|
||||
Михаил Чеков |
Михаил Наумов Чеков е македонски револуционер, член и војвода на Македонската Револуционерна Организација, учесник во Илинденското востание. Активно учествувал во градењето на револуционерната мрежа на организација и во вооруженото востание во својот крај во текот на 1903 година.
Михаил Чеков е роден на 25 јуни 1873 година во селото Горно Врбени, Леринско, Егејскиот дел на Македонија. По завршувањето на Солунската гимназија - педагошка насока во 1892 година, Михаил Чеков бил назначен за главен учител во селото Ваташа. Потоа учителствувал во родното место, каде станал претседател на месниот револуционерен комитет на ТМОРО. Михаил земал активно учество во ширењето на мрежата на Македонската Револуционерна Организација. Во текот на 1902 година бил уапсен и лежи кратко време во затворот во Битола. Михаил Чеков и Георги Папанчев, како претставници на Леринскиот реон, учествуваат на Смилевскиот конгрес (2 - 7 мај 1903), на кој било донесено решение за кревање на Илинденското востание. На Конгресот Чеков доаѓа заедно со Ѓорѓи Сугарев, додека останатите делегати веќе биле пристигнати. Во своите спомени, Михаил Чеков вели дека „чуствувал огромна привилегија што имал можност да учествува на Смилевскиот конгрес заедно со останатите борци за слобода на поробена Македонија“. Во текот на мај 1903 година, Михаил Чеков и Георги Папанчев одат во леринското село Баница, каде требале да се сретнат со сите раководители од Леринскиот реон. На советувањето за подготивките за кревање на востанието дошле 40 лица, како и пристигнатите од Софија Васил Попов и Сиљан Партов кои требале да се вклучат во четите. Средбата била веќе при крај, кога на 20 мај селото Баница било опколено од редовната турска војска. Во судирот кој настанал при повлекувањето на четниците од селото, загинале војводата Георги Попанчев, помошникот на војводата Васил Попов, секретарот на четата Стојан Партов, како и 13 други четници. Михаил Чеков ги собрал преживеаните четници и се повлекол кон Горно Врбени. Набргу потоа, заедно со Георги Поп Христов се враќа во селото Баница за да откријат кој ги предал. Ги собрале сите членови на Организацијата и по извршениот распит на кој била докажана вината, бил осуден и убиен предавникот, додека неговиот помошник бил казнет. Во согласност со одлуката на Смилевскиот конгрес, четите грозничаво се припремале за востание. По веста за започнување на востанието, била донесена одлука да се нападне железничката станица во селото Горно Врбени - Леринско, Егејскиот дел на Македонија. Михаил Чеков, Георги Поп Христов, месните војводи Тего Хаџиев и Георги Чакров од Банско (специјалист за динамит), заедно со чета од околу 200 души ја нападнале железничката станица. Во нападот биле убиени 4 турски војници, а неколку биле повредени. Меѓу востаниците имало двајца ранети меѓу кои и братучедот на Михаил, Илија Чеков, кој бил смртно ранет. Откако нападот успешно го спровеле, при повлекувањето ги исекле телеграфските жици во околината, а потоа се здружиле со востаниците кои ги предводел Васил Чакаларов. На 12 август 1903 година, здружените чети го зазеле селото Невеска. При нападот биле заробени 7 војници, 40 пушки, потоа прехранбени артикли, како и брашно кое му е дадено на месното влашко население. По известувањето дека од кај селото Загоричани доаѓа турската армија со артилерија, востаниците по кратката пресметка кај месноста Врбица се повлекуваат према селото Емборе, а потоа према Љуботенското блато за да се сретнат со Љуботенската чета. По три дена поминати кај Љуботенското блато четата на Чеков се вратила во горите над селото Горно Врбени Леринско каде полесно доаѓала до храна. На овој простор тие го поминуваат времето до есента. Есента 1903 година, Михаил Чеков и Георги Поп Христов се повлекуваат кон селото Буф каде Борис Сарафов ги чекал да се сретнат. Таму пристигнале и четворица војводи од Преспа, по што Сарафов им сопштил за одлуката на Штабот дека востанието е завршено и дека оружјето треба да се складира, а војводите и востаниците да се вратат дома. По одлуката за организирана демобилизација на востаниците, турските власти дале амнестија за населението и четниците, но не и за војводите. Михаил Чеков илегално ја поминал зимата во селото Горно Врбени. Иако востанието било крваво задушено, населението го задржува духот и често бара во случај на спор за одредени прашања, организацијата и војводите да посредуваат. Чеков често морал да оди по селата и да разгледува одредени спорови. Меѓутоа, турските власти се` почесто превземале претреси, што го принудува Чеков да размислува да се префрли во Бугарија. Во пролетта 1904 година, Михаил Чеков илегално ја преминал границата со Грција. По пристигнувањето во Лариса бил приведен од грчките власти, а потоа заедно со Горги Иванов од Острово, стражарно бил спроведен во Атина. Во градот пристигнале на првиот ден на Велигден, но наместо веднаш да биде притворен стражарите пријателски се однесувале и го прошетале низ градот. Чеков во своите спомени за овој настан вели: „За време на прошетката влеговме во една пивница за да се почестиме. На масата имаше и други лица-Грци, и кога разбраа дека сме бугари извикаа Зито Вулгарија (да живее Бугарија). Но, јас им кажав дека сум Бугарин ама Македонец. И тие пак извикаа Зито Македонија (да живее Македонија)“. Чеков дури утредента бил затворен, а по 20 дена испрашување бил пренесен во големиот затвор во Пиреја. Таму останал до есента истата година кога по интервенција на бугарскиот дипломатски претставник не бил ослободен. Истиот го снабдил со патни исправи и бродски билети за да може да одпатува за Бугарија. По доаѓањето во Бугарија, Михаил Чеков бил вработен во Бугарската корпоративна банка. До почетокот на Балканската војна службувал во Горна Ораховица, Плевен и Софија, а потоа бугарските власти го испратиле во Атина. За оваа мисија Михаил Чеков во своите спомени вели: „Во Балканската војна бевме испратени во Атина четворица Македонци да организираме чети од Македонци, кои се вратиле од странство, за да земат учество во војната со Турците. Но оваа мисија остана без резултат“. Михаил Чеков по војната бил пензиониран, а во 1919 година се населил во селото Л’џене (подоцна Велинград). Умира во наредната 1957 година во Велинград, Бугарија. |