|
||||
Атанас Мурџев |
Атанас (Тано) Перев Мурџев со псевдоним А. Планински е македонски револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација и Македонскиот комитет. Атанас Мурџев е роден на 31 јануари 1872 година во Прилеп. Со основно и прогимназиско образование се стекнува во родното место, а потоа ја завршил Солунската машка гимназија „Св Кирил и Методиј“. Таму се спријателил со Даме Груев, Пере Тошев и Ѓорче Петров. Привлечен од Даме Груев, во 1894 година Мурџев станува еден од првите членови на ТМОРО. На почетокот дејствува како агитатор и организатор на Македонската револуционерна организација, а потоа станува четник. Во периодот кога се градеше мрежата на Организацијата, Васил Панчев, поп Стамат Танчев, Григор Иванов Тотев и Атанас Мурџев беа најдоверливите помошници на Даме Груев. Преку четворицата се регулираа тајните состаноци на Даме Груев со луѓето кои доаѓаа од внатрешноста по организациски работи, добиваа доверливи задачи и преку нив се одвивала тајната пошта на Организацијата. Во 1896 година Тано Мурџев дејствува со Гоце делчев во Разлог, а наредната година учествува во организирањето на бомболеарницата во пијанечкото село Сабљар, југисточно од Ќустендил. Во 1898 година бил предаден, уапсен и затворен во Прилеп. Успеал да избега од затворот и се префрлил во Бугарија. По одлуката на Македонската револуционерна организација да го стави под контрола Македонскиот комитет, со поддршка на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, Борис Сарафов бил избран за претседател, а Мурџев станал член на Комитетот. Така, во 1900 година доаѓа до таканаречената мајска спогодба, која од страна на МРО ја потпишале Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а од страна на Комитетот полковникот Иван Цончев, потполковниците Јанков и Стефан Николов, поручникот Стојчо Гаруфалов и Атанас Мурџев. Спогодбата меѓудругото предвидувала лицата од составот на ВМК, кои даваат клетва според правилникот на МРО, да ги прекинат сите врски по делото со Бугарија и да останат неразделно поврзани со МРО. Подоцна Атанас Мурџев влегува во Македонија заедно со четата на Кочо Мустракот, кој за Организацијата го придобил Гоце Делчев. Во 1902 година кај Зборско се сретнал со четата на Тома Пожарлиев, по што двете чети заминуваат за Прилепско. На 2 септември 1903 година на Руен Планина, Атанас Мурџев го развил знамето на Разградското македонско-одринско друштво по што учествува во Илинденското востание. Неговата чета, заедно со четите предводени од војводите Тома Пожарлиев, Григор Манасиев, Никола Дечев, Иван Топчев, кои бројат 152 лица, во текот на септември 1903 година дејствуваат во Кратовско. На 25 септември 1903 година овие чети биле опкружени од 7.000 турска војска и башибозук кај селата Луково и Емирица, Кратовско. Таму се развила една од најголемите борби во Скопскиот револуционерен округ. Во борбата меѓу обединетите чети и отоманската војска, која траела до вечерта (околу 15 часа), загинале 31 четник и војводите Дечев, Манасиев и Топчев. Во текот на ноќта, Мурџев со преостанатите четници успеал да се повлече во Бугарија. Набрзо потоа, Атанас Мурџев бил назначен за војвода на нова организирана чета од 400 -500 луѓе. Заедно со војводите Сотир Атанасов и Никола Пушкаров, оваа чета потоа води борби со аскерот кај Крива Паланка и Долна Љуба. По избувнувањето на Првата балканска војна во 1912 година, Мурџев учествувал како доброволец во Македонско-одринското ополчение и служел во четите на Јане Сандански и Дончо Златков. Во мај 1913 година бил избран за член на Штабот на Тиквешкото востание. По втората балканска војна се населува во Бугарија. Долго време по задушувањето на Илинденското востание, Атанас Мурџев го чувал востаничкото знаме во својот дом. Во 1943 година тој го предал илинденското знаме на Главниот воен музеј на Бугарија. Атанас Мурџев починал на 21 април 1944 година. |