Среда, 05 Јуни 2013    PDF Печати Е-пошта
Антон Лазов Јанев - Ќосето

Andon_KiosetoАнтон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа во 1901 година на мисионерката Мис Стон, како и во Илинденското востание во 1903 г. Потоа бил војвода во Гевгелиско, инспектор на четите, делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ (1905) и доброволец во Македонско-одринското ополчение (1912–1913), по што живеел во Горна Џумаја. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот го испраќале Ќосето.

Антон Лазов Јанев е роден на 25 декември 1855 година во селото Голозинци, Велешко. Најголем дел од детството го поминал во родното место, каде со двајцата браќа и двете сестри се занимава со овчарство. На шеснаесетгодишна возраст, Андон со семејството се преселил кај чичко му во Велес, откако татко му Лазо, како првенец во селото, бил наклеветен од некои соселани, а потоа уапсен и одведен во Солун.

По обидот за убиство на видниот турчин Али Чауш, кој сакал да му удри шамар зошто не му оддал почит додека поминувал, Андон го напуштил Велес и избегал за Солун. Даме Груев кој бил известен со писмо за настанот во Велес, преку учителот Атанас Мурџев и поп Стано, го придобиле Андон да им се приклучи на Македонската Револуционерна Организација. Подоцна тој се запознал со Даме Груев и директно добивал наредби од него. Организацијата го ангажирала да работи како таен полицаец, а извесен период за да го прикрие идентитетот и својата илегална активност го возел пајтонот на д-р Христо Татарчев.

Меѓутоа, Андон често пати знаел да работи на своја рака во пресметката со српската и грчката пропаганда, која ја попречувала работата на Организацијата. По убиството на виден Турчин, властите ја ангажирале и војската да го бараат. Откако, не го нашле во Велес, турските власти го носат во Солун неговиот постар брат Илија кој во соработка со српскиот учител Пејчиновиќ трагаат по Андон. Постоела опасност да биде разоткриена целата Организација, па Андон самиот предложил да се ликвидира брат му, што било и направено. Потоа, ги помага Иванчо Карасулијата и Митре Дудуларски во убиството на српскиот ренегат Илија Пејчиновиќ.

Дејствувањето на Андон без знаење на Организацијата, што довело до голема врева и ангажирање на војската, предизвикало голем револт кај Даме Груев кој го предупредил, велејќи му: „Уште еднаш такви работи да не правиш, дури и ако те навредат. Само тогаш кога ќе ти дадеме некоја задача, само тогаш ќе дејствуваш“.

Во мај 1897 година, по наредба на Организацијата, заедно со Ицо Џорлев од Кукуш и со гевгелиските раководители на Организацијата, Андон учествува во извршувањето на смртната пресуда врз доушникот на турската власт и водач на гркоманската партија во Гевгелија Христо Цицов (Цицо). Егзекуцијата била извршена пред очите на кајмакамот во Гевгелија, по што турските власти прават сериозна потера. Андон се вратил во Солун, но по краток престој, за да не биде откриен од потерата, Организацијата го испратила надвор од градот.

Андон се приклучува на четата на Илија Крчовалијата и Михаил Апостолов – Попето, со која кружи низ Кукушко. Со неколку соработници успел да фати чорбаџиски син за кого бара откуп. По 25 дена добиле 1.000 лири, пари наменети за Организацијата, но дошло до несогласувања. На пат за Бугарија, Андон и соработниците биле уапсени откако ја поминале границата и биле однесени во затворот во Пловдив. Во текот на распрашувањето, Андон одговорил дека е член на Македонската Организација и дека не го познава Гоце Делчев. Но, по десетина дена, во затворот доаѓаат Гоце Делчев и Антон Бозуков, кои го ослободиле Андон и соработниците.

Андон во прво време останал во Софија, а потоа во неколку наврати влегува во Македонија каде со соработниците извршувал задачи добиени од Гоце Делчев. На Андон му се приклучил и Попето, а по доаѓањето на Гоце Делчев, групата учествувала во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, но акцијата завршила неуспешно откако бегот се ослободил и избегал.

Во 1897 година, по разделбата со Делчев и враќањето на Михаил Попето, кој во меѓувреме бил во Бугарија, групата на Андон почнала да дејствува насекаде каде немало чети на Организацијата. Околу три години терористичко-агитационата група на Андон се движеле во Кукушко, Дојранско, Гевгелиско, Малешевско, Струмичко и по извесно време состојбата во Организацијата се стабилизирала. Се собираа пари, се купуваше оружје, селаните се обучувале да стрелаат и да чуваат стража.

