил постојано прогонуван и затваран од властите.

Трпо Иванов Поповски е роден на 21 мај 1848 година во Костурското село Косинец, Егејскиот дел на Македонија, во семејството на Иван Поповски и Кираца Николова од Врбник. Неговиот прадедо бил протосингел на грчкиот владика Венедикт од Драма. Воспитан во христијански дух, од 1862 година Поповски се образува во Цариград, каде завршил училиште во Јеникој, потоа Рифановото училиште и VI и VII клас на Големото народно училиште.

По напуштањето на образованието на грчки јазик, Поповски продолжува да живее на метохот на црквата Св. Стефан, каде помага во читалиштето. Во текот на 1868/1869 година учи во класно училиште и ја започнува борбата за замена на грчкиот со црковно-славјански јазик при богослуженијата. Поповски испратил допис до весникот „Македонија“, во кој им обрнува внимание на членовите на читалиштата доколку се во можност да испратат повеќе учители во Костурскиот крај каде се заканува опасност од елинизација на македонскиот народ.

Истовремено, Поповски побарал од членовите на читалиштето да му се доделат помош и да биде испратен за учител во Костурско. Откако барањето му било прифатено и добил средства само за патни трошоци, во средината на мај 1869 година со финансиска поддршка на татко му заминал за својот роден крај. На пат на Косинец, македонските првенци од Воден бараат од Поповски да отвори училиште во градот. Тој го прифаќа предлогот, но откако во летото истата година во својот дом во Косинец отвара едно од првите три училишта во Костурско.

Во есента 1969 година, Поповски во Воден отвора училиште, во кое две години учителствува без никаков надомест и покрај отпорот на грчкиот владика Калиник. По повторното отварање на училиштето во родното село Косинец во текот на 1871 - 1872 година, започнале интригите на грчкиот владика во Костурско. Откако бил наклеветен од владика Никифорос и неговиот секретар, турските власти привремено го затвараат училиштето, а Поповски бил затворен во Корчанскиот затвор. Но, по интервенција на македонските првенци Димитар Робев, д-р Константин Мишајков и други, по три месеци поминати во затвор Поповски бил ослободен. Тој продолжува со својата преродбеничка просветителска работа во Косинец и покрај  интригите и понудите за мито да се откаже од учителствувањето од страна на Никифор.

Во текот 1878 – 1879 година Поповски учителствува во селото Д`мбени, а потоа оди во Бурса каде му помага во работата на болниот татко. По заздравувањето на татко му, Трпо Поповски заминал во Пловдив каде работел како писар во полицијата. Во 1880 година, кога македонскиот и бугарскиот народ се` уште водат заедничка борба против грчката црква, Егзархијата го назначува Поповски за службеник со посебни задачи за Костурско, иако напоредно работи како учител во Д`мбени.

Во текот на учебната 1882/1883 година, Трпо Поповски го организира првото славјанско училиште во Костур. Во наредната 1883/1884 година, Поповски го превзема раководството и заедно со луѓето од околните села се залага училиштето да опстане, иако Егзархијата престанува да го финансира училиштето поради пројавените македонски ставови.

Во текот на 1885 и 1886 година, по интригите кои ги прават Грците и Егзархијата, многу учители се уапсени, а училиштата во Хрупишта, Д`мбени, Смрдеш, Косинец, Кономлади и Загоричани затворени. Поповски повторно бил уапсен од властите и без судење затворен во Корча. По осум месеци поминати во затвор, во 1886 година тој бил ослободен и испратен во Битола без право да учителствува и да го напушти градот. Истата година заминал во Цариград да бара објаснување од Егзархијата, која ниту му дава објаснување ниту го назначува за учител во Македонија. Откако останал без работа, Поповски прво заминал во Софија, а откако ни таму не добил задача, наредната учебна 1886/1887 година ја поминал во родното место, помагајќи во унапредувањето на Косинското училиште и Смрдешката црква.

Повторно бил назначен за учител во Корча дури во учебната 1888/1889 година. По четири години поминати во градот, Егзархијата решава да го затвори училиштето, а Поповски бил назначен за учител во Галичник. Набргу Егзархијата сфатила дека погрешила и повторно го назначила Поповски за учител во Корча, но тој одбива и се враќа во родното место. Набргу се предомислил и повторно го отвара училиштето во Корча, по што заминал во Цариград за ново назначување. Во 1893 година, на пат за Цариград, во Солун се сретнал со Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев и Трајко Китанчев, со кои разговарал за револуционерното движење во Македонија. По нивна сугестија, тој бил пензиониран како учител и ракоположен како свештеник, што му овозможува повеќе слобода за дејствување.

Во периодот од 1895 и 1896 година Трпо Поповски станал претседател на црковно-училишната општина во Лерин, а меѓу 1896 и 1904 година на Костур. Мекедонските револуционери го добиваат неговиот благослов, но, по Иванчовата афера во 1901 година, тој бил уапсен од турските власти и како член на Македонската Револуционерна Организација е осуден на 7 години робија. Во затворот во Корча лежел до есента 1902 година кога бил амнестиран. Меѓутоа повторно бил затворен во Битолскиот затвор во февруари 1903 година.

Трпо Поповски бил ослободен од затвор во пролета 1904 година. Истата година тој бил поставен за претседател на Битолската општина и истовремено бил и претседател на Костурско и Битолскиот окружен револуционерен округ на МРО, а андартите му ја убиваат жената. Во текот на наредните две години тој учествува во дарителната акција со храна, облека и пари за настраданите села за време на Илинденското востание во Костурскиот и Охридскиот реон.

Во нападот на куќата на Поповски во Битола во 1907 година, турската војска ја убива неговата 18 годишна ќерка Василка, по што тој заминува во Бугарија. Во Македонија се враќа по Младотурската револуција и служи како архиерејски намесник во Кичево до 1911 година. Потоа службува во Ресен, а по доаѓањето на Србите во јули 1913 година, бил протеран во Грција каде е затворен. По ослободување од затворот од Атина, Поповски повторно наоѓа засолниште во Бугарија. Во текот на ноември 1913 година, Поповски бил испратен во Албанија за да им помага на македонските бегалци, но и таму под влијание на грчките и српските агенти бил уапсен од Есад паша Топтани. Сепак, под влијание на македонските дејци и Хасан бег Приштина, Поповски бил ослободен и прво работи во Шкодра, а потоа во 1914 година во Корча. По навлегувањето на Грците, тој го напушта градот и се повлекува во Бугарија.

Во 1911 година Македонската студентска младина во странство му испраќа изданија и допис на Сојузот на Македонските студентски друштва во кои му оддава признание на Трпо Поповски за неговата црковна и револуционерна борба со надеж дека ќе дочека ослободување на поробената Македонија. Но, наместо ослободување на својата земја, Поповски доживеа да види како Македонија е распарчена.

Трпо Поповски умира на 25 мај 1928 година во Софија. Тој ќе остане запаметен како „народен човек, со благо срце и добра душа, достоен служител на светата црква и добар работник на Христовата нива“.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.