|
||||
Анастас Лозанчев |
Анастас Лозанчев (8. IV. 1870 – 8. XI. 1945) е македонски револуционер, член, раководител и војвода на Македонската Револуционерна Организација. Во јануари 1903 година учествувал на Солунскиот конгрес и бил еден од иницијаторите за донесување одлука за кревање востание. На Смилевскиот конгрес бил избран за член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ. Од седумнаесеттемина присутни на Солунскиот конгрес, во востанието учествувале само Лазар Димитров и Анастас Лозанчев, кој оставил спомени за овие настани. Анастас Лозанчев, познат под псевдонимот Гроздан, е роден на 8 април 1870 година во Битола. Се школувал во Битола и во Солун, каде во 1885 година завршил V клас егзархиска гимназија. Потоа, во 1887 година заминал за Софија каде го изучува фотографскиот занает, кај фотографот Карастојанов. Поради болест се вратил во Битола и во периодот од 1891 до 1893 работел како учител во селата Смилево и во Могила, Битолско. Во меѓувреме, Анастас купил фотографски апарат од Белград и почнал да работи како фотограф во Битола. Во наредните месеци тој ги обиколувал Костурско, Охридско и други места. Фотографскиот занает подоцна му овозможува да ја прикрие својата револуционерна активност. Во 1893 година, Анастас Лозанче учествуваше на советувањето во Ресен, на кое присуствува и Даме Груев кого го познавал уште како дете. Уште додека бил мал, нивната куќа била засолниште на луѓето кои го кренаа гласот против Османлиската власт. Во 1894 година, прв од покрстените лица во Битола бил Атанас Лозанчев, потоа Пере Тошев, Георги Пешков и Глигор Попев, а подоцна и Ѓорче Петров. Како еден од првите членови на Организацијата во Битолско и како член на Окружниот комитет во Битола, Атанас Лозанче активно помага во градењето и ширењето на револуционерната мрежа во Битолско. Секоја година правел обиколки и ги посетувал Кичево, Охрид, Струга. Тоа го привлекува вниманието на Турците, кој еден ден од Костур го вратиле во Битола со врзани раце. Тој бил првиот член на организацијата во Битола, кој за организациони работи бил затворен. На почетокот Анастас Лозанчев работи со Пере Тошев, а потоа со Георги Попхристов и Георги Пешков. Тој посебно ги почитувал Пере Тошев и Гоце Делчев, кој престојувал неколку дена во неговиот дом. Делчев кој при обиколката вршел ревизија на четите и го поткревал духот на населението, инсистирал на забрзана набавка на оружје. По апсењето на Попхристов и Пешков во Јосифовата афера во февруари 1902 година, кога е откриен каналот за пренос на оружје, како и по заточувањето на Даме Груев во Подрум Кале во почетокот на јуни истата година, Анастас останува сам да раководи со комитетот во Битола. Сето ова ќе влијае врз неговата одлука за забрзано кревање на востание. Во јануари 1903 година присуствува на Солунскиот конгрес на Македонската Револуционерна Организација. На Конгресот на кој не бил присутен ниту еден од основачите на Организацијата или некој од поистакнатите дејци кои директно биле запознати со состојбите на теренот, било донесено решение за предвремено кревање на востание, а за ова биле обвинети покрај Иван Гарванов и Анастас Лозанчев. На обвинувањата дека бил еден од иницијаторите за донесување одлука за кревање востание и дека тоа била негова лична амбиција, тој во своите спомени вели дека на Конгресот ги искажал своите лични ставови, бидејќи претходно „не бил известен за дневниот ред и немал можност да го изнесе мислењето на неговите другари од ќелијата“. Во однос за причините зошто бил за кревање на востанието, Анастас Лозанче во своите спомени меѓу другото ќе напомене дека: „Подготовките беа такви, што не можеше да се одолжи за 10 - 20 години, потоа многу Македонци, не знам по чија сугестија, на организацијата или пак однадвор, започнаа масовно да се враќаат по своите родни места во текот на зимата, дури и есента, а Костурчани и Леринчани заплашуваа, дека сами ќе кренат востание, како и големиот страв од откривање на оружје (особено