За своето делување во овој период Андон Ќосето подоцна раскажувал: „И така јас започнав да се движам насекаде, минувајќи и од едната и од другата страна на Вардар, во Кукушко, во Дојранско, Малешевско, Струмичко. Едно време јас требаше да ги обиколувам и другите околии. Ќе се појавеше некаде раздор или, пак, не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг реон, а тој го предавав на друг. Се расправав само со непријатни гости. Како да се наоѓав пред една шума, преку која не минуваше пат, та јас со секира в раце требаше да правам пат среде таа гора. Веднаш потоа излегоа, за секој реон чета. А ние бевме првата чета. И јас ќе отидам таму, ќе скокнам, каде со добро, каде со нож. По едно време се заплашија...“

Во меѓувреме, на барање на Гоце Делчев, за да се рашири организацијата, Андов се разделува со Михаил Попето, кој заминал за Кукушко. По две години Попето бил убиен од арнаути, а Андон ги ликвидирал неговите предавници и убијци. Јане Сандански кој во тоа време бил во Дупница му испратил писмо во кое советува дека не било добро да се ликвидирааат попови и учители зошто тие можат да им требаат, на што Андон одговорил дека не прима совети од лица кои живеат надвор од Македонија. Набргу потоа, во 1900 година, Андон ја имал првата средба со Јане Сандански. Тој го организирал префрлањето на четата на Јане Сандански и му дал корисни информации за состојбата на теренот.

Откако Организацијата се соочила со недостаток на средства, повторно се сретнале со Јане Сандански и Христо Чернопеев за да го организираат пленувањето на Сулејман бег во Горна Џумаја. Увидувајќи дека тешко можат успешно да ја спроведат акцијата, тие своето внимание го насочиле на мисионерката Мис Елен Марија Стон, која се канела да го посети Серско и Струмичко. Андон кој станал добар пријател со Сандански, учествувал во шестмесечното криење на Мис Стон од турските потери, а по добивањето на откупот бил задолжен да ги ослободи. На 23 февруари 1902 година, Андон ја ослободил Мис Стон во селото Градошорци, во непосредна близина на Струмица.

Во текот на Илинденското востание заедно со Ѓорче Патров и Лука Иванов предводи чета во Прилепско. По судирот со турскиот аскер кај Тројаци, Андон се разделил и заминал со 30 востаници за Велешко. На 17 октомври 1903 година, кај месноста Клепа, во близина на селото Скачинци, четата на Андон имала тежок судир со турскиит аскер кој броел 500 души. Меѓутоа, на помош му дошол Борис Сарафов со 70 востаници, кои ги нападнале Турците од заднина. По успешниот пробив, Андон со четата заминал за Бугарија, каде пристигнал во средината на декември 1903 година.

По Илинденското востание, Андон учествувал во работата на Серската група и ја подготвувал селската милиција во Струмичко и Малешевско. Во 1905 година бил делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ, а во 1907 година, поради својата блискост со Серската група, по убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов, Андон бил затворен единаесет месеци. Во затворот бил држен многу строго и не му дозволувале никаква посета и писма, а за тоа време немал никаква поддршка од организацијата, ниту од другарите.

На обвинувањата дека е санданист и разбојник, Андон им одговарал дека не е ниту санданист, ниту сарафист, ниту делчевист, туку човек на Организацијата и дека не служи на личности, туку на Македонија. За време на Младотурската револуција, Андон успеал преку еден Турчин да испрати писмо до Јане Сандански за да му обезбеди потврда од турските власти дека не бил разбојник, туку револуционер. Сандански му испратил таква потврда која ја презентирал пред судот по што бил ослободен од сите обвиненија. По излегувањето од затвор, разочаран од Организацијата, Ќосето ја фрлил пушката и му се вратил на обичниот живот.

Меѓутоа, со почетокот на Балканските војни во есента 1912 година учествувал во формирање на чета на чије чело бил Христо Чернопеев. Заедно со 12 – тата чета од 27 – ми чепински полк, учествувал во нападот на Разлог. Потоа служел во штабот на 13-тата кукушка дружина.

По војните, Андон Ќосето живеел во Горна Џумаја, денешен Благоевград, каде работел како службеник во тамошната администрација. Секогаш говорел со огромна почит за Гоце Делчев, а знаел да пушти солзи кога зборувал за него. „Кој го знаеше и кој не го знаеше, го почитуваше. Сите чети, што ги имаше тогаш, легални, нелегални, сите му беа нему потчинети. Кај него немаше никогаш груба забелешка, да рече лош збор или, пак, да се намурти. Се' си беше весел. Беше многу доверчив“, раскажувал подоцна Андон за големиот македонски револуциоенр.

Антон Лазов Јанев – Ќосето умира на 10 септември 1953 година во Благоевград. Живеел сто години и ликвидирал сто луѓе кои го злоупотребувале македонскиот народ, меѓу кои Турци, гркомани, србомани, но и предавници на Организација.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.