по убиството на војводата Марко Лерински) и непрекинатите судири со турски единици по зголемување на четите“. Според него: „Од излагањето на делегатите станало јасно, дека подготовката по окрузи и околии била доволна“. По Солунскиот конгрес, подготовките за востание се забрзале. Согласноста на Делчев која му ја дава на Даме Груев, дека иако е против кревање на предвремено востание, ќе дејствува во организирањето на напади на тунели и железници, дал нов посебен импулс на подготовките. Конечниот договор за кревање на востанието е донесен на Смилевскиот конгрес на почетокот на мај 1903 година, на кој присуствува и Анастас Лозанчев. Големо влијание врз одлуката да се крене востанието имале вестите кои пристигнале за време на заседанието, а кои говореле за настанатите атентати во Солун. Подоцна и новината за мајскиот преврат во Белград, во кој е убиен српскиот крал Александар Обренович и кралицата Драга, само ги потврди овие одлуки. На Смилевскиот конгрес за претстојното Илинденско востание, Анастас Лозанчев бил избран заедно со Борис Сарафов и Даме Груев за член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ. Токму нивниот едногласен избор, според спомените на Лозанчев, бил доказ дека кај сите постоела согласност за востание. Во текот на Смилевскиот конгрес, Лозанчев како фотограф, направил заедничка фотографија на учесниците на Конгресот, меѓутоа фотодокументацијата за Конгресот била неповратно изгубена, откако еден од четниците поради непознавање го осветлил материјалот. Од седумнаесеттемина присутни на Солунскиот конгрес, во востанието учествувале само Анастас Лозанчев и Лазар Димитров, иако гласал против одлуката. Во текот на Илинденското востание, Анастас Лозанчев најчесто се движел од Смилево и планината Бигла кон Демирхисарско, Ресенскиот и Кичевскиот крај. Во размената на оган со турските заседи и потери, успева да се извлече и да остане жив. По повеќе месечни борби, согледувајќи дека се целосно изолирани од големите сили и соседните држави и дека не можат да очекуваат надворешна интервенција, за да се поштеди народот од натамошно масакрирање, Востаничкиот штаб издал директива за запирање на Востанието. Откако Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев донеле решението да се распуштат четите и да се прибере оружјето, Сарафов преку Преспа заминал за Мариово, а Лозанчев за Битола, каде илегално престојува до пролетта 1904 г. По извесно време му се приклучил и Даме Груев, а подоцна во Битола пристигнале Ѓорче Петров и Пере Тошев, со кој поминувал најголем дел од времето. Во меѓувреме во Битола започнале да издаваат весник, кој го литографираа. Во мај 1904 година, Лозанчев заминува за Смилево, а оттаму со четите ги обиколува Охридско и Дебарско. Во септември 1904 година, Лозанче заминал за Албанија, а потоа преку Црна Гора и Риека заминува за Белград од каде успешно се префрла во Бугарија. По доаѓањето во Софија, Лозанчев не сакал да живее на товар на организацијата, па се зафатил за работа. Работел прво како продавач, потоа го изучил и се занимавал со сарачкиот занает, а потоа стапил во служба во дирекцијата за статистика. Во Македонија, Лозанчев се вратил по Младотурската револуција во 1908 година. Во Битола се занимавал со приватна дејност и таму останал се` до воспоставувањето на српската власт во 1913 година, а потоа повторно се преселил во Бугарија. Од тогаш престанал да се занимава со политика и до крајот на својот живот претежно се занимавал со производство. Анастас Лозанчев умира во Софија на 8 ноември 1945 година. Анастас Лозанчев кој бил горд што придонел за кревање на востанието ќе забележи: „Ако го немавме Илинденското востание со што ќе се гордеевме? Ако не беше Илинденското востание, со што ќе го оправдаше своето постоење толку славната организација како што е Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација“. Како и да е, со Илинденското востание и Крушевската Република во 1903 се удрија темелите на денешната македонска држава. |